1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија подготвува нов закон за привлекување стручњаци

Бенџамин Најт
22 ноември 2018

Германија полека ги исполнува ветувањата за подготовка на нов закон за доселување, со кој сака да си го пополни недостатокот од работна сила. Но експертите велат дека законот нема многу да ја промени ситуацијата.

https://p.dw.com/p/38isd
Symbolbild Zuwanderung von Fachkräften
Фотографија: picture-alliance/dpa

На Германија ѝ недостасуваат медицински сестри, негуватели, градежници, молери, електричари и ИТ-специјалисти. Компаниите веќе долго време бараат владата да ги олесни процедурите за квалификувана работна сила, вклучително и за земјите надвор од ЕУ, да се доселат во Германија - и покрај тоа што политичката клима стана неповолна за многу мигранти. Стапката на невработеност во Германија во моментов е ниска, со околу 2.2 милиони луѓе без работа. Според Штефан Хардеге од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), околу 60% од компаниите велат дека имаат недостаток на работници, што е закана за нивниот раст и развој.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ објави детали од сѐ уште необјавениот прелиминарен текст на предлог-законот кој треба да биде одобрен од кабинетот на Ангела Меркел пред крајот на годинава.

Повеќе: Во Германија доаѓаат добро квалификувани работници од Македонија

Со предлог-законот треба да се отстрани една една клучна регулатива која важи во моментов: дека луѓето надвор од ЕУ може да добијат работа само ако нема некој Германец или граѓанин на ЕУ којшто би го пополнил тоа место. И не само тоа. Новата регулатива нема да биде лимитирана на сектори во кои е утврден акутен недостиг на работна сила. Во суштина ова значи дека секој со признаена квалификација и договор за работа може да се пресели да работи во Германија.

Предлог законот исто така содржи и одредби со кои им се дозволува на квалификуваните работници да се преселат во Германија на шест месеци за да бараат работа или да работат како „фриленсери“, сѐ додека можат сами да си ги подмират трошоците за живот и секако - задолжително да зборуваат германски.

Deutschland Symbolbild Fachkräfte im Mittelstand
Новата регулатива нема да биде лимитирана на сектори во кои е утврден акутен недостиг на работна силаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Бирократски хаос

Но, како што посочуваат експертите за миграција, спроведување нов закон е од помош само ако имате административни ресурси, а особено административна волја за да се имплементира. Процесот за аплицирање за виза стана главен проблем, објаснија експертите во вторникот на настан организиран од службата за интеграција. Луѓето коишто се надеваат дека ќе се преселат во Германија од центри од САД, како Чикаго, Сан Франциско или Њујорк, или од индиските градови каде што има многу ИТ-експерт,и како што е на пример, Бангалор, со месеци чекаат термин за поднесување на барање за виза во германските дипломатски претставништва.

Повеќе: Како до работа во Германија?

Адвокатката Бетина Офер, која ги застапува големите германски компании кои бараат работници во странство, во однос на ова вели дека таа го поздравува фактот што новиот предлог закон вклучува и нов систем за побрза обработка на ваквите барања. Од друга страна, таа е свесна дека голем број луѓе доаѓаат во Германија и предупреди дека властите „се на крај на капацитетите за процесирање на големиот број барања во моментов“. Таа додава дека „дури и ако имаме нов закон, а немаме зголемување на бројот на јавни службеници, веќе нема да можеме да ги процесираме."

Експертите исто така зборуваат за фундаментална антипатија кон имигрантите во службите. Офер вели дека бирократите понекогаш бараат и најмала можна причина за да одбијат да доделат дозвола за работа.

„Нашите клиенти се големи компании, а не мали бизниси кои сакаат да шверцуваат луѓе кои потоа ќе исчезнат“, појаснува таа. Дополнително, со околу 570 подрачни единици низ земјата, често има големи разлики во однос на толкување на комплексните закони, а понекогаш и властите ги игнорират последните промени во правната регулатива.

"Blaue Karte" für ausländische Fachkräfte
Експертите бараат кратење на времето потребно за добивање дозвола за постојан престојФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Основна антипатија

Томас Грос, професор по миграција на Универзитетот Оснабрик, се согласува со таквата оценка: „Законот за странски државјани со децении беше базиран на премисата дека во основа имиграцијата не е добредојдена во Германија“, вели тој. „Како правило, дозволата за престој беше издавана само ако има конкретно економска потреба или од лична хуманитарна причина.“ Тој нагласува дека ограничување на доселувањето е пропишано во првиот параграф од германскиот закон за престој, иако признава дека работите „се движат во вистинска насока“. Тој исто така додава и дека иако Германија ги има едни од најповолните регулациски системи во Европа, законот е така направен за да им помогне на луѓето да дадат придонес кон економијата, но не мора да се интегрираат во општеството.

Повеќе: Гастарбајтери: годината стана вечност

Грос исто така вели дека има два главни проблема во новиот закон кои се досега објавени во јавноста. „Ако навистина сакаме да се претставиме како атрактивна земја за мигранти, треба да се отворат нови можности за интеграција, како на пример - кратење на времето потребно за добивање дозвола за постојан престој“.

„Со предлог законот исто така се избегнува искористување на странците кои веќе живеат тука. Дополнително, тука е и проблемот со двојно државјанство, кое за многу луѓе е практичен критериум кој ја исклучува Германија.“ Во многу случаи, граѓани кои не се од земјите од ЕУ мора да се откажат од своето државјанство за да станат Германци.

Хардеге од ДИХК вели дека многу германски компании постојано се жалат оти законите се многу нетранспарентни и често е нејасно каков статус би имале потенцијалните работници и колку време ќе биде потребно за тие да добијат дозвола од властите. „Овие работи треба да се одлучувачки при носење одлуки во компаниите“, вели тој и додава: „Секако, ако времето на издавање работни дозволи е предолго, тогаш квалификуваните работници ќе одат на друго место.“

#DE_facto: Сѐ повеќе луѓе од Западен Балкан легално работат во Германија