1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Информатичкиот сектор во Македонија e во подем

Александар Чомовски 8 јануари 2009

Еден од проектите на македонската влада е компјутер за секое дете. Целта е да се обезбеди поквалитетно информатичко образование. Колку е развиен информатичкиот сектор и како котираат македонските компјутерски инженери?

https://p.dw.com/p/GUFJ
Децата и информатичкиот развојФотографија: picture-alliance/ dpa

Со нецели четири години пребарувал на интернет, со седум креирал своја веб-страница, сега осумгодишниот Марко Чаласен во пријатна атмосфера ва својот дом во Скопје ги подготвува последните три испити за да добие сертификат на „Мајкрософт систем администратор“.

Марко Чаласен е компјутерски гениј, кој неодамна се врати од Словенија со епитет - чудо од дете. Нему му требаат уште три испити за да биде „систем инженер“, кој ќе може да планира и да креира големи компјутерски мрежи.

Неговите соученици допрва го очекуваат инсталирањето на компјутерите и нивните мрежи во интернет во сите основни училишта во Македонија. Со инвестицијата вредна околу 20 милиони евра, владата на премиерот Никола Груевски се обидува да конципира современо образование, за новите технологии и развој. „Идејата не е лоша“, оценува Антонио Пешев, сопственик на „Ултра“, една од престижните македонски ИТ-компании и дополнува: „Меѓу другото, тоа е една од милениумските цели на Обединетите нации“, вели Пешев.

Информатичкиот пазар во Македонија е еден од најбрзо растечките во регионот. Во 2007 година оствари 170 милиони евра, а по три години се очекува да оствари профит од околу 250 милиони евра.

Компјутерските систем-инженери се добро платени за македонски услови, од 400 до 1.500 евра. Но, младите често размислуваат да емигрираат, велат на Факултетот за информатички технологии.

Дел од 50-тина македонски ИТ-компании, од кои некои формираа и свои фирми на американскиот пазар во Силиконската долина, се соочуваат со недостиг на талентирани програмери.

Македонскиот ИТ-сектор во овој момент ангажира околу 4.000 висококреативни кадри.