Заев отаде зенитот | Северна Македонија | DW | 26.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев отаде зенитот

Можеби сѐ ќе беше поинаку доколку Заев се решеше неговите контроверзни ставови да ги изнесе пред домашните медиуми. Или уште подобро, идеално дури, пред пратениците на Собранието кое го има изгласано. Пишува Арсим Зеколи

Чувството кое тлееше се потврди по следењето на интервјуто на Зоран Заев за софиските медиуми.  Чувство дека можеби е време за тајм-аут, за пауза во преговорите, ладење на зовриените страсти и смена на кормиларите. За враќање на внатрешниот дијалог во институционални рамки а надворешните преговори во стандардни преговарачки формати. И пред се, за давање можност на двете страни да се определат помеѓу имагинарните замисли и политичките реалности. Бидејќи, барем за еден обичен набљудувач како што сум, станува сѐ потешко да се разбере какво пријателство се очекува да се создаде сред ваквите кавги околу Договорот за пријателство и какви европски вредности можат да испорачаaт и почитуваат скарани народи? 

Карамбол политички ставови

Ставовите на Заев, изнесени синоќа, немаат придонесено премногу за убедливо разјаснување на македонската позиција пред бугарската публика, уште помалку за смирување на од него самиот распаметената имагинација на сопствената јавност. Софиските гледачи паметат дека неполни 48 часа пред интервјуто, истиот новинар укажуваше дека Заев се согласуваше со владиното кумче дека посакува да дигне среден прст кон ставовите од Софија. Домашните гледачи пак се одамна збунети од биполарноста, триполарноста на сопствениот премиер и неговите карамбол политички ставови. Можеби сѐ ќе беше поинаку доколку Заев се решеше неговите контроверзни ставови да ги изнесе пред домашните медиуми. Или уште подобро, идеално дури, пред пратениците на Собранието кое го има изгласано. Жестокоста на дебатата немаше да биде избегната во секој случај, но барем процедуралноста на заземање став и прифаќање полемика ќе ја сочуваше перцепцијата на достоинство, сериозност и сувереност.

Други колумни од авторот:

Крвавите раце на добриот војник Тито

Крахот на миротворната ЕУ

Вето

Кој тоа спори со Бугарија?

За жал, наместо барем давање привид на кохезија и став, излагањето на Заев ги разоткри длабоките линии на поделба во сопственото опкружување. Забелешката за политичкиот јуниоритет на Пендаровски и сениоритет на Заев ќе беше разбрана само како карактеристична вербална смотаност, да не беа претходно изнесените, дијаметрално различни ставови од потстанарот на Водно. Надградени и проширени со – од истиот новинар – изнесените забелешки за сомнителните постапки на Димитров во Софија и наводните критики кон неговото поведение од страна на еврокомесарите во Брисел. За апсурдното бегство од вклучувањето на Собранието во процесот и да не зборуваме. Омилената анализа на клиентелистичките пера околу Заев дека Софија настапува со ваков-таков став кон Македонија поради внатрешни причини е веќе лилипутанска патрдија во споредба со гуливеровската шизма во владините кругови во Скопје. Додајте ги на тоа пренагласените, пренападните обиди на амбасадорката Брнс и лидерот на ДУИ за дигање на очекувањата во декемврискиот период и веќе сликата за раштиманоста е веќе повеќе од силуета во магла. Која уште повеќе се згуснува поради молкот од ЕУ.

Меѓународна политика за почетници

Дури и омилената стратегија на скопската кремљологија за контрола на процесите преку пипета-дозирани информации и диктирање вештачки плими и осеки на еуфорија и хистерија веќе не ги дава очекуваните резултати во јавноста. Напротив, предизвикува целосна конфузија во која станува се потешко да се разбере кој е нашиот став, кои се нашите „жолти минути” и кои се невралгичните точки на домашните неурози. За волја на вистината, вината за тоа подеднакво ја сносат и власта и опозицијата и дежурните југословенисти со стихиското изместување, разместување, наметнување, поткопување тези согласно дневно политичкиот штимунг и пазар. Па така, не по вина на власта, туку по паметта на критичарите, стигнавме во апсурдна позиција во која токму пропагаторите на тезата за „бугарскиот фашизам” ја изместија оската од прашањето на идентитетот помеѓу различните и го наметнаа впечатокот за спорот како интра-етнички идеолошки судир помеѓу локални Proud Boys контра Antifa.

На Заев како да не му беа доволни десетиците спорни точки помеѓу Софија и Скопје како и Скопје и Атина па во неговиот стил на „меѓународна политика за почетници” успеа да во приказната ги вклучи и Италија и Турција како претенденти за чувари на нашето небо. Настрана целосната нетранспарентност и приватизација на нашата безбедност од страна на клановите Заев-Шеќеринска, настрана пропуштената можност за капитална надградба на нашите безбедносни системи, пристапот на Премиерот кон ова прашање неминовно ќе отвори длабочински дебати за односите во јужното крило на НАТО. За што вината нема да падне само на сметка на Заев, туку и на Јенс Столтенберг и групацијата околу него која милува да сопствените предрасуди ги преточува во регионални непринципиелни коалиции. Новата администрација на САД ќе мора да вложи напори за час побрзо враќање на регионалните соработки во координатите базирани врз взаемна доверба, а не регионално ривалство. Доколку не, принципите за сувереноста базирана врз монопол на безбедноста и финансиите – сега надградена и практицирана во односите во регионот – наместо стабилност, ќе предизвикаат нова рунда прегрупирања, сомнежи, пизми и ставања сопки помеѓу ионака вечно параноичните соседи.

Од друга страна, се чини дека Софија нема намера да го смени нејзиниот тврд пристап кон Скопје, лишен од било каков привид или обид за преземање на шарм-офанзива. Делумно по нејзина вина, делумно поради кататоничната затвореност на Македонија кон софиските медиуми, Бугарија го нема копирано пристапот на Николас Коѕијас во обезбедување платена медиумска подршка, ниту пак може да се користи со копирање на моделот на традиционалната вљубеност на Македонците во српските или на Албанците во косовските медиуми. Со таков пристап, Софија чиниш сите надежи за медиумска промоција ги има сведено на Зоран Заев и грст ликови со минорно влијание врз јавното мнение, а често и со сосема спротивен ефект од посакуваното. Како што впрочем се докажа со синоќешното интервју.

Нетранспарентност

Сепак, најтешката компонента на сегашната состојба во преговорите е нетранспарентноста на водечкиот преговарач од Скопје, а тоа е Зоран Заев. И таа нетранспарентност, магловитост, неотчетност датира уште од неговата прва посета на Софија како лидер на опозицијата и средбата со бугарското раководство. Сѐ  што следеше потоа, сите неверојатни амплитуди од еуфорија до депресија, дијаметрално спротиставени ставови изнесени од него лично, избегнувањето на собранието кулминира со непознаницата колку од неговите политики се институционално поткрепени а колку се производ на неговите приватни односи, персонални политичарења и бизнис интереси.

Секогаш жеден за внимание, за бивање актер врз кој се вперени сите рефлектори, неприкосновен во владеење, Заев ги живее сопствените пет минути на битност. Кои во поликтиката се нарекуваат зенит на кариерата. Но во исто време, Заев е носител на титулата Премиер за решавање на спорот со Бугарија, од кој не се очекува справување со пандемијата, заздравување на економијата, чување на безбедноста. Решавањето на спорот по секоја цена неминовно ќе биде платено со губење на подршката за него и СДСМ. Подеднакво како што и одложувањето на решението на спорот ќе ја подрие смислата за неговата подршка по цена на ерупција на незадоволство од економските состојби. Неговата желба за апсолутно и неприкосновено водење на преговорите и разрешнца на спорот на крај се оствари. Оставен сам, како што посакуваше, до сопствениот крај.

 

Реклама