Канибализмот на Заев | Северна Македонија | DW | 28.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Канибализмот на Заев

Во хиперактивизмот и канибализмот на Заев не се наѕира пристап кој може да нѐ извади од партиските логики и неказнивост на корупцијата, клиентелизмот, криминалот и непотизмот. Колумна на Ивор Мицковски.

Ретко се случува во историјата на една земја, владината реконструкција да прерасне во причина за владина криза. Наместо владина реконструкција добивме деконструкција на една номинално социјалдемократска и реформска влада. Тоа е реалноста од последните конфузни чекори на премиер-аџијата Заев и несудениот, а сепак pro tempore министер за финансии, но одамна сме навикнати да гледаме како секоја злоупотреба и политичка произволност на владејачката партија поминува како речиси ништо драматично да не се случило.

Реалноста е дека доживеавме и сме сведоци на еден мал институционален инфаркт. По повеќе од две години токму тоа го ризикува земјата од нешто што еуфемистички можеме да го наречеме хиперактивизам на Зоран Заев. Помеѓу конфузните и честопати комплицирани политички лупинзи на премиерот, почнувајќи од самото составување на неговата влада до дубиозните начини како дојде до 2/3 мнозинство, а сега и последната комична и неосмилена владина реконструкција, отворена е една димензија која малку што има заедничко со физиономијата на еден уставен систем.

Сите досегашни еквилибризми, политички коалиции и пермутации, интерпретации на правното и уставното, поминуваа под плаштот на „повисоките цели“. Но, сега гледаме дека и старо-новата политичка мантра „Економијата пред сѐ“ се пакува во истиот стуткан целофан и ни се сервира како оправдание за една уште поголема конфузија, покрај веќе слабите владини реформски перформанси.

Барање спас

Со други зборови, бродот Македонија систематски патува низ правните недоречности и дубиози, низ систематското прекршување па ретерирање, од воспоставените правила и норми кон кои мора да се придржуваме во една демократија. Премиерот одлучува и наредува, најавува помпезно метли кои потоа ги трансформира во ужасни реконструкции, си доделува функции кои ни законски, ни по знаење не му припаѓаат, па потоа се повлекува низ генералната институционална конфузија, најавува дека ќе ги најде и потроши подобро парите, нешто во што неговите министри не успеале, иако две години биле фалени и држени на своите позиции. Ако многумина набљудувачи однадвор, многу порано ги нотираа слабите перформанси на различни полиња, тогаш дополнително загрижува времето кое му беше потребно на оној кој одвнатре би требало да ги менаџира работите.

Ако сакаме да бидеме кохеретни и консеквентни, мораме да нотираме дека оваа конфузна и лоша реконструкција, претставува елиминација на техничката и социјалдемократска компонентна во владата и доаѓа по неуспешниот продор во надворешната политика, односно добивањето на брз датум за преговори со ЕУ. Веќе пишував дека психодрамата на Заев околу датумот, беше со цел да ги сокрие слабите домашни реформски перформанси, да ја исфорсира раката на Западот и да ги примора на политички чекор, нешто што не наиде на разбирање. Последната недипломатска замерка на францускиот амбасадор Тимоние: „Што сте запнале со датумот, имате многу корупција и проблеми"; дефинитивно ја затвори таа несреќна и нетактичка епизода во премиерството на Заев.

Притоа, и тука Заев си го присвои и она малку добро сработеното од Министерството за надворешни работи, и на некој начин киднапирајќи ја внимателната политика на министерот за надворешни, направи серија на погрешни политички проценки и чекори. Немајќи повеќе каде да оди, реши дека спасот ќе го бара во економијата, како економијата на една држава да зависи само од финансиите. Или пак од брзоплети политички чекори на премиерот, а сепак тромави системски промени, кога во реалноста потребни се градуалност и континуитет, години добро работење, за политиките да го дадат посакуваниот ефект.

Во сето ова се наѕира една ужасна константа во функционирање на антисистемот Заев. Јас би ја опишал како: Канибализмот на Заев.

Заев се храни од туѓите функции, политички преживува преку изнасилување на нормите и законите, се прави поголем и посилен, преку институционалните кризи, или во најмала рака, преку самоволното интерпретирање на демократијата и остатоците од системот на поранешниот режим, додека во реалноста не спроведува реформи и не го менува антисистемот. Во исто време додека се жали на системот кој го наследија, тој не го менува, напротив, само поблаго го злоупотребува.

Шарените голтнати во еден залак

Надвор од институционалното, канибализмот е неговиот политички лајтмотив, нешто што му помогна да се вивне до самиот врв во партијата и државата. Неговиот политичко-партиски подем, потпомогнат од бомбите и аурата на херојство кое тие го донесоа, настапи како резултат на сериозното чистење, а фактички еродирање, декапацитирање и дефенестрирање на сите кадри со кои во животот соработувал, но кои ете, еднаш тој на врвот, се претворија во застарени, непријателски настроени, или со еден збор бранковисти. Како Шекеринска и самиот Заев да не биле бранковисти.

Потоа, во оние убави денови на граѓански протести, откако партиски ја присвоија Шарената, преименувајќи ја во револуција, на ред на менито дојдоа независните, невладините, или со еден збор Шарените. Беа голтнати во еден залак, за да се преточат во едно-две пратенички места, две-три советнички места и за на крај, по само две години владеење да бидат нагло исфрлени или претопени од партискиот организам.

Конечно на ред дојде и неговата „реформска и социјалдемократска“ влада. Во рамките на нејзиното работење, успеа да го изеде неверојатниот граѓански консензус и меѓународната поддршка, дури и добрите работи, како промената на името и договорите со соседите, да ги истроши како обични политички алатки. Најстрашно од сѐ, и она за кое најмногу му се замерува, е како ја прокоцка надежта на граѓанинот, таа потенцијална енергија и добронамерна наива, која е погонско гориво за реалните промени во општеството.

Од владата го изеде, буквално обидувајќи се да го проголтне и спои со своето премиерско тело, единствениот, заедно со Мила Царовска, социјалдемократски и реформски настроен министер. За сметка на тоа победи струјата на човекот кој порано не излегуваше од кабинетот на Груевски, дубиозниот бизнисмен кој во својство на министер си ја продаде фирмата, олицетворението на најлошата бизнис и дил-ориентед логика, господинот Кочо Анѓушев. Заедно со Тевдовски, само неколку месеци порано, веројатно намирисувајќи ја скарата која се потпалува во Финансии, си замина и личниот советник Бранимир Јовановиќ, уште еден човек познат по своите левичарски ставови и гледишта. Останува да виси дали некоја институција ќе се позанимава со неговата проштална порака до министерот Тевдовски, каде денунцираше: „Метлата” требаше да ги фати оние кои работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние кои местеа милионски тендери, оние кои трошеа државни пари, а ништо не работеа.

Во целиот процес беше изеден и заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, оставка која беше дисквалификувана од самиот премиер поради наводната разочараност на Атанасов од неостварената амбиција да стане министер. Не се сомневам во вистинитоста на овој факт, но исто така не гледам ништо погрешно човек кој е препознаен како стручњак во професијата, да има министерски амбиции. Да се условува премиер не е добра тактика, но на грбот на премиерот ќе остане заклучокот дека реформите во образованието не се оствариле, како и таа толку соодветна констатација во дадениов контекст на екс-заменикот, дека: „Револуцијата ги јаде сопствените деца“.

Глувост која се граничи со лудост

Сега гледаме дека оваа влада сака да грицне и од единственото здраво ткиво во оваа напатена држава, односно од независната култура. Политичката опција која во времето на Груевски беше обвинувана за немање програма, во својата предизборна програма, имаше страници и страници за тоа како политиката немало да се меша во културата, како таа ќе се оставела на вистинските професионалци, на луѓето од еснафот и што ли не друго. Денес гледаме еден арогантен и дрзок молк пред апелот на тие луѓе, една глувост која се граничи со лудост, и која на оваа влада, може да ѝ ја отклони поддршката од граѓанството кое беше најзаслужно за нивното доаѓање на власт.

Бесмислено е да се продолжува со набројување на состојбите во сите ресори, исклучоците како МНР и МТСП се единствените светли приказни, дадени во рацете на вистински професионалци и експерти, додека во сите други полиња наголемо е нотирано неспроведувањето на реформите и немањето конкретни резултати и подобрувања.

Ќе споменам уште еден битен ресор или поле на кое Заев се покажа како глутон. Реформите во правосудството извисија, додека судбината на СЈО и понатаму стои на масата на дилови помеѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ. Не се сомневам дека и таа надеж на граѓаните за правда и правна држава ќе биде сервирана на масата и изедена од страна на партиските интереси.

Единственото поле каде премиерот Заев не успеа нешто да одгризе, или барем да нагризе, беше и останува ДУИ. За волја на вистината Заев со доаѓањето на власт успеа да откине голем дел од електоратот на ДУИ, за потоа да им го врати на локалните избори, каде зачудувачки, работеше повеќе и од лидерот Ахмети за каузата на ДУИ. Од реконструкцијата ДУИ излезе нечепната, напротив - си доби дополнително министерство, буквално цело ново министерство, со преместен министер, (замислете тој што не сакаше да се бави со граѓаните, сега ќе се бави со односите меѓу заедниците), а гледаме дека итрите интегративци го бараат и раководењето со Министерството за финансии од страна на нивниот заменик-министер, додека Заев не одлучи да постави нов. Тендерската коалиција која ДУИ ја имаше со ДПМНЕ, продолжува да опстојува и со СДСМ. 

Други колумни од авторот:

Бунтот за Иловица кој не го гледаме!

Психодрамата на Заев!

Оттука доаѓаме до баналната, но многу реална констатација дека: Оваа влада не владее! Коалицијата е длабоко поделена, додека самите партии се во внатрешни клановски борби кои потоа имаат свои реперскусии врз реформските процеси. Се приближуваме до 15 месеци од крајот на мандатот на оваа влада, која сега планира со популистички и ефектни, но чисто се сомневам и ефикасни, економски политики да ја поправи сликата на неуспех и разочараност. Веројатно влегуваме во фазата на изборна кампања, а знаеме предобро, дека таквите фази најмалку од сѐ нудат реални реформи.

Во хиперактивизмот и канибализмот на Заев не се наѕира пристап кој материјално и духовно може да нѐ извади од партиските логики и неказнивоста на корупцијата, клиентелизмот, криминалот и непотизмот. Не е предвидено да излеземе од преголемата задолженост, од пренатрупаната администрација, од бенефициите и трошоците кои ги создава политиката. Оттука е неразбирливо како премиерот мисли дека во овие услови на недостаток на правна држава, при ендемско партиски спонзорирано рекетарство, продолжена партизација на општеството, отсуство на реформи, економијата ќе биде во состојба да се подобри. И до кога ќе мисли дека земјите членки од ЕУ нема тоа да го искористат, целосно легитимно, за да ги минимизираат успесите во нашата надворешна политика.

Премиерот Заев се откажа од социјалдемократскиот или левичарски пристап кон реформите, последното нешто кое даваше некаква надеж за промени. Во таа изгубена логика, без тронка сомнеж, она што една реформска политика ја квалификува како доследна процедура, не е само ограничувањето на ширината или длабочината на посакуваната трансформацијата туку градуалноста, симултаноста во уништувањето на лошото и градењето на доброто, потврдувањето на новото заедништво преку валоризирање и на старото што е валидно, но и потенцирање на новото што се наметнува како нужно. Реформирањето на структурата или на системот, оди токму преку таа комплицирана постапка која излегува надвор од само корекциите или модификациите. Немањето сенс за големината на тој подвиг, за тој тежок баланс, нѐ остава во ситуација каде системот по природа на нештата и понатаму ги условува и влијае на клучните економски, општествени и политички реалности. Зашто? Затоа што не се менуваат фундаменталните елементи кои ја детерминираат промената.

Неохуманизмот на Заев, спакуван во сега флоскулите „Живот за сите“, „Едно општество за сите“, кој требаше да се гради преку нови релации меѓу луѓето, нивниот однос со трудот и животната средина, се жртвува за плитиките политички и бизнис интереси на поединци.

Наместо тоа, денес ни се нуди осамената, лидерска рецептура. Јас, премиерот, ќе кажам доста на лошите пракси. И се очекува од нас да му веруваме, само затоа што нешто е кажано, а не затоа што реално се прави. Јас, најхрабриот и најспособен, а сите останати жртвени јагниња пред олтарот на неизмерното и неразумно его.

Канибалот Заев, откако сѐ ќе изеде, како симболот на змијата Уроборос, ќе почне да си ја јаде и сопствената опашка, за евентуално на крајот, и самиот да се проголта.

DW.COM

Реклама