Како ќе им се суди на борците на Исламската држава? | Свет | DW | 17.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Како ќе им се суди на борците на Исламската држава?

Што ќе се случи со илјадници членови на ИД кои се предадоа во финалната фаза во борбите во Сирија? Соседен Ирак веројатно ќе се обиде да ги суди, но земјата страда од преполни затвори и преоптоварени судови.

Како што борбата против терористичата група „Исламска држава" во Сирија влезе во финалната фаза, над 65.000 нејзини членови, меѓу кои и илјадници странци, се затворени во кампови кои се под контрола на сириските Курди. Со оглед на тоа дека неформалниот курдски регион не е подготвен да спроведе судски процеси, а западните земји не сакаат да ги земат назад, Ирак бара помош.

Сириските Курди, кои се борат против ИД како дел од коалицијата со САД, се преплавени со огромен број борци кои се сега во затворите. Тие предупредуваат дека не можат да го гарантираат нивното задржување во затвор во случај на неочекуван турски напад на нивниот регион.

Во потрага по решение Вашингтон му се обрати на Багдад и ирачкиот премиер Адел Абдул Махди најави дека, како дел од необјавениот договор, Ирак ќе им суди на оние странски борци на ИД од Сирија кои сториле злосторства против Ирачани. Тој исто така вети и дека ќе помогне во репатријација на други странски борци во нивните татковини. Четиринаесет француски борци на ИД се веќе префрлени од Сирија во Багдад, заедно со уште 280 Ирачани, а оваа бројка треба да порасне на 500 како дел од договорот. Според Црвениот крст, во тек се и преговори за трансфер на 20.000 Ирачани борци на ИД, мажи, жени и деца во Ирак. Но според асистент професорот по право, Шаман Абдула Азиз од универзитетот Салахадинф во Ирбин, курдистански главен град на ирачка територија, со ова нема да се решат сите проблеми. „Ако овие луѓе извршиле злосторства во Сирија, ирачкиот закон не дозволува да им се суди овде," вели тој. Тоа ќе биде случај со многу осомничени ИД борци. „Обвинение е можно само за злосторства сторени против Ирачани или во Ирак. Во сите други случаи, судијата мора да ги префрли осомничените во земјите во кои ги извршиле злосторствата.

Familien von IS-Kämpfern in Syrien (Reuters/I. Abdallah)

Семејства на членови на ИД во бегство во Сирија

Но, судење од режимот на Асад не е опција за поголемиот дел од вклучените земји,  а сириските Курди не може да ги судат поради тоа што немаат правна држава и правен систем. Во исто време, ирачкиот правосуден систем пука по шавови, затворите се преполни: околу 20.000 борци на ИД, мажи и момчиња се затворени во Ирак, исто како и околу 2000 жени и деца. Бројот на странци меѓу нив е непознат, но се претпоставува дека се работи за неколку стотини. Поради тоа, ирачкиот претседател Бархам Салих нагласи дека справувањето со странските борци е меѓународна одговорност. „Да му се префрли на Ирак оваа одговорност од цел свет, е навистина премногу да се бара од Ирак."

Преголем товар за Ирак

Тешко е да се добијат статистички податоци во Ирак, но според медиумските извештаи во април 2018 година, од 10.000 случаи во судовите, во околу 2.900 е изречена пресуда, од кои 300 се смртни казни. Осудените имаат право на жалба, но нема податок во колку случаи ова право е употребено.

Професор Саман Абдула нагласува дека во голем број случаи е потребно поинакво решение. Тој додава дека за тоа се потребни и нови закони, бидејќи во постоечките нема одредби за судење на злосторства против човештвото во ирачките судови: „Нема член во ирачкиот закон кој може да биде употребен против оние осомничени за робовладетелство или геноцид.“

Осомничените членови на ИД се судат според ирачкиот закон за тероризам, и секој кој планирал, извршил или финансирал терористички напади може да добие смртна казна. Едноставна поврзаност со ИД не е доволна причина за смртна казна. За време на судењето, обвинетиот поминува најмногу 10 минути во судница, но во 98% од случаите се изречени казни. Во регуларни ирачки судови, една третина од обвинетите се ослободуваат, вели Абдула.

Syrien Angriff auf IS Stellungen in Baghouz (Getty Images/AFP/G. Cacace)

Последниот бастион на Исламската држава во Сирија- Багуз

Недостатоците во ирачкиот систем може да ги натераат западните земји да размислат пред да се согласат нивните граѓани да бидат судени таму. Ирачките судови не гарантираат правда според меѓународните закони и регулативи.

Организациите за човекови права и извештаи на локални адвокати велат дека обвиненијата често се базираат на изјави дадени од информанти кои често остануваат анонимни и на кои во најголем дел не може да им се верува, а осомничените се принудени да ја признаат дека се дел од ИД. Хјуман Рајтс Воч (ХРВ) пишува во извештајот дека доказот кој го има обвинителството не е основа за обвинение да прерасне во судење, туку тоа е признанието на обвинетиот. За илустрација, ирачкиот Врховен судски совет објави признание на француски ИД-борци во Сирија веднаш по нивното пристигнување во Багдад.

Признанија по измачување

Проблемот е што според извештаи на Хјуман Рајтс Воч и други организации, многу од признанијата биле изнудени со мачење. Организацијата посочува примери на млади момчиња кои тврдат дека потпишале признанија единствено за да престане тепањето и горењето со цигари. Жител на Мосул, кој сака да остане анонимен и кој бил осуден од други причини, вели дека би принуден да гледа како осомничени припадници на ИД биле измачувани во затворот. Сите тие дале признанија во такви околности.

Гледај видео 02:28

Мисија - ослободување на језидските заробеници на ИД

Судиите вообичаено игнорираат поплаки од осомничени кои дале признанија додека биле измачувани, нотира Хјуман Рајтс Воч, откако претставници на организацијата присуствувале на повеќе судски процеси. „Според ирачкиот устав, признанија изнудени со измачување не се легални," вели професорот Абдула, додавајќи дека доколку се докаже измачувањето, обвинението паѓа, а осуденикот добива ослободителна пресуда. Но, обвинетите во ирачките судови вообичаено немаат адвокати за да ги претстават нивните случаи. Адвокатите немаат волја да застапуваат такви случаи откако нивни колеги кои бранеле осомничени припадници на ИД подоцна и самите биле обвинети за поврзаност со организацијата. Сепак, Абдула посочува дека проблемот не треба да се бара во ирачките закони. „Едноставно законите не се применуваат. За нас исто така товарот на докажување е во судот и обвинетиот не е виновен сѐ додека не биде докажано спротивното. Признание секаогаш треба да биде поткрепено со докази."

Irak Young IS | Gefangene IS-Mitglieder bei Mosul (DW/Judit Neurink)

Заробени припадници на ИД во Мосул

Случај за меѓународниот трибунал

Ирак уште не е дел од Меѓународниот трибунал во Хаг и нема да прифати странска помош во судењето на осомничени припадници на ИД. Но, со оглед на тоа дека станува збор за голем број лица кој може и да се зголеми со трансферите од Сирија, професорот предлага Ирак да основа специјална комисија за изнаоѓање ново решение. Ирак, според него, би можел да се обрати и до Советот за безбедност на ООН за да го реализира правото ирачките случаи да бидат изведени пред Меѓународниот трибунал.

Абдула смета дека е време да се основа специјален меѓународен трибунал. „Ирак не е членка на Меѓународниот трибунал, но Багдад сепак може да побара судот да дојде во Ирак и да ги преземе случаите."

Како и да е, континуираната употреба на смртната казна во Ирак е потенцијален проблем. Асошиејтед прес известува дека околу 250 затвореници се егзекутирани од 2014 година до сега. Абдула нагласува дека специјална комисија формирана од страна на Советот за безбедност на ООН во 2017 наишла на проблеми токму од ваква природа. Тој сугерира Ирак да го следи примерот на Курдистан и да одлучи да не ги извршува смртните казни, што би овозможило да се дојде до наведеното решение. 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама