За „Албанците“ на Гордан Георгиев | Северна Македонија | DW | 05.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За „Албанците“ на Гордан Георгиев

Поведенијата на сегашната власт и севкупниот домашен и надворешен естаблишмент упатуваат на претпазливост од повторна реприза на прелесно заборавените полунаучени лекции од минатото. Колумна на Арсим Зеколи.

Се надевав дека нема да има потреба за пишување на оваа колумна-одговор на освртот на Гордан Георгиев насловен „Албанците – предлог прирачник за Македонците”, објавен неодамна во списанието „Бизнис и Економија”. Се надевав, попусто, дека некој друг ќе ја преземе и честа и обврската да одговори на исклучително провокативниот осврт на Георгиев и со тоа ме лиши од тескобата да бидам неповикан и неавторизиран соговорник од албанската страна. Втората причина е што низ моите јавни осврти во повеќе наврати ги имам искажано сопствените промислувања околу Македонците, така што фокусирањето исклучиво врз нив не би било ништо повеќе од рекапитулација. Сепак, иако мојата почит кон авторот е без никакви наводници и кондиционали, ценам дека некои од неговите ставови заслужуваат полемичен тон на собеседништво.  

Но, нејсе, назад кон темата-предизвик за рециклираната иднина на меѓуетничките односи. Оваа констатација е само надополнување кон ставот на Георгиев за крајот на мултикултурализмот како последица на непрекинатата манипулација со меѓуетничките односи. И повторно, споделувајќи ја во согласност истата мисла дека крахот на мултикултурализмот не подразбира и крај на мултикулти општеството или федерализација, како популарно дефинирани епигони на застрашување и одбележување, се наметнува прашањето – каде и кој е одговорот на новите предизвици?  

Стапицата во која обично паѓаме при секоја дебата за иднината или можните формули за консолидирање на меѓуетничките односи е во тоа што гледајќи во небо, барајќи ѕвезда водилка, не забележуваме дека трњето нѐ водат во навидум вечно и неизбежно вртење во круг. Храброста за осознавање на новата иднина ќе остане заложник на дневната политика импонирана од домашните и надворешни мешетари со стриктно определен мандат и интерес. Успешноста, затоа, исто како и неуспешноста на секој напор за изнаоѓање на нов правец, е однапред предусловена од храброста за барање излез од магичниот круг.

За грст пари

Некаде на самиот почеток на мојата колумнистичка авантура, некаде во 2012 година, предупредив дека Македонија се наоѓа на крајот на етничките политики. Јавноста, конвенционално и краткоумно како секогаш, во таа изјава сакаше да најде, да прочита и капитализира „еве конечно еден Албанец кој не размислува етнички”. Среде таквото цинично, тесноградо и утилитарно читање на таа изјава, беше речиси залудно и попусто моето предупредување дека крајот на етничките партии воопшто не подразбира раѓање на граѓанскиот концепт. Туку напротив, дека духот на етнопартиството е изеден, изџвакан и плукнат од демагогијата и се има здадено во паразитска потрага по ново тело, нов аватар, нов зомби-лик во кој шминката на мулти-култното, мулти-етничкото, прозападното, проевропското, пронатовското, пролибералното не е ништо повеќе од истата стара дегенерација со ново руво. Раното предупредување денеска полесно се препознава низ целосната клиентелизација на општеството и осиромашени и депримирани граѓани кои за грст пари ќе бидат сѐ што газдата на власт ќе посака.

Националист? Нема проблем.

Гражданин? Еве веднаш.

Европеец? Само да има евра.

Нато солдат? Ако се исплати.

Путин? Крв не е вода.

Ердоганист? Нацијата е вода.

Во ставовите на Георгиев ја насетувам (или посакувано читам, можеби) споделената вознемиреност пред тековната репетитивност на историјата која ни се случува и неминовно води кон ист депримирачки исход. Репетитивност во смисла на наметнување на веќе видената западна мантра дека „оние што правеле војна ќе знаат да прават и мир“, сега адаптирана кон новокомпонирано турбо-фолк граѓанство дека „оние кои сееја национализам ќе знаат да прават граѓанско општество“. Но она што ние домородците добро го знаеме, а западњаците безмилосно го користат е фактот што и двете мантри имаат едно те исто наличје – она на криминалот, насилството и корупцијата како паричка за евтино купување на балканските стабилности.

Затоа, наместо надеж за големиот пробив кон подобра иднина, оправдано е стравувањето дека во реалноста се случува само промена на улогите во манипулирањето со етничките односи. Додека Груевски и Ахмети спроведуваа феудална контрола на општеството низ мимикрија на национализам и на сметка на граѓанскиот патриотизам, сега настапува ерата на граѓанскиот патриотски феудализам на Заев и Ахмети, во кој сите кои се против нивниот режим се однапред со тапија докажани националисти и антизападни мрачни сили (!) Но секое барем милиметарско подлабоко читање на таквиот „патриотски граѓански феудализам“ на Заев и Ахмети нема да најдете ништо друго освен збирштина на конвертибилни криминалци, коруптократи, западни грант-хонорарци за една употреба и попатно обесмислување на граѓанството и етничките односи. И како што ќе стивнува еуфоријата на пропагандно-реформската сирена, пред очите и мислите на граѓаните ќе осамнува сознанието дека тоа мачно чувство дека ништо се нема сменето сепак не е поради замисленото, туку поради катадневно очигледното.

Знаат што прават, но знаат ли што (ни) чинат?

Бремето на давање соодветен одговор на ставовите на Георгиев за Албанците би биле многу полесни доколку постоеше барем приближно точна и општо прифатена дефиниција на тоа што подразбираме под Албанци, или пак под Македонци, во етничка смисла? Тргнете ги настрана јазичните карактеристики и фолклори, отфрлете ги стереотипите и на крај ќе се соочите со една голема недоумица во давање описна формулација која наместо обединување нема да предизвика нови линии на поделба. Процесите кои течат подолго време длабоко во матриците на двете „заедници“ допрва ќе добијат на жестина и ќе се наметнат како предизвик за традиционалните кохезии. Напливот на религијата, прелесните формулации за идентитетите, агресивно наметнатата конвенционалност и тешката социјална слика на севкупното општество се само дел од крајно сериозните предизвици за кои ќе биде сѐ потешко да се донесе барем умерено одржлив консензус. Патетичната еуфорија на власта дека ЕУ и НАТО се лек за сѐ, во синхронизација со лелекањето на опонентите на Договорот се ништо повеќе од пропагандни, тесногради гракања, кои ниту имаат ниту можат да понудат убедливи формули барем за контролирање на неизбежната фрагментизација на заедниците која ни претстои. 

Други колумни од авторот:

Е, сега е капитулација.

Засега (сеуште) без добaр наслов

Засега (сеуште) без добaр наслов

Изгубената сувереност и кешираниот интегритет ниту се имаат појавено во вакуум, ниту пак ќе бидат санирани преку ескапизмот во НАТО, ЕУ или каде било. Напротив, инсистирањето дека лекот за нас лежи во бегство од себе нема да донесе ништо друго освен дополнителни трибализации. Тековните „Алавитизации“ кои се одвиваат паралелно и истовремено како во македонската, така и албанската заедница, се конкретна илустрација на нашите ранливости предизвикани од сомнежот во себе и вербата дека партнерите од меѓународната добро знаат што прават за наше добро.

Црногорски сумирано, согласен сум дека знаат што прават, но и сосема сомничав дали баш знаат што (ни) чинат. И какви ќе бидат последиците од некритичката верба во идејата на Европа денес и таму, во светло на подемот на неонационализмот ширум ЕУ, а чија сенка полека натежнува и врз ова поднебје. Скепсата е дотолку повеќе актуелна доколку прифатиме дека понудата за лечење на нашите болки како да се заокружуваат со наше зачленување во ЕУ, но што потоа? Како потоа? Одговорите дека „потоа ќе бидеме како сите други земји на Унијата“ не само што не заслужуваат коментар, туку со таквата баналност треба да нѐ замислат дали воопшто следат што се случува во Унијата на нивната страсна желба. 

„Лешинарење“

За жал, нашата немоќ да влијаеме на процеси кои се далеку вон нашата контрола и влијание се реплицира и на домашен план. Недоумиците и дилемите на Георгиев и помладата и непартиски хипнотизирана домашна мисла извираат и од еден друг, многу поприсутен и обременувачки проблем. Немањето аутлет, финансии или медиуми за промовирање на нов, современ, реален концепт на меѓуетничките односи е помалиот дел од предизвикот во споредба со традиционалната „лешинарија“ и кражба на туѓи изворни идеи, замисли и иницијативи од страна на корумпираните партии, пред сѐ СДСМ и ДУИ. Кои по првичното „спротивставување“, на крај ги преземаат во форма и со сопствената нахалност, алчност и корупциска бесрамност ги сведуваат на евтини пароли, изборни лаги и лигави флоскули лишени од автентичната и автохтона суштина. Единствениот начин за избегнување на повторно „лешинарење“ од страна на наведените, е избегнувањето на јавни искази со што ќе се спречи нивната плагијаризација и преземање од страна на партиските клиенти, мегафони, вртикапи и манипулатори.

Што е само по себе апсурдно и оксиморонично и кон граѓаните - себично. Дури и опасно, доколку имаме храброст да укажеме на досегашните поуки дека секоја „еуфорија” на партиските големци дека со нив е дојден соживотот или животот, на крај редовно завршува во хаварија со долгорочни последици. Поведенијата на сегашната власт и севкупниот домашен и надворешен естаблишмент упатуваат на претпазливост од повторна реприза на прелесно заборавените полунаучени лекции од минатото.

Констатациите на Георгиев се навремени укажувања за процесите кои допрва ќе нѐ преокупираат и за кои не сум сигурен дека имаме доволно свест и подготвеност за соочување. Општеството е зрело за нови идеи и нови разговори надвор од системски конструираните величини, наметнатите шаблони и излитени нарации. Од нивното појавување (или заживување), од нивната дрскост ќе зависи модернизацијата на нашите национализми, судбините на нашите заедници и иднината на нашите загрозени слободи.

 

DW.COM

Реклама