Затишје пред нова бура во Израел и во Газа? | Свет | DW | 22.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Затишје пред нова бура во Израел и во Газа?

Примирје е многу подобро од војна. Но примирјето не е мир. Уште колку пати ракетите ќе ги будат израелските и палестинските деца, се прашува Сара Јудит Хофман, дописничка на ДВ од Тел Авив, во својот коментар.

Што значи „примирје“ може да знае само оној кој знае како е кога се пука гласно. Сѐ уште се тресам кога ќе помислам на ноќта пред две недели кога за првпат се слушнаа сирените во Тел Авив. Децата штотуку заспаа, ги земавме в раце и отрчавме во засолниште. Мислевме дека нема да се разбудат.

Потоа пукна - израелската одбранбена ракета го пресретна проектилот испален од Газа. Па уште еднаш и уште еднаш. Децата збунети се припиваа во нас. Четирипати сирените повикуваа на тревога. Во три часот наутро ме разбуди детонација бидејќи се тресеше креветот. Тогаш прво пукна, па се слушна сирената.

Едвај и да можам да замислам колку заглушувачки биле деновите и ноќите за семејствата во Газа. Колку се тресело таму кога се рушеа цели солитери?

Повеќе:По примирјето на Блискиот Исток: радост и скепса

Толку банално звучи кога ќе се каже оти примирјето меѓу Израел и исламистички Хамас е добра работа. Секако дека е добра, особено за децата од двете страни. Но, тоа би можело да биде и затишје пред нова бура. Она што предизвика воен конфликт ни одблизу не е решено. Тоа посебно се однесува за Ерусалим, односно за претстојните принудни иселувања на палестиниските семејства во корист на израелските населеници во населбата Шеик Џарах. Или конфликтите меѓу Палестинците и израелските сили кај џамијата Ал-Акса.

Hofmann Sarah Kommentarbild App

Сара Јудит Хофман, авторка на коментарот

Но, тоа не е сè. Овојпат, не само што се судрија милитантите од Газа и израелската армија, туку и во рамките на Израел дојде до судири меѓу Евреите и Арапите. Дали тие ќе запрат сега кога примирјето е во сила? Или, овие судири беа само симптом на напрегнатоста која постои одамна и што која да исчезне толку брзо?

Повеќе:

-Блиски Исток: Решението за „две држави“ – утопија?

-Кој е Хамас и кој го поддржува?

-Зошто се заострува ситуацијата и на Западниот брег?

Градовите како Ако досега се сметаа за модел за мирен живот меѓу Израелците и Палестинците. Моите израелски пријатели, кои се вклучени во движењето за мир уште од тинејџерски години,  на својата ќерка и го дадоа името Ако, како симбол на светот во кој треба да живее кога ќе порасне. Сега токму во тој град имаше безредија, а гореа и ресторани, чии сопственици со години се залагаа за мирен соживот.

Страните во конфликтот конечно ќе мора да разговараат. Тоа звучи како општа констатација. Но, последните суштински мировни разговори се одржаа пред тринаесет години. Многу аналитичари сметаат дека решението за „две држави“ е сега невозможно, бидејќи толку многу еврејски населби никнаа на Западниот брег, кој е окупиран од Израел.

Затоа, и покрај примирјето, деновиве сум тажна и загрижена. Какви изгледи има кога и командантите на израелската армија велат оти за нив успех би било ако не се пука во наредните пет години? Уште колку пати ќе ги будат ракети децата? Изгледа дека надежта за вистински траен мир служи само како шега. Најдобро што децата на Блискиот исток можат да добијат е примирје. И да се надеваат дека ќе потрае.