1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зиддојче цајтунг: Недавање датум во јуни е засрамувачки

Обработка: Е.М. Фиданоска
12 јуни 2019

Грешка е што ЕУ овој јуни нема да смогне сили за почеток на преговори со Северна Македонија, оценува германскиот весник „Зиддојче цајтунг“.

https://p.dw.com/p/3KCoo
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Северна Македонија може да се надева, оценува весникот „Зиддојче цајтунг“ во својата анализа за состојбата со отворањето на преговорите за приклучување во ЕУ. Наведувајќи дека Скопје се бори за брз почеток на преговори, весникот пишува:

„Во Брисел многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека ќе биде направено сѐ по ЕУ-самитот на крајот на јуни и 'пред летото' да се најде решение, како на пример земјите (Северна Македонија и Албанија, н.з.) да бидат третирани одделно. Додека во Албанија само што беа одложени локалните избори, а конзервативната опозиција го бојкотира парламентот, само малкумина се сомневаат во тоа дека Северна Македонија е на вистинскиот пат, меѓу другото и со решавањето на спорот за името со Грција. За Преспанскиот договор се заложи и канцеларката Меркел, која в четврток ќе го прими премиерот на Северна Македонија, Заев. Тогаш ќе се види дали одлагањето за Скопје е можеби само кратко.“

Истиот весник објавува и коментар на оваа тема со наслов „Нефер и кусогледо“. Авторот Матијас Колб оценува:

„Грешка е што ЕУ овој јуни нема да смогне сили за почеток на преговори за приклучување со Северна Македонија и Албанија. Тоа е засрамувачки, зашто пред една година за двете земји беа формулирани критериуми кои би требало да се исполнат на 'патеката во насока на отворање на преговори за приклучување во јуни 2019'. Зборовите се замрсени, но јасно е на што се обврзаа шефовите на држави или влади.

Тоа што ЕУ-комисијата го потврди исполнувањето на задолженијата, не ги загрижува ЦДУ и ЦСУ. Бундестагот, чиешто 'да' е неопходно, ќе гласа 'најрано во октомври', рече Ангела Меркел и се постави наспроти СПД. Укажувањето дека Французите и Холанѓаните и онака ќе блокирале, не е уверливо. Одлагањето е кусогледо. Така се понижуваат реформаторите кои во Северна Македонија ризикуваа многу за да се реши спорот за името со Грција. Се ризикува разочарување и нестабилност во директното соседство на Европа, што само ги радува Русија и Кина.

ЕУ со право сака да дејствува посамоуверено, но за тоа мора да се држи до зборот и да прави сѐ за напредок на Балканот. Преговори за приклучување кои ќе траат со години се најдобриот инструмент против корупција и за изградба на правна држава“, коментира „Зиддојче цајтунг“.

Повеќе:

„Не“ за Скопје би било крај на проширувањето на ЕУ

Пендаровски: Неспорно е дека ќе добиеме датум во наредниов период

Згужван јуни

Шансите на Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори за ЕУ се тема со која се занимава и агенцијата ДПА, која ја цитира изјавата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер за „Политико“ дека „почетокот на преговори не повлекува непосредно членство во ЕУ: 'Членството нема да се случи утре во 11 часот, за тоа е потребно време во двата случаи (случајот на Албанија и на Северна Македонија,  н.з.)'. Но кога една земја како Северна Македонија во тешки услови ги исполнува бараните предуслови, вратата не може едноставно да се затвори. 'Јас сум против такво нешто'“, ги пренесува зборовите на Јункер агенцијата ДПА.