Зошто Германија депортираше македонска медицинска сестра | Северна Македонија | DW | 30.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зошто Германија депортираше македонска медицинска сестра

Додека германскиот министер за здравство заговара школување на персонал во странство за да се пополни големиот недостаток во земјата, една Македонка беше протерана од Германија и покрај сите исполнети квалификации.

Амела Мемеди поседува германска диплома за медицинска сестра, зборува течно германски, и ги исполнува сите услови за вработување во Германија, пишува магазинот Шпигел. Но Амела Мемеди не успеа да остане во Германија. Утрото на 19 ноември полицијата ја зема од нејзиниот стан и ја врати назад во родната Македонија. Само два дена подоцна германската влада го претстави нацрт законот кој треба да овозможи полесно доселување на квалификувана работна сила, особено од Балканот, во дефицитарните области. На Германија ѝ недостасуваат илјадници медицински лица, од доктори преку медицински сестри, па сѐ до негувател(к)и. Севкупно, Германија треба под итно да привлече околу 35 илјади стручњаци, од нив 25 илјади негуватели.

Амела Мемеди добила и понуда за работа на клиника во Хајделберг, а притоа ги исполнила и сите законски услови за продолжување на нејзината дозвола за престој. Сепак, на крајот, била депортирана во Македонија.

Амела Мемеди до крај се надеваш дека ќе успее да остане и да работи како медицинска сестра во Германија, пишува Шпигел

Контрадикторноста на ваквата одлука на германските власти ја засили планот да се надокнади недостатокот на медицински кадри со нивно школување во странство. 

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан деновиве ја претстави својата идеја за школување на негуватели во трети земји, кои потоа, обучени и со научен германски јазик би се доселувале во неговата земја. Меѓу земјите кои Шпан ги спомена како можни дестинации на вакви центри за обука е и Македонија.

„Во идеална варијанта, со завршувањето на обуката тие би започнале со работа во Германија“, рече Шпан. Како можни земји-кооперанти германскиот министер ги наведува уште и Косово, Филипините или Куба.

Македонските власти воздржано реагираа на планот на Шпан. Се стравува дека вакви идеи, наместо да го намалат, само ќе го забрзаат иселувањето на школувани кадри од земјата која и онака кубури со недостаток на медицински персонал.

Од Министерството за здравство предлагаат поинаква идеја која би функционирала на принцип на ротација. Имено, да се направат договори за размена со болници или региони во Германија, со што би им се овозможило на македонските лекари и медицински сестри да заминуваат на привремена работа во некоја болница во Германија, а потоа би се враќале во татковината. Со тоа тие би ги усовршиле своите медицински знаења, би стекнале нови искуства, би заработиле, но и би се вратиле во Македонија, односно не би биле засекогаш загубени за земјата.

DW.COM

Реклама