Каталонија: „Рахој никому не му излегува во пресрет“ | Свет | DW | 01.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каталонија: „Рахој никому не му излегува во пресрет“

Регионалната влада во Барселона е развластена, изборите се распишани за 21. декември, но како натаму? Мадрид треба да биде воздржан, советува експертот Гинтер Мајнхолд од берлинската Фондација за наука и политика.

Дојче веле: Ситуацијата во Каталонија дополнително се комплицираше, регионалната влада во Барселона е сменета. Што сега, дали принудните мерки ќе го ослабат сеператистичкиот табор или ќе му дадат замав?

Гинтер Мајнхолд: Многу зависи од начинот на кој шпанската влада ќе ги спроведува принудните мерки. Доколку се одлучи за остра интервенција, која на сеператистите би им дала можност да инсценираат нови акции и себеси да се претстават во улога на маченици, тогаш претстојат тешки времиња.  Но, ако Мадрид се определи за поинтелигентна стратегија и поумерени принудни мерки, и ако се влечат потези од Мадрид, а не на лице место, тогаш до изборите на 21. декември би настапиле поволни услови за примена на членот 155 од Уставот на Шпанија.

ДВ: Што му советувате на Мадрид?

Правилна одлука е изборите да бидат одржани релативно наскоро, зашто така картите во сеператистичкиот табор треба наново да се мешаат.  Од другастрана, така се наѕира и крај на примената на членот 155, зашто ќе се избере нов регионален парламент. Тогаш ќе следат нови преговори околу тоа на каква основа ќе бидат односите меѓу Мадрид и Барселона. Во секој случај, препорачливо е воздржано спроведување на мерките.

ДВ: Уште пред минатиот петок беше јасно дека прогласувањето независност нема реални шанси. Зарем на сеператистичкото движење не му е јасно дека удира со глава во ѕид?

Сепаратистите на чело со Карлес Пуџдемон во секој случај сакаа забивање на тој „политички колец“. Ја испратија во светот Декларацијата за независност и рекоа: „Тоа е сега појдовна точка за преговори“, барем така се толкуваше нивниот потег. Никој не верува дека со тоа се покрена процес на измени на Уставот, иако некои се обидуваат тоа така да го претстават. Сега е јасно: следната политички референтна точка се изборите на 21. декември. Најголем дел од каталонските партии веќе сега се подготвуваат за нив, мислам дека акутната фаза на ескалација е завршена.

Günther Maihold / Politologe / SWP (SWP)

Гинтер Мајнхолд: Акутната криза е завршена

ДВ: Дали Маријано Рахој е волен да им излезе во пресрет на Каталонците во поглед на финансиите?

Тој никому не излегува во пресрет, зашто е целосно фокусиран на победа над заговорниците на 21. декември. Во тој случај во Барселона би бил избран нов регионален парламент, кој би ја повлекол Декларацијата за независност или би ја претворил во преговарачки документ. За него преговорите се можни дури откако ќе биде конституиран новиот, легален парламент.

ДВ: Токму опишавте како би изгледало сценариото доколку на 21. декември победи про-шпанскиот табор. Но, што во спротивен случај, ако изборите во Каталонија завршат во корист на сеператистите?

Како и во првиот случај, прво ќе бидат неопходни преговори. Би требало да се разговара околу ширењето на движењето за независност, да се рагледаат прашањата за условите за автономија, во краен случај и условите за можна сувереност.

ДВ: Дали шпанската држава е сѐуште погодна за каталонска автономија? Или на земјата ѝ е потребна федерална структура?

Решавачка точка е што каталонското движење се изјаснува против федерално уредување, зашто притоа може да станува збор само за федерализам на разлики. Каталонија има историски идентитет и затоа кон неа е потребен поинаков однос отколку кон другите регионални идентитети. Затоа, германскиот модел на премин од централистичка во сојузна земја е тешко замислив во Шпанија. Сепак, има смисол да се извршат промени во статусот на автономија. Моментно, многу работи зависат од добрата волја на шпанскиот премиер.

ДВ: Политичките односи меѓу Мадрид и Барселона сега се затруени. Дали е можно санирање на пукнатините?

Се надевам дека изборите ќе придонесат кон тоа. Тоа е момент кога суверенот изрекува суд и на тој начин ги става вон сила владините политички игри. Сметам дека и покрај сите полемизирања, ситуацијата ќе се смири и политичките редови ќе претрпат преуредување.

Гинтер Мајнхолд е заменик-директор на берлинската Фондација за наука и политика. Неговите истражувања меѓу другото вклучуваат и теми како Латинска Америка, Шпанија и организиран криминал.

DW.COM

Реклама