Карневалистите го исмеваат Трамп | Свет | DW | 27.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Карневалистите го исмеваат Трамп

Под будното око на полицијата, карневалот во Рајнската област ја доживува својата кулминација. На централните карневалски поворки во фокус е американскиот претседател Доналд Трамп.

Карневалските поворки на Розенмонтаг во Келн, Диселдорф и Мајнц, денеска ги следат стотици илјади луѓе. На мета на карневалистите оваа година најмногу е американскиот претседател Доналд Трамп.

Во Диселдорф, инаку познат по своите особено дрски сатирични пораки на карневалските коли, прикажано е како американскиот претседател со вцрвенето лице ја злоставува Статуата на слободата која клечи на колена. На друга кола тој под насловот „Русокосо е новото кафеаво“ тој е прикажан со шефицата на десноекстремниот Национален фронт, Марин Ле Пен и холандскиот десен популист Герт Вилдерс покрај себе. Во друштвото исто така е и Адолф Хитлер со „избланширана“ коса.

Меѓу другите коли во Диселдорф, е и онаа со кандидатот на германските социјалдемократи за канцелар Мартин Шулц, кој е прикажан како човек од камено доба со копје во борба против „Мамути“ (кованица од зборовите мамут и 'мути', односно мајкичка, како што во Германија се нарекува Меркел, н.з.) Ангела Меркел.

Жак Тили, еден од градителите на карневалските коли за Диселдорфската поворка, изјави дека со оглед на тоа што поради зајакнувањето на десниот популизам аномалиите во меѓународната политика се станати посебно драматични, и колите на карневалот мора да бидат посебно „забиберени“.

Во Мајнц денеска во 11:11 часот тргна најдолгата карневалска поворка во историјата на овој град - дури 9 километри, а во Келн во карневалската поворка учествуваат повеќе од 10.000 луѓе, кои на насобраниот народ ќе му поделат повеќе од 300 тони слатки.

Поворката во Келн е под надзор на повеќе од 1700 полицајци. Големите пристапни патишта кон Келн денеска се затворени, а во градот, исто како и во Диселдорф и Мајнц, центарот е забранет за сообраќај на камиони. Тоа е мерка на претпазливост поради загриженост од евентуални терористички напади како оној на божиќниот пазар во Берлин. „Бев шокирана од сите овие полицајци со автоматско оружје“, вели 54-годишната Елке, која во Келн денеска пристигнала од Карлсруе. Таа додава: „Но, тие мора да го прават ова. Среќни сме што имаме полиција.“

 

Реклама