Паметната стратегија на вакцинирање на Израел | Свет | DW | 16.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Паметната стратегија на вакцинирање на Израел

Израел е прва држава во светот според бројот на вакцинирани против коронавирус. Најновите резултати кои доаѓаат од оваа земја во врска со вакцините, даваат надеж.

Додека во многу земји од ЕУ вакцинирањето одо бавно затоа што има тесни грла во снабдувањето со вакцини, Израел има на располагање повеќе вакцини отколку што може да им даде на граѓаните. Од почетокот на вакцинацијата на 20 декември 2020 година, 3,67 милиони Израелци добиле една доза од вакцината Бионтек/Фајзер, што е отприлика 40% од вкупното население во земјата. Повеќе од 28% од населението веќе ја добиле и втората доза. Во возрасната група над 60 години, бројот е многу поголем -над 80%.Во меѓувреме, секој што има наполнето 18 години може да се вакцинира веднаш.

И покрај огромниот број вакцинирани луѓе, Израел има уште толку многу вакцини од Бионтек/Фајзер, што вакцината на Модерна се' уште не мора да се дава, иако за неа има дозвола уште од 5 јануари годинава.

Израелската кампања на вакцинирање веќе покажува јасен успех - бројот на инфицирани се намалува значително, особено во групата на возраст над 60 години, покажуваат анализите на научниот институт „Вајцман“.Во оваа група, по првата доза на вакцината се забележани 56% помалку нови инфекции, 42 проценти помалку болнички лекувања и 35% помалку починати од Ковид-19.

Повеќе: Студија: Вакцината на Бионтек/Фајзер „екстремно ефикасна“

Вакцина во замена за вредни податоци

Тоа што деветмилионската држава можеше да обезбеди толкав број вакцини се должи на условите од договорите кои Израел ги склучи со производителите на вакцини. За разлика од ЕУ, Израел тие услови не ги држи во тајност, туку договорот со Фајзер го објави на интернет.

Според договорот, Израел плаќа многу повеќе за една вакцина од ЕУ - наводно околу 23 евра за доза, додека Унијата плаќа 12 евра.

Освен тоа, израелската држава ги презема гаранциите за производот. На ЕУ и' беше важно за вакцините да гарантира производителот Бионтек/Фајзер.

Она што сепак е најважно, е договорот на израелската влада со производителот Фајзер за давање информации за процесот на вакцинирање секоја недела. Тука се вбројуваат: бројот на заразени и на вакцинирани, но и демографски податоци за пациентите, како старост и пол. Израелската влада тврди дека податоците ги испраќа анонимизирано.

Corona-Pandemie | Impfstoff von BioNTech/Pfizer

Израел на производителите на вакцини им доставува вредни податоци за вакцинирањето

На тој начин, фармацевтските компании, благодарение на дигитализираниот здравствен систем на Израел, не само што добиваат многу брзи и доверливи податоци, туку добиваат и многу повеќе податоци отколку што би добиле со каква било студија, а тоа за фармацевтските концерни е извор на информации од непроценлива вредност.

За возврат, производителот на вакцини се обврзува да го снабдува Израел онолку долго со вакцини, додека земјата не постигне т.н. имунитет на стадо, значи имунитет на 95% од населението.

ПовеќеКовид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

Охрабрувачки податоци

Од овие податоци произлегуваат нови сознанија за ефикасноста на вакцината. Еден од четирите државни здравствени фондови - Макаби, каде се осигурани околу една четвртина од Израелците, собра податоци кои ги објави „Тајмс оф Израел“. Податоците се собрани една недела по давањето на втора доза на вакцината, значи моментот кога, како што се претпоставува, вакцината веќе ја покажува целосната можност за заштита.

Од 523.000 осигуреници, по добивањето на втората доза на вакцината само 544 лица се заразиле со коронавирус, или само околу 0,1%. Од 544 заразени, 15 лица морале да бидат пренесени во болница. Притоа, од тие 15, осуммина имале средно тежок тек на болеста, три лица имале умерени симптоми, а само 4 - тежок тек на болеста. Од инфекцијата не починал ниеден.

Здравствениот фонд ги споредил податоците со оние на 628.000 невакцинирани осигуреници, од кои во истиот период се заразиле 18.425 лица. Оттука Макаби извлекува заклучок дека вакцината има ефикансост од 93%.

Israel Jerusalem | Coronavirusimpfung

Бројот на новозаразени е особено намален во групата на лица над 60 години

Ваквата вредност дава надеж и тоа не само поради тоа што се поклопува со вредноста која Бионтек и Фајзер ја соопштија по клиничките студии, туку и поради тоа што покажува дека вакцината навистина заштитува од тежок тек на болеста и може да го минимизира бројот на смртни случаи.

„Овие податоци недвосмислено покажуваат дека вакцината е многу ефикасна и немаме сомнеж дека спаси живот на многу Израелци“, рече раководителката на Макаби, Мири Мизрахи Рувени.

Сепак, мора да се напомене дека податоците на Макаби се само условно репрезентативни, затоа што се' уште не е објавено каков е старосниот состав на испитаната група и кои болести осигурениците ги имале претходно. Подетални сознанија ќе донесат можеби податоците на Клалит, најголемиот здравствен фонд во Израел, кои треба да бидат објавени наскоро. Освен тоа, во наредните две недели се очекуваат и податоците за ефикасноста на вакцината меѓу младото население, бремените жени и лицата со претходни болести, како дијабетес или рак.

Гледај видео 01:35

До вакцина, како на лотарија