1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Германија сака да стационира повеќе војници во Литванија, земјата партнерка во НАТО
Германија сака да стационира повеќе војници во Литванија, земјата партнерка во НАТОФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance
КонфликтиГлобално

Самит на НАТО: Да се дејствува што пообединето

Бернд Ригерт
28 јуни 2022

Нова стратегија, повеќе војници на исток и можеби нови членки. На самитот што започнува вечерва (28 јуни) во Мадрид, НАТО сака да одреди нов курс.

https://www.dw.com/mk/%D0%B7%D0%B0%D1%81%D0%B8%D0%BB%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%BB%D0%BE-%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B0-%D1%86%D0%B5%D0%BB-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D0%B0%D0%BC%D0%B8%D1%82%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%BE/a-62285822

Како и секогаш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, детално го подготви самитот на Алијансата кој ќе се одржи во Мадрид. Тоа требаше да биде негов проштален самит, но, поради војната во Украина, Столтенберг сепак ќе мора подолго да остане на должноста. Триесетте сојузници сакаат во време на криза на чело на Алијансата да биде докажаниот дипломат, а Столтенберг (63), кој е генерален секретар од 2014 година, поставува јасни насоки. „Централни одлуки за иднината на НАТО ќе бидат донесени во Мадрид. Ќе усвоиме нов стратешки концепт, ќе ја зајакнеме нашата одбранбена способност и ќе одлучиме за сеопфатен пакет за помош на Украина“, најави тој за германскиот неделник „Шпигел“. 

Столтенберг и останатите дипломати во НАТО се обидуваат со зборови да го ублажат спорот меѓу членката на Алијансата, Турција и земјите кандидати Шведска и Финска. „Ќе биде добро Шведска и Финска, кои бараат брз прием поради руската закана, да можат да бидат повикани во Мадрид. Но ,нема да биде катастрофа ако тоа не се случи“, го релативизираше проблемот американската делегација во НАТО. 

Засилување на источното крило 

Фокусот на самитот ќе биде на засилување на источното крило. Од почетокот на руската војна против Украина, и последниот партер во НАТО го сфати она што со години беше предмет на планирање на сојузот. Руската закана со конвенционално оружје е поголема отколку што се мислеше и затоа Москва во новиот стратешки концепт веќе не се нарекува „партнер“, туку „противник“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг: „На НАТО му е потребен нов стратешки концепт“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг: „На НАТО му е потребен нов стратешки концепт“Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Министрите за одбрана во НАТО пред две недели одлучија дека „источното крило“, односно подрачјето од Балтичкото до Црното Море, е потребно да се засили што е можно побрзо. Концептот за кој во моментов се расправа не предвидува постојано стационирање на големи борбени единици од неколку илјади војници.

Половина од „силната“ бригада, како што најави германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Литванија на почетокот на јуни, по правило ќе остане во Германија, а ќе биде префрлена во Литванија само во случај на криза. Другата половина (околу 1.500 луѓе) ќе останат во балтичките земји на ротирачка основа. Освен тоа, тука ќе има и 2.000 војници од другите членки на НАТО, така што дополнителната бригада под германска команда би требало да брои околу 5.000 војници.

Столтенберг сака на самитот во Мадрид да се постигне германскиот пример за „нови видови распоредување на трупите“ да го преземат и другите земји во НАТО. Британија, Франција, Данска и можеби Канада, исто така, би можеле да ветат единици, велат дипломатите од НАТО кои работат на подготовка на состанокот.

Предуслов за тоа е соодветна логистика, од која земјите во НАТО сѐ уште се многу оддалечени. НАТО во 2018 година во германскиот град Улм воспостави сопствена команда под името „Заедничка команда за поддршка и оспособување“.

Украина: Нагазни мини по нивите, блокиран извоз на жито од земјата

Во моментов во тек е разработка на сообраќајни рути, зајакнување на инфраструктурата и отстранување на бирократски пречки. Недостасуваат соодветни возови, мостови и пристаништа за брз транспорт на тешката воена опрема од Атлантикот или од Германија на исток. За време на Студената војна постоеше таква логистика, но, по повторното обединување беше демонтирана, бидејќи никој не доживуваше закана. Генералот на Бундесверот, Александер Золфранк, кој е на чело на командата во Улм, сака да го направи побрз транспорт на единиците за заплашувањето на противникот да има смисла.

Слога меѓу членките на сојузот

НАТО во последните месеци веќе го зголеми своето присуство на таканареченото источно крило. Во Полска, Естонија, Литванија и Летонија се зголемени постоечките „борбени групи“, при што станува збор за единици од 1.000 до 2.000 војници. Нови „борбени групи“ се основани во Словачка, Унгарија, Романија и во Бугарија. НАТО смета на тоа, поради руската закана, 100.000 американски војници повторно да бидат стационирани во Европа во март, од кои речиси 10.000 би биле распоредени само во Полска. Под директна команда на НАТО се 40.000 војници.

Земјите на источното крило на НАТО: Бројот на домашни војници и бројот на НАТО трупи распоредени во нив
Земјите на источното крило на НАТО: Бројот на домашни војници и бројот на НАТО-трупи распоредени во нив

Релативно новите членки на НАТО на источното крило се залагаат за потрајно присуство на американските единици. Дипломатите во НАТО нагласуваат дека треба да се подготват и на тоа оти поддршката од сегашната админстрација на Бајден во Алијансата би можела наскоро да заврши. Ако на претседателските избори во 2024 година победат републиканците, и ако Доналд Трамп се врати во Белата куќа, новоразбудената солидарност би можела да биде завршена. Зад кулисите на самитот на НАТО, францускиот претседател Емануел Макрон, кој сојузот веќе не го смета за „клинички мртов“ како пред неколку години, ќе се залага за зајакнување на „европскиот столб“ на НАТО и неговиот „суверенитет“. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Москва Анексија Украина

Путин потпиша анексија на четири украински региони

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница