1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Белорусија

Оља Мелник19 март 2006

Во Белорусија денеска се одржуваат претседателски избори. Никој не се сомнева дека актуелниот претседател, Александар Лукашенко, и покрај тоа што има тројца противкандидати ќе ги реши изборите во своја полза. Тој на чело на државата е веќе 12 години, а ЕУ и САД постојано го обвинуваат за изборна измама.

https://p.dw.com/p/Ac80
Лого од изборите
Лого од изборитеФотографија: BELAPAN

Социјалдемократот, Александар Косулин, противкандидат на Александар Лукашенко, вели дека неговите предизборни собири биле постојано во присуство на полиција, а секој детал бил сниман од агенти на КГБ во цивилна облека. На крајот на собири, по правило, се случуваат апсења. Кој ќе биде фатен при делење изборни програми, завршува в затвор поради непријателско агитирање против државата. Александар Милинкиевич, кандидат за претседател на Обединетите демократски сили, вели дека затворски казни добиваат и оние кои ги организираат предизборните собири.

“Државната власт падна во агонија. Тие никогаш не мислеа дека протестното расположение во општеството ќе порасне толку бргу. Сега се прават опбиди за изолација на оние кои на тоа повикуваат. “

Под обвинение дека планирале државен удар, десетици опозициони активисти се на обвинителна клупа. За да прикаже слика на привидна демократија, Лукашенко им дозволи на своите опозициони противкандидати по 30 минути настап на државната телевизија и радио. Тој се обиде да го забошоти фактот дека од нивните говори се исечени делови каде има критики.

Денеска во Белорусија има околу 30 илјади национални и две илајди меѓународни набљудувачи. Не сите набљудувачи добија дозвола да ги следат изборите на лице место. Имаше многу случаи во кои на меѓународни набљудувачи не им беше дозволен влез во земјата. Белоруското министерство за надворешни работи соопшти дека е непожелна и посетата на делегација на Европскиот парламент, зашто таа не била поканета. На членовите на делегацијата, во писмо им беше сугерирано дека секаков обид за влез во Белорусија ќе биде протолкуван како провокација и ќе биде спречен уште на граница. Европратеникот, Елизабет Шредтер, изјави:

“Тоа е знак дека Лукашенко навистина со сета моќ ја изолира земјата за изборите да се одржат без меѓународно набљудување. Сите луѓе кои добија дозвола за влез се поединечно избрани. Тоа покажува дека тој се плаши оти нема да добие мнозинство гласови, дури и во услови кога самиот ги диктира словите во земјата. Се обидува со репресалии спрема јавноста да се одржи на власт.“

Токму поради тоа, сите кои работат во државни институции требаше да гласаат во изминатите неколку дена. Организирани беа групни транспорти на вработените до избирачките места, кои се отворени пред шест дена. На родителските состаноци во училиштата, присутните треба да се впишат во избирачкиот список. И на универзитетите агитацијата се одвиваше наголемо:

“Сакал или не, кај студентите мора да агитираш тие да го дадат својот глас предвреме“, раскажува млада професорка, која вели дека улогата на пропагандистка не е во согласност со нејзината совест. Но, мора да соработува или ќе ја загуби работата. Тоа може да и се случи и доколку не собрала доволно гласови во полза на Лукашенко.