1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нипстери: неонацистите го менуваат стилот

Елизабет Шумахер/Б. Георгиевски13 декември 2015

„Нипстер“ или неонацистички Хипстер, е последниот каприц на германската десно-радикална сцена. Стилизираниот изглед, на новата неонацистичка генерација би можел да и помогне да привлече ново членство

https://p.dw.com/p/1HJhE
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Peters

Суптилен, но алармантен нов тренд ги поврзува најекстремните елементи од германската политичка култура со хипстерската мода, создавајќи ткн. „Нипстер“- или неонацистички хипстер. Препознатливите скинхеди со избричени глави и кожени јакни кои со леснотија ја дефинираа крајната десница во минатото, се аут. Трендовски чевли, дизајнерски чанти, дури и Ги Фоукс маски кои досега ги красеа припадниците на Анонимус, ги покажуваат новото лице на германското радикално десничарско движење: попуштен, помалку агресивен изглед кој им е привлечен на младите, а притоа ги презема и симболите на левицата.

„Сето ова започна кон средината на 2000-те, кога неонацистите почнаа да ги копираат левичарските движења во јавните настапи и облекувањето“, вели Феликс Хусман, германски новинар кој ги следи десно-радикалните и младинските движења.
„Тие увидоа дека тоа функционираше во левичарската супкултура и помислија дека ќе ги направи поуспешни“, вели тој за ДВ.

„Не сте добредојдени“

Франк Франц (на насловната фотографија), лидер на германската десно-радикална НПД (Националдемократската партија на Германија) е најдобар пример: овој 37-годишен татко се опишува себеси како „кројачки ентузијаст“ на Инстаграм, а фотографиите кои ги објавува прикажуваат човек со вкус за добро скроени костуми, елегантни марами и скапи одмори. Кога не ги предупредува имигрантите „Одете си! Не сте добредојдени“ на Фејсбук, професионалниот графички дизајнер се фотографира во скапи костуми:

Во изјава за ДВ, портпаролот на НПД Клаус Бејер инсистира дека Франц „го има тој стил на облекување веќе со години“, и дека тоа не е политички мотивиран ПиАр потег. Бејер вели дека во НПД сакаат нивните млади членови да го одржуваат сопствениот стил. „Нас не бираат луѓе на возраст меѓу 18 и 24 години. Сакаме да го говориме нивниот јазик“, вели Бејер.
Уште еден јавен Нипстер е функционерот на НПД од Баварија Патрик Шредер, кој води популарно националистичко шоу на Јутјуб, а во германскиот печат го опишуваат како „финиот неонацист“ поради неговото лежерно однесување и отвореноста кон новинарите, за разлика од многумина други на неонацистичката сцена.
„Ова е политичка борба“, изјави Шредер минатата година. „Ние не се обидуваме да станеме супкултура. Како движење ние треба да работиме на тоа што повеќе луѓе да станат ткн. Нипстери за подобро да се вклопат во мејнстримот“.

Deutschland, Patrick Schröder
Новиот изглед подобро ги вклопува неонацистите во мејнстримот, вели Патрик ШредерФотографија: picture-alliance/dpa/BREUEL-BILD/T. Schaube

Нипстерскиот феномен не е карактеристичен само за НПД: на Тамблр лесно се наоѓаат извонредно дизајнирани неонаци блогови, а постои и неонацистичко веганско кулинарско шоу „Балаклава кујна“ во кое лица со фантомки на главата или со маички со ликот на Адолф Хитлер ги нудат најновите рецепти.
Новинарот Хусман вели дека многу неонацисти се одлучуваат за модерно, помладо лице, но тоа не е естетика која се култивира од ПиАр стратезите на НПД. „Во многу случаи тоа е нивниот личен избор“. Младите крајно-десни екстремисти не сакаат да носат униформа: тие сакаат да го комбинираат нивниот личен идентитет со нацистичката идеологија.
Нивните грижи се и прагматични, вели Хусман: „Доколку се облечете како неонаци од 1990-те, какви се шансите да добиете работа?“

Јасно е дека Нипстеризмот го менува изгледот на неонацистите, но дали новиот изглед носи нови неонацисти? Хусман е претпазлив: „Во некои случаи тоа се покажа успешно. Им помогна да ја одржат својата база, а во некои градови како Дортмунд и да го зголемат своето членство“.

Стара идеологија, нов изглед

Иако Нипстеризмот го смени изгледот на многу неонацисти, Хусман не верува дека тоа ја менува нивната идеологија. Без разлика како изгледа неонацистот „тие сите делат една иста идеологија, а тоа е идеологијата од 1933 година, а не од 2015“. Без разлика на напорите за подобра презентација, агендата останува иста: анти-имиграциска и националистичка.
Во понеделникот стигнаа лоши вести за НПД, откако беше објавено дека германскиот Уставен суд ќе го разгледува барањето за забрана за партијата која користи нацистички симболи и реторика. Портпаролот Бејер вели дека НПД „многу сериозно му приоѓа на случајот“, но во истовреме „партија која не сторила ништо забрането, не може да биде забранета“.