Иванов: Одмаздата води кон нова омраза | Македонија | DW | 26.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: Одмаздата води кон нова омраза

Во земјата не смее да има политички прогон и реваншизам, изјави претседателот во Собранието. Eдинствен начин за враќање на Македонија во нормала е ако влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Во својот прв говор пред новиот парламентарен состав, македонскиот претседател денеска зборуваше на повеќе теми, а во неговиот фокус се најде, како што рече, политичката криза која станува нова нормалност на која граѓаните почнале да се навикнуваат. Според него, македонскиот јавен простор е затруен со говор на омраза, лични фрустрации и желби за одмазда.

„Живееме во време на лажна медиумска реалност. Користејќи лажни вести, во Македонија се води војна на перцепции. Интернетот и емитувањето на прилагодени пораки до публиката се новата субверзивна алатка што се користи за обликување на јавното мислење и влијание на изборните резултати. Отидоа до таму, што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба...На Република Македонија ѝ е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести.“

Правда а не политички реваншизам

Зборувајќи за реформите во судството, Иванов се заложи за  изградба на независно судство  што ќе овозможи вистинско владеење на правото, но застанувајќи повторно во одбрана на дел од приведените обвинети за насилствата во Собранието на 27 април годинава и обвинувајќи за реваншизам:

„Но, треба да внимаваме правдата да не ја сведеме на политички реваншизам и лична одмазда. Бидејќи, одмаздата води кон нова омраза. Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и презумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од 'Заедничка Македонија' обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања. Правдата завршува таму каде што реваншизмот започнува. Затоа, потребна ни е правда наместо реваншизам.“

Иванов побара „враќање на културата на политички дијалог и нормална меѓусебна комуникација меѓу лидерите на власта и опозицијата, во интерес на граѓаните и на државата.“ 

Како еден од генераторите на политички и безбедносни кризи, препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на ЕУ, односно извештајот на Прибе, македонскиот претседател ја спомена УБК:

„Жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сè уште постои злоупотреба на системот, дека сè уште се монтираат случаи и дека сè уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности.“

Евроатлантски пат

Во поглед на неопходните реформи во земјата, кои ги бара и ЕУ, Иванов посочи дека тие можат да бидат успешни само ако за нив постои широк консензус и од власта и од опозицијата. За претседателот најголем приоритет на земјата останува опстојувањето на европскиот пат, а во тој контекст изјави: 

„Очекуваме Европската Унија да ја потврди својата политика на отворени врати. Република Македонија заслужено очекува на следниот самит да добие безусловена препорака и отпочнување на преговорите за полноправно членство. Покрај европската интеграција, Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив стратешки партнер на НАТО Алијансата...Единствен начин Македонија да се врати во нормала е ако час поскоро влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата.“

Шефот на државата во својот говор ја поздрави и посветеноста на Владата за изнаоѓањерешение за спорот околу името.

 „Надминувањето на ова прашање суштински ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Но, истовремено, повикувам на претпазливост...Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата", рече Иванов.

Тој во својот говор посочи дека се залага за градење добрососедски односи, регионално поврзување на земјите од Балканот и решавање заеднички прашања. Во тој контекст го поздрави и договорот за добрососедство со Бугарија и порача дека двете земји треба да го спроведат во интерес на секоја од нив.

Договорот создаде амбиент за поголема отвореност и соработка и меѓу црквите. Иако сум верник, сепак сум Претседател на секуларна држава, која е одвоена од црквата. Не се мешам во работата на црквите, но како и секој верник очекувам Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да биде рамноправен дел од православната екумена,“ рече македонскиот претседател во годишното обраќање.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ  денеска се вратија во Собранието за да го следат обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, откако неколку седници го бојкотираа Парламентот поради притворот на нивните колеги, осомничени за настаните од 27-ми април. ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да одлучи дали неговите пратеници ќе се вратат во Собранието или ќе продолжат со бојкотот.

 

DW.COM

Реклама