Израел и Хамас си се потребни еден на друг | Свет | DW | 21.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Израел и Хамас си се потребни еден на друг

Зошто секојпат кога структуралните причини за израелско-палестинскиот конфликт ќе се најдат во слепа улица, Газа и Хамас се претвораат во трагичен центар на случувањата? Гостинска колумна на Ивор Мицковски.

Израел и Хамас договорија безусловен прекин на огнот, кој рано изутринава требаше да стапи во сила. Да се надеваме дека прекинот ќе биде испочитуван, но тоа не ја менува природата и проблематиката на еден конфликт кој трае повеќе од 70 години.

Зошто секојпат кога структуралните причини за израелско-палестинскиот конфликт ќе се најдат во слепа улица, Газа и Хамас се претвораат во трагичен центар на случувањата?! Од една страна го имаме Хамас кој отсекогаш се обидува да се наметне како единствен преставник на палестинската кауза, присвојувајќи ја борбата преку неприфатливи средства како што недискриминираното бомбардирање на населбите и градовите каде живеат израелски цивили.

Од друга страна го имаме Израел, кој пак единствено се фокусира на Хамас, оставајќи ги во позадина системските и структуралните проблеми, вклучувајќи го и постоењето на милиони Палестинци кои повеќе од половина век живеат без да бидат сметани за граѓани, односно, без какви било права, и без да имаат сопствена држава. Колку што е легитимно Еврејската држава да живее и просперира безбедно, подеднакво е важно да се говори и денунцира правното лимбо и системската дискриминација на која се подложени Палестинците.

Повеќе на темата:

-Ердоган долева масло на огнот – го нарекува Израел „терористичка држава“

-Кој е Хамас и кој го поддржува?

-Кои се можни посредници во конфликтот на Блискиот Исток?

Проблемот е што тоа нема да се надмине со Хамас, затоа што проблемот на Израел не е тој, исто колку што Хамас не е решение за Палестинците. Уште помалку конфликтот ќе се надмине од самиот Израел, се додека израелската држава не прифати дека вистинскиот проблем не доаѓа однадвор, туку одвнатре. Прашањето е: која е позицијата на Арапите и на останатите малцинства во рамки на еврејската национална држава? Денес израелските Арапи се бунтуваат и Израел не делува дека има решение за нивната мака.

Во бројчана смисла, израелските Арапи се силно малцинство, близу 2 милиони луѓе. Според официјалниот попис од 2019 година нивната бројка изнесува 1.890.000 или 21% од вкупната популација. Во Ерусалим, сега главен град на Израелската држава, тие се 2/5 од вкупната популација, речиси целосно концентрирана во источниот дел од градот. Бројката на млади е огромна и тие речиси воопшто не се интегрирани.

До 2035 година се очекува арапската популација да порасне до една четвртина од жителите на Израел, со тоа што заедно со Палестинците би достигнала и 50%, како популација населена помеѓу крајбрежјето и Западниот брег. 7,5 милиони Арапи наспроти 8,3 милиони Евреи.

Но, и покрај тоа, по Устав, закон и поведение Израел наместо да функционира како мултиетничка држава, функционира како чиста национална држава на Евреите, каде сите останати израелски Арапи се во потчинета позиција, најчесто бесправна. Оттука, помеѓу опцијата Израел да биде Еврејска држава или мултикултурно општество, да биде доминантен субјект или демократска конструкција, Израел одлучува да функционира како своевидна империја базирана на доминантната етничка, национална и религиска лоза.

Израел со тоа не е граѓанска и демократска држава, туку ексклузивна држава-нација на Евреите, уставна етнократија базирана на еврејскиот идентитет кој мора културно и институционално да остане доминантен, додека сите останати (не)Евреи мора да бидат потчинети и свесни дека Израелската држава не е им припаѓа. Затоа Израел функционира како своевиден Апартхејд, но и како империјална сила, односно, неконвенционална држава која се одржува и надвор од своите граници.

Други колумни од авторот:

-Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

-(Не)веројатноста од воен удар во Франција

-100 дена Бајден – од транзиција кон трансформација

Сега е јасно зошто стратешкиот фактор и проблем на израелско-палестинскиот конфликт воопшто не е Газа или Хамас. Лансирањето ракети од страна на Хамас и непропорционалната реакција на Израел се само еден вид на „војна на заемно оддржување“ каде и двете страни ќе ги испукаат насобраните тензии. Суштината на проблемот е внатрешен и идентитетски и се однесува на тоа што Израел планира да прави со внатрешните Арапи и Палестинци.

Каква е ситуацијата со Хамас и зошто и се придава преголемо значење?! Политичко-воената организација Хамас која веќе 15 години доминира со Појасот Газа одамна ја има напуштено својата револуционерна вокација и функционира како еден вид на агенција за услуги и преговори. Услуги и преговори со сите регионални чинители, почнувајќи од Израел, преку Иран, Катар, до Турција и Египет.

Хамас оперира преку еден вид на постојано „киднапирање“ на палестинската борба и отпор, додека преку недискриминирано бомбардирање на израелските цивили, нејзините лидери во суштина повеќе се грижат за своите политички интереси, отколку за доброто на локалната популација. Добро е да се потсетиме дека Хамас во 1987 година се раѓа благодарение на помошта од израелските власти, со цел да бидат контратежа на левичарските и секуларни движења и струи во рамки на Палестинската ослободителна организација.

Хамас не е монолитна организација, туку една артикулирана структура која во својата внатрешност е составена од поединци организирани во фракции, сите со различни професионални и човечки позадини, растурени во и надвор од Палестина, повеќе или помалку поврзани со странски актери. Хамас има некаква вредност само поради стратешкото парче на територија кое се наоѓа помеѓу египетскиот Синај, Средоземното море и Израел. Втората причина поради која Хамас постои е секако палестинската популација во Газа која спаѓа во најнапатената од регионот, составена претежно од бегалци и истерани семејства после војната во 1948 година. Популација која преживува во екстремно мизерни услови, која се потхранува со изградба на џамии и религиозна нетрпеливост, која има една водоводна цевка за целиот Појас, а и таа вода е најчесто загадена. 53-54% од популацијата на Газа денес има помалку од 18 години, тоа значи дека половина од жителите на Појасот не биле родени или немале право на глас кога во 2006-та година Хамас ќе победи на изборите.

За Хамас да ја одржува својата хегемонија врз Појасот неопходно е да функционира како внатрешно и надворешно клиентелистичко друштво кое ќе прибира финансии, институционална помош, оружје и странски средства. Од тоа Хамас и го црпи внатрешниот легитимитет. Израел пред години тендерски му го довери Појасот на Хамас и намерно и свесно дозволи политичката и воена моќ на исламското движење да расте со цел да ја ослабне Палестинската Самоуправа на Махмуд Абас во Западниот брег. Идејата на израелската политика е проста: И онака не се преговара со терористичка организација како Хамас. Па оттука, бидејќи единствениот потенцијално легитимен субјект за „мировни преговори“ - Палестинската Самоуправа - е до тој степен внатрешно и надворешно ослабнат и претворен во корумпиран клиент на Израел, без способност на води сопствена политика, секој обид за сериозни преговори помеѓу Израел и Палестинците однапред е осуден на пропаст.

Израел нема намера за преговори, ако под тоа мислиме да седне на маса и да престане да ги шири своите колонии во Западниот брег или да ја експлоатира земјата, така уништувајќи го виталниот простор на Палестинците. Во очите на израелскиот политички лидершип, особено оној на Бенјамин Нетанјаху, подобро е да се има противник како Хамас кој секогаш е спремен да реагира со лансирање ракети и кој е поддржан од Иран, отколку некаков независен и легитимен политички субјект.

Затоа Израел нема никаква намера да го уништи Хамас - него евентуално пак ќе преговара - затоа што на Израел му е потребен Хамас. Еве да замислиме дека Израел ќе влезе во Појасот и ќе го уништи исламското движење. Потоа доаѓаме до проблемот што погоре го отворивме: што ќе прави Израел со палестинското прашање, инглобирајќи во себе уште 2 милиони бесни Палестинци подготвени на бунт и постојан конфликт?! Тешко дека на проблемот со веќе внатрешните израелски Арапи, Израел би ги додал уште и Палестинците од Појасот. Од истата причина Израел дефинитивно не анектира добар дел од Западниот брег, каде живеат уште 2 милиони Палестинци, затоа што на тој начин би анектирале и стотици илјадници бунтовници во рамките на своите граници. Наместо тоа, Израел избира да се бави само со Хамас и со Појасот Газа врз кои може да ја наметнува својата воена надмоќ, додека во исто време изигрува жртва. На тој начин Израел го пролонгира својот внатрешен и демографски проблем. Односно, преку тактички и периодични војни со Хамас, всушност ја маскира и крие својата долгорочна стратегија: да се уништи или анестезира секоја идеја и реална можност за палестинска државност.

Со други зборови Израел и Хамас си се заемно потребни еден на друг. Израел ќе продолжи со својата долгорочна цел да го колонизира Западниот брег и да ги потчинува внатрешните израелски Арапи, додека Хамас ќе ја држи последната палестинска територија која не претставува реална безбедносна закана по опстанокот на Израел и така ќе се одржува во живот за сметка на палестинската кауза и состојбата на локалното население.

Израeл во својата актуелна форма на подвижни граници и окупирани територии нема егзистенцијални предизвици однадвор. Неговите главни противници се соочуваат со последиците на својата геополитичка прераширеност и со непријателството на американската суперсила, нешто што особено важи за Иран и Хезболах. Турција има премногу внатрешни проблеми и ќе и треба време да ја консолидира својата копнена и поморска експанзија. Египет и Саудиска Арабија се непостојани и комотно сместени во израелската орбита. Хашемитското кралство на Јордан функционира како израелски протекторат, додека историскиот непријател Сирија, речиси и како да не постои. Воениот и безбедносен проблем поврзан со Анкара и Техеран, ќе се врати кога овие две сили ќе бидат повторно во можност да се борат за хегемонија во регионот, но Израел делува подготвен за таквите идни предизвици.

Останува внатрешниот и демографски проблем, единственото прашање кое може Израел одвнатре да го дезинтегрира.

Дотогаш ќе бидеме сведоци на крајната трагедија на овој конфликт кој се состои во дехуманизацијата на другиот и различниот. Овој маѓепсан круг не е случаен, не е природен, не е ни социо-економски детерминиран, туку е систематски спроведуван, сфатен и елабориран од обете страни и се базира на профитирање од туѓите рани и стравови. Светот и меѓународната заедница имаат малку оправдувања дека рацете им се врзани околу израелско-палестинскиот конфликт. Не им се врзани на САД кога даночните обврзници дневно плаќаат по 10 милиони долари за Израел, пари кои највеќе се трошат за оружје. Не им се врзани ни на Иран, кои испраќаат се повеќе пари и се пософистицирано оружје за Хамас. Не им се врзани ниту на европските држави кои системски ги вооружуваат двете страни од конфликтот. Се додека овие клучни надворешни актери во конфликтот не одлучат мултилатерално да престанат да даваат пари и оружје и не почнат да претендираат консензус околу Ерусалим и почитување на правото на самоопределување на двата народи, мир нема да има ни за Израелците, ни за Палестинците.

Сѐ дотогаш, ќе остане само црно-белата слика и меѓусебното обвинување за тоа кој е повиновен. Меѓу двете завојуваните страни ќе продолжи овој тажен монолог кој имитира дијалог, додека во позадина ќе се потхрануваат пропагандата и интересите на политичките сили и движења кои профитираат од перманентниот конфликт.