Иванов не им „попушта“ на Берлин и Брисел | Македонија | DW | 11.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов не им „попушта“ на Берлин и Брисел

По официјален Берлин и Брисел реагира со демант на наводите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за весникот Билд. Не е точно дека Македонија не добила ниту цент од ЕУ. Иванов останува на своето тврдење

Деманти и обвинувања на релација Скопје-Брисел-Берлин по интервјуто на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за весникот „Билд“. По официјален Берлин и Европската Комисија ги отфрли критиките од Иванов за недоволна поддршка на неговата земја во бегалската криза. Но, Иванов попладнево се јави со соопштението во кое тврди дека останува на кажаното.

„Сакаме да потенцираме дека земјата од 2007 година досега добила поддршка во износ од околу 900 милиони евра“, изјави портпаролка на Европската Комисија во Брисел. Дел од тие пари биле наменети и за заштита на границата и азил. Дополнително, од почетокот на кризата земјата добила и хуманитарна помош за бегалците, јавува агенцијата ДПА.

Во интервју за германскиот весник „Билд“, Иванов изјави дека Македонија иако не е членка на ЕУ ја заштитува Европа од Грција, која само ги пропушта натаму бегалците, меѓу нив и многу потенцијални џихадисти. И покрај тоа, Атина треба да добие 700 милиони евра помош од ЕУ, додека Македонија не добива ниту цент. „На Европа и е сеедно за нас“, рече Иванов.

Screenshot Bild Interview mit dem Präsidenten Gorge Ivanov

Иванов останува на тврдењата искажани во интервјуто за Билд

Портпаролката на Европската Комисија подвлекува дека Македонија досега добила 50 милиони евра за заштита на границите и за згрижување на бегалците. На располагање биле ставени и дополнителни средства. Притоа, портпаролката тврди и дека на македонските власти им било потребно долго време за да понудат детали за неопходната помош.

Берлин да понуди докази

Во меѓувреме, Иванов соопшти дека останува на својот став дека Македонија не добила никакви средства од Германија и од ЕУ за бегалската криза. Тој директно и порачува на германската влада да каже за кои пари зборува:

„Ја повикуваме германската влада да прецизира и јасно и точно да наведе, на кого, кога и за која цел, биле дадени споменатите средства од 52 милиони евра. Со цел да не се манипулира јавноста и доведува во заблуда, информираме дека споменатите средства од 664 милиони евра за периодот од 2014 до 2020 година, се дел од ИПА фондовите и се наменети за спроведување на европските реформи, а не за справување со бегалската криза и дополнителните трошоци на институциите во кризна состојба. Посетуваме, дека сите држави кои се инволвирани во бегалската и мигрантската криза и се справуваат со неа, добија посебна финансиска помош од ЕУ“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.

„Во однос на тврдењата дека Република Македонија разменува податоци од безбедносен аспект, ја информираме јавноста дека Република Македонија беше одбиена да добие пристап до дата базите на ЕУ, до дата базите на Шенген, и ЕУРОДАК, под образложение дека е трета држава и има правни бирократски пречки и ограничувања“, тврдат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Berlin Regierungssprecher Steffen Seibert

Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт

Претходно, портпарол на германското Министерство за внатрешни работи ги отфрли обвинувањата на Иванов дека Македонија сакала да разменува податоци со Германија за осомничени џихадисти, но, како што вели „никој не ги сакаше нашите податоци“. Според портпарол на германското МВР ваквите обвинувања на Иванов се несфатливи, со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку Европол.

Официјален Берлин исто така го отфрли и тврдењето дека Македонија не добила „ниту цент“ од Европа за бегалската криза. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, го повтори тврдењето на портпаролката на Европската Комисија дека Македонија од ЕУ има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците. Тврдење кое од Кабинетот на македонскиот претседател во меѓувреме го отфрлија.

DW.COM

Реклама