Избор на неонацист за локален функционер ја шокира Германија | Свет | DW | 10.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избор на неонацист за локален функционер ја шокира Германија

Веста ја шокираше Германија - радикално десен политичар е избран на локална функција со согласност на сите водечки партии. По повеќедневни протести, општинскиот совет сега сака да ја повлече одлуката.

NPD-Funktionär Jagsch zum Ortsvorsteher gewählt (picture-alliance/dpa/A. Arnold)

Политичарот на НПД, Штефан Јагш

Само неколку дена откако еден член на деснорадикалната Националдемократска партија (НПД) беше избран за шеф на месната заедница во мало место во централна Германија, се прават напори да му се блокира патот. Локалниот совет во општината Алтенштад во близина на Франкфурт во понеделникот го направи првиот чекор кон поништување на одлуката.

Селото се најде во центарот на вниманието на јавноста откако едногласно го избра политичарот на НПД, Штефан Јагш, за општински лидер минатиот четврток.
НПД, ултра радикална десничарска партија со неонацистички елементи, се смета за „антиуставна“ од највисокиот германски суд и соработка со неа е табу за водечките германски политички партии.

Но, локалниот Совет кој го избра Јагш на функцијата беше составен од претставници на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, на СПД, како и на Либералите.

Членовите на Советот ја бранеа својата одлука со објаснување дека немало други кандидати за функцијата.

„Сериозна грешка“

Во понеделникот, седум од десет членови на Советот кои го изгласаа Јагш на функцијата, потпишаа барање за негово отстранување од функцијата, соопшти Лусија Путрич од локалниот огранок на ЦДУ. „Да, беше направена сериозна грешка, но ја препознавме и е исправена“, вели Путрич за локалните медиуми.

Но, Јагш веќе соопшти дека нема доброволно да ја напушти функцијата, иако за негово отповикување се доволни две-третини од гласовите.

Изборот на Јагш предизвика бура во Германија и ужаснати реакции од сојузните политичари кои не можеа да поверуваат дека нивните партиски колеги едногласно го избрале на функција неонацистот.

Лидерот на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер побара поништување на гласањето, оценувајќи дека „ужаснатоста и осудата“ на изборот се „целосно оправдани“.

Но, не сите членови на локалниот совет жалат за одлуката. Норберт Шиласко од ЦДУ го опиша Јагш како „апсолутно колегијален и смирен“ и вели дека „партиската припадност не игра никаква одлука“.

Во 2017 година, германскиот Уставен суд оцени дека НПД е партија „слична во карактерот“ на нацистичката партија на Адолф Хитлер. Но, судот сепак не ја забрани партијата, оценувајќи дека НПД е премногу слаба за да ја загрози демократијата.

DW.COM

Реклама