1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
bulgarische Außenministerin Ekaterina Zaharieva
Фотографија: BGNES

Захариева нуди трампа: Реалноста за минатото

ДТЗ /ДВ
28 октомври 2020

Договорот за пријателство не се спроведува со добра волја, смета шефицата на бугарската дипломатија. Захариева е децидна дека Бугарија не сака промена на македонскиот Устав, туку прифаќање на минатото.

https://p.dw.com/p/3kZ4N

„Како што ја признаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото. Нема ништо комплицирано“, вели бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за бугарската агенција БГНЕС. Таа оценува дека Северна Македонија не го спроведува во добра волја Договорот за пријателство од 2017 година.
„Договорот е од 2017 година. Тој ги има сите гаранции се додека е спроведен со добра волја од двете страни. За жал, нашата проценка е дека тоа не е така. И покрај многуте шпекулации во печатот, особено во Република Северна Македонија - ниту сакавме промена на Уставот, ниту пак нашите тврдења се нови, ниту го оспоривме правото на самоопределување и правото на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на РС Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат“, вели Захариева.

Интензивни преговори

„Во секојдневни преговори сме. Немаме намера да запреме, особено затоа што ја поддржуваме РС Македонија сите овие 30 години. Темата беше покрената за време на нашето претседателство. Очигледно беше доста успешно. Факт е дека низа претседатели по нас, вклучително и германската, ја ставаат европската перспектива на земјите од Западен Балкан како главна тема. Значи, ние сме во преговори, па дури и сега. Денес, онлајн тимовите на нашите две министерства за надворешни работи се обидуваат да го решат конфликтот за да можеме да гледаме понатаму. Но, останува малку време. Преговорите се интензивни“, рече Захариева.

Таа потсети дека одлуката за почеток на преговори е донесена во март. Состанокот на 10 ноември на Совет за општи работи сега мора да ја одобри рамката за преговори, и ова не е краен датум. „Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори во сегашната форма. Имаме време, но тоа е исклучително кратко“, категорична е Захариева. На прашањето од што нема да отстапи бугарската држава, таа одговори: „Како што ја препознаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото. Нема ништо комплицирано“.

Прашањата да не се ставаат под тепих

Во меѓувреме и од Скопје пристигнаа слични пораки дека договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи.

„Прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни“, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој имаше работен појадок со бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на РС Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.

„Имаме рамка, која што е потпишана во 2017 година и таа ги дефинира инструментите како да ги надминеме сите разлики коишто постојат. Мислам дека не треба да има резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества“, рече Османи.

Според него, Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми. „Оставањето на прашањата под тепих, не прави тие да исчезнат сами по себе, туку само ги прави поголеми, ги акумулира и ги прави потешки за решавање во иднина. Апсолутно отворено, пријателски искажувајќи ги чувствителните работи од нашата страна во однос на отворените прашања, но слушајќи ги и останувајќи отворени и сензитивни за бугарската страна за сите прашања, сметам дека полесно ќе дојдеме до заедничко разбирање за се она што ги засега односите. Јас сум оптимист. Сите сме свесни за влогот којшто го имаме во овој процес, за важноста на процесот и фактот дека стратешки приоритет за двете држави е регионот да се движи кон ЕУ“, рече Османи.

Прашањето за јазикот е затворено

Дека нема ниту нов договор, ниту анекс на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, тврдат и од Владата. Владиниот портпарол Душко Арсовски на прес-конференција рече дека прашањето со македонскиот јазик е затворено и тој е точно заведен во овој Договор, поради што не постојат дилеми. „Во однос на историјата, тоа е работа на Комисијата за историски прашања која според она што го гледаме деновиве ја интензивира работата“, рече Арсовски.

Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за С Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација, рече дека тоа нема да се случи затоа што има декларација на парламентот и одлука на Влада.

Амбасадорката на Германија, Анке Холштајн ја повтори позицијата на нејзината земја дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, што е во интерес на сите вклучени страни. Германската амбасадорка рече дека ЕУ не треба да се меша во разликите помеѓу земја – членка и земја кандидат за членство, кои според неа се прашања кои се решаваат билатерално. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

загадување Скопје

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница