Западен Балкан: Неподелена поддршка за Договорот од Преспа | Свет | DW | 20.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Западен Балкан: Неподелена поддршка за Договорот од Преспа

Уште една порака за „мир, стабилност и добрососедска соработка“ од западнобалканскиот собир во Брисел. На средбата било оценето дека договори како оној меѓу Македонија и Грција за името, се во интерес на целиот регион.

Уште еден состанок на лидерите од Западен Балкан во Брисел заврши со изјави за заедничка посветеност кон продолжувањето на патот кон ЕУ, реформските процеси и подобрата меѓународна соработка. Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, како домаќинка на веќе традиционалниот претпразничен собир на регионалните лидери во Брисел, порача дека партнерите од Западен Балкан „сега повеќе од кога било“, мораат да соработуваат за да напредуваат кон заедничката цел за интеграција во ЕУ. 

„Лидерите од Западен Балкан во Брисел ја истакнаа определбата да продолжат со работата за натамошна интеграција на регионот во ЕУ, во духот на добрососедските односи и помирувањето, воздржувајќи се од секакви активности и изјави кои не придонесуваат за севкупниот интерес и стратешките цели на Западниот Балкан“, стои во соопштението на канцеларијата на Високата претставничка, издадено по ручекот со западнобалканските партнери.

Дека состанокот на крајот на годината во Брисел бил добра можност да се резимира постигнатото во 2018 година во процесот на евроинтеграциите и развојот на Западниот Балкан, потврди и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

„Посебен фокус ставивме на прашањето на Македонија, дијалогот Белград-Приштина и прашањето на функционалноста на Босна и Херцеговина. Сите учесници потенцираа дека е многу важно решавањето на овие прашања, бидејќи тоа е во интерес на сите држави. Сѐ додека имаме барем еден отворен проблем, тоа ја загрозува перспективата на сите“, порача Ѓукановиќ.

Тој потврди дека сите лидери од регионот искажале подготвеност да се однесуваат конструктивно, и да им дадат поддршка на соседите кои се во непосредни проблеми.

Повеќе чекори напред

Овојпат, единствено македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел можеше да се пофали со успешниот договор со Грција околу името, кој би требало да ѝ стави крај на една од долгогодишните регионални кризи.

„За нас 2018 година беше во знакот на решавање на крупни прашања со соседите и спроведување на суштински реформи на внатрешен план, за да се продолжи патот кон НАТО и ЕУ“, истакна Заев.

Повеќе на темата:

-Заев и Ципрас остануваат верни на Договорот од Преспа

Македонија со помош на ЕУ се врати на вистинскиот пат и направи повеќе чекори напред во евроинтеграцискиот процес во текот на 2018 година. Она што Скопје, но и Тирана сега го чекаат, е одлука за започнување на пристапните преговори, која би можела да биде донесена во јуни наредната година. А таа 2019 веќе во најави нема да биде лесна, како за земјите од Западен Балкан, така и за Европската унија и процесот на проширување.

(Не)оптимизам

Кога станува збор за ситуацијата на Западен Балкан, во преден план во наредната година ќе бидат односите Белград-Приштина, на кои се осврна и српскиот претседател Вучиќ. Според него, односите во регионот се влошуваат, а примери за тоа се проблемите кои ги има Белград поради едностраните потези на Косово.

Повеќе на темата:

-Косово: На сите страни само губитници

„За тоа прашање сме прилично осамени, но се трудиме во сите останати сфери да развиваме што подобри односи и да гледаме да заврши тажната сага со таксите за српски производи на Косово, да го продолжиме дијалогот и да се приближиме кон компромисно решение. Не сум некој преголем оптимист, но не сакам со изјави ниту да ја расипувам божикната и новогодишна идила“, истакна Вучиќ.

Од друга страна, претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази надеж дека до договор помеѓу Белград и Приштина може да дојде во блиска иднина:

„Охрабрува фактот дека сите лидери во регионот ги поддржуваат напорите на Косово и на Србија за постигнување конечен договор“, рече Тачи. Тој додаде дека Косово изградило одлични односи со Македонија, Албанија и Црна Гора и оти охрабрува тоа што постои неподелена поддршка од целиот регион за договорот помеѓу Македонија и Грција за името, но и за договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора.

 

DW.COM

Реклама