1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Иванов ја повлече амнестијата за 22 политичари

Б. Георгиевски
27 мај 2016

Македонскиот претседател Иванов попладнево соопшти дека ја повлекува одлуката за помилување на 22 политичари. Останатите кои не се политички експонирани ќе треба тоа да го побараат лично.

https://p.dw.com/p/1IvQS

По бројните и жестоки реакции дома и од странство, претседателот Ѓорге Иванов одлучи да ја повлече амнестијата за 22 од вкупно 56 лица, кои беа опфатени со аболицијата која ја прогласи на 12 април годинава. Иванов образложи дека денес, за разлика од 12 април, Македонија имала функционални институции кои можат да се справат со безбедносните предизвици.

„И денес како и тогаш сметам дека одлуката беше во интерес на граѓаните. Многумина не ја разбраа или не сакаа да ја разберат оваа идеја“, рече Иванов.

„Бев обвинуван дека сакам да ги заштитам политичарите и дека сум креирал селективна правда. Немав таква намера“, тврди македонскиот претседател.

„За разлика од 12 април денес имаме нова реалност во Македонија, имаме функционални институции кои можат да се справат со бегалската криза, со оглед на најавата за нов бран бегалците“.

Иванов се најде на жесток удар не само во домашната јавност, туку и од функционери на меѓународната заедница кои отворено го обвинуваа дека го нарушил Договорот од Пржино и го руинирал владеењето на правото во земјата со амнестијата за политичарите и нивните соработници.

Со повлекувањето на аболицијата, Иванов делумно става крај на кризната состојба која ја предизвика. За потсетување, освен водечките политичари и нивни соработници, Иванов со аболицијата опфати и лица кои биле сведоци на Специјалното јавно обвинителство. Еден од нив, Коста Крпач го загуби животот во се уште неразјаснет инцидент во неговиот дом на 27 април годинава.

Остри пораки

Изјавата на Иванов се случува само неколку часа по посетата на директорот на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон кој денеска од Скопје порача дека „во земја кандидат за членство во ЕУ мора да има целосна одговорност и еднаков третман пред законите и дека не смее да има простор за неказнивост или пак за селективна правда“.

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Дали СЈО сега непречено ќе може да ја врши својата работа?Фотографија: MIA

Со слична порака, и германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл денеска во интервју за Дојче Веле му укажа на Иванов дека аболицијата мора да биде повлечена.
„Амнестијата за политичарите од страна на претседателот Иванов не е во согласност со Договорот од Пржино. Затоа мора итно да се најде решение кое ќе овозможи кривичен прогон“, рече Хајндл.

Преостанатите 34 лица кои не се опфатени со поништувањето на амнестијата, ќе мора да се обратат директно кај Иванов за нејзино повлекување.
Иванов вели дека „како и досега“ и во иднина е подготвен да „помогне за надминување на кризата“.
Во исто време во Собранието е во тек постапката по барањето за импичмент на Иванов од функцијата, поднесено од опозициската СДСМ.

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Од СДСМ посочуваат на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“

Отворена врата за АА, диференцирање од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница