„Животното осигурување“ на Израел
13 мај 2021Откако ескалираше насилството помеѓу Палестинците и Израелците, на социјалните мрежи по стотици илјади пати се споделуваат видеа кои би требало да ја покажат ефикасноста на израелскиот противракетен одбранбен систем „Железна купола“ (Iron Dome). Тоа се пред сѐ видеа од ноќта помеѓу вторникот и средата, на кои се прикажуваат ракетни напади врз Тел Авив: ечат сирени, десетици светлечки топки го параат темното небо, потоа светнуваат уште еднаш силно и се слушаат експлозии. Опасноста за населението е отстранета.
На социјалните мрежи „Железна купола“ се фали како животно осигурување на Израелците.
Како функционира системот?
Системот се состои од радарски систем и контролен центар кој може да ги препознае ракетите по стартот и да ја пресмета нивната патека на летање и целта. Тоа се случува за неколку секунди. Така и мора да биде, затоа што, зависно од оддалеченоста од Појасот Газа, на Израелците им остануваат само 15 до 90 секунди време за да се сокријат на безбедно од ракетите кои се на пат.
Третиот елемент се системите за исфрлање ракети. Еден систем има три до четири единици за исфрлање ракети, а во секоја од нив може да се сместат по 20 ракети. Ракета за одбрана се стартува само тогаш, кога е јасно дека била исфрлена ракета која треба да заврши во населено подрачје. Со неа може да се маневрира додека е во воздух. Одбранбената ракета, меѓутоа, не го удира другото тело директно, туку експлодира во негова близина и на тој начин го уништува. Остатоците од ракетите кои паѓаат на земја може да предизвикаат штети.
Системите се мобилни и може да се преместуваат. Во моментов во Израел во употреба се десет системи. Според наводи на производителот, израелската компанија за оружје Rafael Defence Systems, една единствена батерија може да заштити еден град со средна големина. Системот може да уништува ракети со дострел до 70 километри. За да се заштити целата земја, според наводи на експертите, неопходни се 13 системи.
Израел употребува и други системи за своја одбрана. „Железна купола“ е насочен кон ракети со краток дострел.
Повеќе:
Џо Бајден: Израел има право на самоодбрана
Израел и Хамас во ракетна војна: Нападнат и Тел Авив
Напади врз синагоги во Германија по ескалацијата на Блискиот Исток
Колку е успешен системот?
Производителот тврди дека системот е успешен 90%. Раководителот на израелската организација за противракетна одбрана, Моше Пател, за агенцијата АФП изјави дека „Железна купола“ во изминатите 10 години, до јануари оваа година, има пресретнато над 2400 ракети. Компанијата Рафаел, пак, зборува за над 2500 пресретнати ракети.
„Секоја ракета која е уништена би погодила населено подрачје, а со тоа потенцијално би предизвикала тешки штети и жртви“, се вели на веб-страницата на израелските одбранбени сили.
Според наводи на израелската армија, во текот на актуелната ескалација биле исфрлени над 1000 ракети во насока на Израел, од кои околу 200 паднале во Појасот Газа. Радикално исламистичката организација Хамас се чини се потпира на стратегија на исфрлање салви од ракети непосредно една по друга за да го стави на тест системот „Железна купола“, па дури и да го доведе до границите на неговите можности.
Колку чини системот?
Секое исфрлање ракети од батеријата, според медиумски извештаи, чини околу 66.000 евра. Тоа е причината зошто се пресретнуваат само ракети кои би требало да паднат врз населено подрачје.
САД дадоа финансиска поддршка за системот. Во меѓувреме Американците и самите купија од Израел два вакви система за одбрана.