Историска победа на Трамп, Западот во шок | Свет | DW | 09.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Историска победа на Трамп, Западот во шок

Доналд Трамп ќе биде новиот претседател на САД. Се случи она што се чинеше непоимливо. Владее длабока шокираност, а последиците се непредвидливи, коментира Михаел Книге

Доналд Трамп успеа. Со својата изборна кампања базирана на лични навреди, ароганција и незнаење, не само што успеа да ги активира најниските инстикти на дел од разочараната изборна клиентела, туку со оваа стратегија ги доби и изборите. Уште повеќе: Трамп однесе толку убедлива победа каква што никој не ја сметаше за можна.

Успехот на Трамп е триумф на еден агитаторски, делумно човечко-потценувачки вулгарен популизам и силна шлаканица за естаблишментот и политичката елита во САД и нејзиниот претставник, Хилари Клинтон. Клинтон беше пожелен противник, речиси исто толку неомилена како и самиот Доналд Трамп. Таа му лиферуваше постојано нова муниција за неговите напади преку својата сопствено произведена афера со електронската пошта. Сепак, неомиленоста на Клинтон не е целосно објаснување за драматичната победа на Трамп.

Трамп е вентил на незадоволството

Победата на Трамп се должи повеќе на долго потсвесно чувствуваното длабоко незадоволство, ако не и омраза кај широки делови од населението. Омраза поради статус-кво состојбата, глобализацијата и политичкиот систем во Вашингтон. Во бројни анкети многумина Американци постојано укажуваа на влошување на нивниот животен стандард и шансите за во иднина во однос на оние од нивните родители. Трамп беше соодветниот вентил за изразување на незадоволстото, првенствено кај традиционалната работничка класа на белците. А Хилари Клинтон беше негова пригодна противничка. Нејзината тешко освоената победа во предизборната трка против Берни Сандерс, еден дотогаш непознат социјалист од Вермонт, беше предупредувачки сигнал. А сега е веќе познато - тоа беше и упатување на она што подоцна следуваше.

Трамповиот успех меѓутоа е и звучна шлаканица за етаблираните медиуми, за Тинк-тенк експертите и истражувачите на јавното мислење. Зашто речиси никој од нив не сметаше сериозно на победа на Трамп. Успехот на Трамп конечно е и удар в лице за традиционалните западни сојузници на САД, кои во голем дел отворено ја преферираа Клинтон, а беа против Трамп. Победата на Републиканците напротив би требало да предизвика радост во Кремљ, со оглед што Трамп повеќепати пофално се изразуваше за Владимир Путин.

Michael Knigge Kommentarbild App

Михаел Книге

Изборната победа на Трамп ја доведува во прашање глобалната политика на САД

Но, што значи изборната победа на Трамп конкретно за САД и за светот, кратко по неговиот неочекуван триумф е тешко да се предвиди. Прво, бидејќи Трамп не располага со никакво политичко искуство. Освен тоа, Трамп досега не изложи никаков кохерентен внатрешно или надворешно-политички концепт и со извесни исклучоци, не располага со политички искусна советувачка екипа.

Но, она што уште сега може да се каже е дека изборната победа на Трамп го доведува во прашање статус-квото во САД, но и досегашниот светски поредок и улогата на САД во него. Како може на Трамп како претседател, на истиот оној кој ги подбуцнуваше различните групи населние едни против други, да му успее да ја обедини длабоко поделената земја? Ќе се обиде ли Трамп да ги спроведе во дело своите изолационистички и протекционистички изборни пароли? Каков е фактичкиот став на Трамп во однос на водечката улога на САД во НАТО, на чија сметка  упатуваше критики за време на изборната кампања? Што ќе преземе Трамп како претседател во поглед на трговските договори склучени меѓу САД и бројни држави, а за кои Трамп најави наново преговарање? Каков ќе биде односот на Трамп кон муслиманите во цел свет, за кои како претседателски кандидат бараше забрана за влез во земјата, а каков кон Латиноамериканците, кои постојано ги навредуваше? Дали Трамп, согласно на неговата најава, ќе се откаже од Парискиот договор за заштита на климата? И конечно, што може да се очекува во поглед на атомскиот арсенал на земјата од еден претседател кој во изборната кампања праша зошто САД сѐуште не го употребиле своето атомско оружје? Каква улога притоа би играл Конгресот контролиран од Републиканците?

На сите овие прашања во моментов нема одговор, уште помалку смирувачки. Со изборната победа на Трамп за САД и светот настапува чекор во непознато. Јасно е едно: со Трамп како американски претседател треба да се подготвиме на немирни времиња.

DW.COM

Реклама