Каква Македонија е добра за Бугарија? | Северна Македонија | DW | 15.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Каква Македонија е добра за Бугарија?

Бугарскиот интерес е јасен- Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, а не да продолжи да лута по теченијата во кои демнат некои други интереси. Затоа за Бугарија е многу важно договорот за името да профункционира

Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag (Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident)

Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов

Противниците на договорот меѓу премиерите на Грција и Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе стануваат сѐ побројни и погласни. Темата е многу податлива за политичко спротивставување. Но поважно е што ова прашање е клучот за влезот на Македонија во НАТО и затоа можеме да очекуваме „инвестиции“ кои ќе се обидат да го претворат прашање за името во нешто друго, да ги пренагласуваат постојните разлики и да го спречат или забават конечното затворање на проблемот согласно договорот на Заев и Ципрас.
Бугарија реагираше брзо и уште истиот ден го поздрави постигнатиот договор за името Северна Македонија. Но гласовите „против“ почнуваат да се јавуваат и затоа е важно уште во почетокот јасно да биде откриен интересот на Бугарија.

Во моментов сме исправени пред многу специфичен избор. Првата варијанта е договорот да успее, Македонија да добие покана за членство во НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ. Втората варијанта е договорот да не профункционира и Македонија да продолжи да лута по течението, без евроатлантска перспектива и без притисок за демократизација и реформи, каков што ќе обезбедат преговорите за членство во ЕУ. Бугарскиот национален интерес е без дилема, првата варијанта.

Не се потребни нови гаранции

Во вторникот пристигна официјалното соопштение со конкретните параметри од договорот и процедурата која ќе го следи. Бугарија прва ја призна независноста на Македонија во 1992 година и целосно очекувано

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Ivan Bedrov (DW/P. Henriksen)

Иван Бедров

веднаш го доби и договорот со решението за спорот за името. Но со забелешка која звучи како задолжителна во регионот: „Името Република Северна Македонија не смее да биде интерпретирано како основа за евентуална промена на постојните граници или претензии кон соседите, односно кон јазикот, културата, историјата и идентитетот“. Гаранции за тоа постојат како во договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, така и во самата процедура на идните преговори со ЕУ.

И покрај тоа, опозицијата не ја пропушти темата. БСП (Бугарската социјалистичка партија) бара позицијата на Бугарија за почеток  на преговори со ЕУ да биде обврзана со гаранции од страна на Македонија „дека промената на името нема да доведе до територијални претензии, во однос на историјата на нашата земја и на идентитетот на бугарските граѓани“. Кажано со вистински зборови, тоа значи замена на грчкото вето со закана за бугарско. Коментарот во партискиот весник на БСП „Дума“ отиде и чекор понатаму- договореното било целосно „на сметка на Бугарија“ и било „реална претпоставка за територијални претензии“. Вонпарламентарната АБВ го подигна тонот дополнително, откако предупреди од „реална опасност од територијални претензии“ и бара гаранции од Македонија веднаш, а не во иднина. Со други зборови, и отцепеното крило на БСП заговара бугарско вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

„Нема да аплаудираме“

Неуспехот на договорот ќе значи дека Македонија ќе остане надвор од НАТО. Тоа е декларираниот интерес на Србија и Русија. Најострите критики доаѓаат од политичките претставници на руските интереси на Балканот. Исто така е јасно дека тие нема да се ограничат на неколку изјави.
„Нема да аплаудираме доколку Македонија стане членка на НАТО“, рече пред неколку недели амбасадорот на Русија во ЕУ, Владимир Чижов, иако вербално го поддржа решавањето на спорот за името. Една година претходно тој изјави дека Русија може „да предложи алтернатива за Македонија, Западниот Балкан и било која друга земја, затоа што секогаш постои алтернатива на евро-атлантската интеграција“. Чижов е автор и на репликата за Бугарија како „Тројански коњ на Русија во ЕУ“.

Геополитичката поставеност во регионот е видлива и со голо око. Пред помалку од две години Црна Гора ја обвини Русија дека учествувала во откриениот заговор за преврат, кој имал за цел да го спречи влезот на земјата во НАТО. Денес Црна Гора веќе е дел од НАТО. Тоа е бугарскиот национален интерес- Македонија да стане дел од зоната на безбедност, правила и предвидливост какви што гарантираат НАТО и ЕУ. Имено, токму во таа средина најлесно можат да бидат разрешени сите опасности за претензии. Како појдовна точка, владата треба да направи напори за да се постигне национален консензус по ова прашање- и барем да се обиде да ја намали хистеријата која се развива по ова прашање.

Иван Бедров е новинар и колумнист на бугарската редакција на Дојче веле.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама