Каталонскиот национализам - враќање во минатото | Свет | DW | 20.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каталонскиот национализам - враќање во минатото

Мадрид ја избра најдрастичната опција - ограничување на каталонската автономија. Барселона опстојува на намерата за независност. Што сакаат всушност националистите, живот во 18. или во 21. век, прашува Барбара Везел.

Шпанската влада, согласно на очекувањата, ги оствари своите закани. Таа почнува со активирање на членот 155 од Уставот,  што би значело силно ограничување на автономијата на Каталонија или нејзино целосно укинување. Ситуацијата ескалира во толкави размери, што премиерот мораше да преземе нешто. Неговата одлука е - да воспостави повторно ред и поредок. Истовремено, ни во Барселона и кај каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон не постои голема подготвеност за откажување од т.н. Декларација за независност. Сето почнува да наликува на верижен судир во магла на автопат.

Апсурдно политичко потфрлување

Маглата во случајов е од политичка природа. Во Шпанија се случува тотален крах на државничката умешност.  Кај Маријано Рахој отсуствува секаков политички инстикт, тој се однесува како правник, кого единствено го интересира словото на законот, а не и неговата смисла. Нему му недостигаат флексибилност и емоционална интелигенција. Уште пред повеќе месеци, Рахој мораше да спречи конфликтот да ескалира до толкави димензии, да дојде до удар во ѕид. А репресиите, као апсењето на двајцата сепаратистички водачи, води само кон натамошно зовривање на страстите и сплотување во движењето за независност.

Однесувањето на каталонската регионална влада е исто толку апсурдно: идеолошки мотивирано, тврдоглаво и првенствено - неодговорно. Екипата во Барселона фатално потсетува на студентски парламент: горливи говори, хероистички одлуки, а никој не разговара за последиците. Нејзините проценки се едноставно ирационални. Борците за независност затвораат очи пред мигрирачките фирми и падот на економскиот раст. Не ги загрижува дури ни падот на бројот на туристите. Спремни се на секоја жртва, без оглед на цената.

Spanien Barcelona Barbara Wesel vor Palau de la Generalitat de Catalunya (Getty Images/S. Gallup)

Барбара Везел пред зградата на каталонската влада во Барселона

Идентитет и стремеж кон власт

Каков е национализмот во чие име овде се подигаат барикади? Од една страна, станува збор за идентитетска политика, тренд кој се шири во светот: изолационизам, арогантност кон соседите. Погонско гориво е популизмот, со кој виртуозно се палат страсти, лукава пропаганда и велемајсторска манипулација спроведувана преку социјалните медиуми.

Меѓутоа, зад тоа одново стои баналната желба за власт на актерите од Барселона. Каталонската регионална влада комотно се рашири, релаксирано отфрлувајќи ги обвинувањата за корупција, убедена дека може да ја повишува цената. Карлес Пуџдемон сака од еден локален лидер да прерасне во вистински премиер, да учествува на самити, да биде некој на меѓународната сцена.

Поглед кон назад, наместо кон напред

Проблем е што сето тоа не оди заедно. Приврзениците на независноста својата национална посебност ја аргуменираат со една загубена битка во 1714. година, кога шпанскиот крал ја освоил и ја припоил Барселона. Каталонија последен пат  била независна пред 200 години, а денес многумина мислат дека треба да ги исправат историските неправди. Постојат сличности со Балканските војни, со Брегзит, и воопшто со сите ирационални превирања мотивирани од историски соништа.

Како тоа би изгледало конкретно? Каталонија е економскиот мотор на Шпанија, успешна на глобално ниво. Но, тоа функционира само во поврзница со шпанската држава и ЕУ. Во екот на тензиите, големите фирми ги повлекуваат своите седишта и централи од Барселона, зашто не сакаат несигурна правна ситуација и носталгични изблици на емоции. Регионот живее и функционира во 21. век, а погледот го врти наназад, во 18. век, во времето на кралот Филип Петти. Оваа шпага е преголема. Борците за каталонска независност мора јасно да се определат за една епоха, да изберат помеѓу минатото и сегашноста, во спротивно ќе станат вистински историски губитници.

 

DW.COM

Реклама