Источен Ерусалим - тест за односите на Израел и арапскиот свет | Свет | DW | 11.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Источен Ерусалим - тест за односите на Израел и арапскиот свет

Новите тензии во источен Ерусалим би можеле да ги расипат односите на Израел со арапскиот свет. Политичарите кои се залагаат за нормализацијата на односите на нивните земји со Израел може да се најдат под притисок.

Улични борби, запалени барикади, над 300 повредени, меѓу нив и луѓе кои се борат за живот. Сликите од новите судири помеѓу Палестинците и израелските безбедносни сили делуваат тегобно познато.

Па сепак, последните сцени на насилство по повеќемесечен релативен мир во основа се разликуваат од претходните судири - тие ги потврдуваат песимистичките прогнози дека неодамнешното приближување на Израел со некои арапски држави нема да придонесе за деескалација на блискоисточниот конфликт.

Израел минатата година склучи договори за нормализација на односите со низа арапски држави - Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Мароко и Судан. Шефовите на држави или влади на арапски земји кои ставија потпис на т.н. Abraham accords својот потпис го правдаа, меѓу другото, со надежта за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Повеќе: Немири во Ерусалим

Така, на пример, принцот престолонаследник на Абу Даби, Мохамед бин Саид Ал Нахјан, во август минатата година рече дека во телефонски разговор со тогашниот американски претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенајмин Нетанјаху постигнал согласност за запирање на натамошната израелска анексија на палестински територии.

USA I Benjamin Netanyahu, Donald Trump, Abdullah bin Zayed Al-Nahyan

Потпишување на договорот за нормализација на односите Израел од страна на Бахреин и ОАЕ (Вашингтон 10.12.2020)

Предупредувања

Блискоисточниот конфликт, меѓутоа, игра само индиректна улога за склучување на овие договори, вели поранешната државна министерка во Министерството за надворешни работи на Германија, Керстин Милер, која сега е постар соработник во Германското друштво за надворешна политика. „Таму стануваше збор за други теми, како на пример за економските односи и заедничката позиција против Иран.“

Денот на Ерусалим, кој се одбележува еднаш годишно, и на кој Израел го прославува освојувањето на источен Ерусалим во Шестневната војна во 1967 година, е соодветен за зголемување на политичките тензии. Керстин Милер вели: „Доселеничките организации, како Елад, со децении спроведуваат систематско еврејско доселување во палестинските квартови во источен Ерусалим, како што се Силван и Шеик Џарах.“

ПовеќеМировниот план на Трамп - ни план, ниту мировен

Според Милер, „тие притоа им даваат поддршка на еврејските фамилии да ги запоседнат палестинските куќи и станови и да ги принудат палестинските семејства на иселување“. Притоа, имотот на овие организации им го префрла израелската држава или судовите.

Israel | Ausschreitungen in Jerusalem

Се стравува од прелевање на тензиите и на други територии (Ерусалим, 7.05.2021

Протест од Ријад и Абу Даби

Со оглед на ескалацијата на ситуацијата во последните денови, државите кои со Израел склучија договори за нормализација на односите сега се ставаат на претпазлива дистанца. Министерството за надворешни работи на ОАЕ „силно“ го осуди заземањето на џамијата Ал Акса од страна на израелските власти. Од Израел се бара деескалација.

И Мароко изрази „длабока загриженост“ поради насилството. Кралот Мохамед Шести стравува дека тоа би можело да донесе „разгорување на тензиите“.

Дури и вообичаено воздржаното Министерство за надворешни работи на Саудиска Арабија соопшти дека „ги отфрла израелските планови за евакуација на палестинските домаќинства од Ерусалим“. Кралството бара враќање на границите од 1967 година. Во тогашната Шестдневна војна, Израел, меѓу другото, го окупираше и источниот дел на Ерусалим, Западниот брег и Појасот Газа.

Повеќе: Иран - регионална сила на Блискиот Исток

Одлучност покажува и Арапската лига. Уште пред одржувањето на средбата на Арапската лига, според медиумски извештаи од викендот, нејзиниот генерален секретар Ахмед Абул Геит рече дека постапките на израелските безбедносни сили „ги провоцираат чувствата на муслиманите ширум светот“.

Jerusalem Feuer auf dem Tempelberg

Ерусалим, Рид на храмовите, 10.05.2021

Остри зборови од Иран и Турција

Политичките лидери на две неарапски држави упатија остри зборови на сметка на Израел - турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и духовниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Двајцата политичари се обидуваат да ги етаблираат своите земји како водечки држави во муслиманскиот, а особено во шиитскиот свет. Притоа, најважната сунитска држава во арапскиот свет, Саудиска Арабија, ги подобри односите со Израел дискретно, но успешно. Со тоа кралството им даде прилика за напад од страна на оние кои се обидуваат да се етаблираат на спротивен начин - со непријателство со Израел.

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, на Твитер напиша: Светот мора да дејствува за „да ѝ стави крај на израелската агресија која не запира“.

Сето ова покажува едно, вели Чинциа Бјанко, политиколог во Европскиот совет за меѓународни односи за политиката кон државите од Заливот: „Не постои сомнеж дека и Турција и Иран ќе се обидат да извлечат политички капитал од случувањата во Палестина, со цел да ги нападнат своите регионални ривали кои ги смируваат односите со Израел“.

Интересите на ОАЕ во однос на Израел, според Бјанко, се „повеќе стратешки“. Тоа значи дека нема веројатност за враќање назад на процесот на нормализација на односите. „Меѓутоа, веројатно е замрзнување на тековните проекти помеѓу двете земји. ОАЕ остануваат будни во врска со атмосферата во арапските држави, но не дозволуваат тоа да ја диктира регионалната политика на земјата.“

Тензиите ги загрозуваат израелските интереси

И дел од арапските медиуми остро ги напаѓаат најновите судири во Ерусалим. Паднаа сите улизии, пишува панарапскиот весник „Ал араби ал-џадид“. Весникот, кој има поддршка од катарски финансиер, индиректно ги опишува како „предавници“ сите оние „кои ја претвораат во обврска нормализацијата на односите со непријателот“.

Керстин Милер стравува дека „доколку состојбата во источен Ерусалим не се смири, тензиите би можеле лесно да се префрлат на други територии, пред сѐ на Западниот брег и Појасот Газа“. Доколку тензиите не запрат, би биле загрозени и други интереси на Израел, вели Милер: „Тука се вбројуваат и стремежите за нормализација на односите со арапскиот свет.“

DW.COM