1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски и Виткоф умерени оптимисти по преговорите во Мајами

Тагесшау
22 декември 2025

Разговорите за Украина во Мајами, според американскиот специјален пратеник Виткоф и украинскиот претседател Зеленски, поминале конструктивно. Позитивно се изјасни и рускиот преговарач Дмитријев.

https://p.dw.com/p/55n5f
Русија Москва 2025 | Стив Виткоф и Кирил Дмитријев пред средба со Владимир Путин во Кремљ
Разговорите во САД за мировно решение за војната во Украина, според изјави од повеќе страни, поминале позитивно (фото: Стив Виткоф - десно, Кирил Дмитријев, Џаред Кушнер и Јуриј Ушаков)Фотографија: Kristina Kormilitsyna/Sputnik/AP Photo/dpa/picture alliance

Разговорите во САД за мировно решение за војната во Украина, според изјави од повеќе страни, поминале позитивно. Притоа не се објавени детали или конкретен напредок.

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на платформата X напиша дека разговорите меѓу претставници на САД, Европа и Украина за завршување на војната биле „продуктивни и конструктивни“.

Рускиот став по средбите во Мајами

Според руската државна агенција ТАСС, во врска со руско-американските разговори слично се изјаснил и рускиот преговарач Кирил Дмитријев.

Претходно од Москва беше соопштено дека Дмитријев во Мајами требало да добие информации за тоа што Американците и Европејците измениле во планот од 28 точки што САД го претставија во ноември.

Следните чекори на Москва по разговорите

По разговорите, Русија, според надворешнополитичкиот советник на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, ќе ја изложи својата позиција повторно.

Според Ушаков, Дмитријев денеска (22.12) ќе се врати во Москва и ќе го информира претседателот за резултатите од разговорите. „Потоа ќе ја формулираме позицијата со која ќе продолжиме, вклучително и во нашите контакти со Американците“, изјави Ушаков во коментари што ги објави новинарот кој ги покрива активностите на Кремљ, Павел Зарубин на својот Телеграм-канал.

„Следниот пат во Москва“

Подоцна рускиот преговарач Дмитријев објави порака со селфи на плажа: „Благодарам, Мајами. Следниот пат: Москва.“ На фотографијата Дмитријев носи маица со натпис: „Next time in Moscow“ („Следниот пат во Москва“).

Оваа реченица Путин ја изговори во август, за време на самитот со американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска, на негово очигледно изненадување. Трамп тогаш одговори: „Тоа е интересно. Веројатно ќе ми донесе малку проблеми“. Сепак, додаде: „Можам да замислам дека тоа ќе се случи“. Виткоф повеќепати беше во Русија на преговори и неколку пати се сретна со Путин

Зеленски бара поголем притисок врз Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така изрази задоволство од текот на разговорите во Мајами. „Работата на документите за завршување на војната, за безбедносните гаранции и за обновата продолжува – секоја точка детално се разгледува“, изјави тој во своето вечерно видео-обраќање.

Украина Киев | Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази задоволство од текот на разговорите во МајамиФотографија: Aleksandr Gusev/ZUMA/IMAGO

Соработката со американските претставници е конструктивна, додаде Зеленски. „Тоа е важно“, нагласи тој. На преговорите во Мајами било разговарано и за временска рамка за одредени одлуки. Тој очекува извештај од својот преговарачки тим.

Со оглед на засилените руски напади во регионот на Одеса, Зеленски ја обвини Русија дека не покажува подготвеност за завршување на војната. „Секој мора да види дека Русија без притисок не е подготвена навистина да ја запре својата агресија. Притисокот мора да се зголеми“, рече тој.

По разговорите, Виткоф на X напиша: „Русија останува целосно посветена на целта да се постигне мир во Украина.“