Заев, Димитров и Османи во Софија: Желбата е јуни, реалноста е октомври | Северна Македонија | DW | 16.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев, Димитров и Османи во Софија: Желбата е јуни, реалноста е октомври

Македонскиот владин врв во Софија ќе се обиде да издејствува промена на бугарската позиција со мали шанси за успех. Веќе е јасно дека почетокот на преговорите со ЕУ се сели во атарот на словенечкото претседателство.

Јунскиот самит на ЕУ ќе биде уште една пропуштена шанса за Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. Погледите полека се селат кон следното, словенечко претседателство на Унијата, а шансите за зелено светло за отворање на преговорите за членство со ЕУ се гледаат најрано во октомври, а поверојатно во декември.

Два дена откако изрази песимизам за можно надминување на бугарската блокада за почеток на пристапните преговори со ЕУ до самитот на ЕУ на 22 јуни, премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи заминува во Софија на уште една рунда разговори со бугарскиот државен врв. Доколку се суди според изјавите од двете страни, не се очекува никаков драматичен пробив, а уште помалку надминување на бугарската блокада.

Ќе се чека политичка влада

Тоа јасно се чита од изјавите на двајцата премиери. Заев во вторникот укажа дека целта на посетата не е решението само по себе, туку повеќе обид „да се заокружат дискусиите и да се почека (формирање) политичка влада во Бугарија“.

Денеска го потврди таквиот став со дополнување:

„На 6 октомври е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за нас“, рече Заев.

Изборите во Бугарија се закажани за 11 јули и до формирањето нова влада ќе минат уште најмалку неколку месеци, доколку не се повтори сценариото од априлските, кога во парламентот не се најде мнозинство за нова извршна власт.

Со слична порака од Софија денеска се јави и техничкиот премиер на бугарската влада Стефан Јанев, кој се надева дека во овој период можат да се утврдат само практични чекори кои подоцна, по формирањето на новиот бугарски парламент и влада, би се преточиле во трајно решение.

Соочена со засилен меѓународен притисок, официјална Софија изминативе недели драматично ја ублажи реториката, но реално, техничката влада е со врзани раце во однос на спорот со соседот. Но и политичката влада по изборите нема да има лесна задача да го смени наративот и да ги надмине пречките кои и ги оставија политиките на ГЕРБ и владата на Бојко Борисов.

Тешки промени

Во бугарското јавно мислење преовладува ставот дека не смее „да ѝ се попушти на Северна Македонија“, а дополнителна пречка е и Рамковната позиција која бугарскиот парламент ја усвои во 2019 година со двотретинско мнозинство.

Бугарскиот портал „Медиапул“ денеска во анализа прогнозира дека промената на бугарската позиција ќе оди многу тешко поради погоре наведените причини. За надминување на спорот можни се две решенија: или договор меѓу Скопје и Софија, или земјите-членки на ЕУ да прифатат вметнување на бугарските барања, вклучително и Патоказот во Преговарачката рамка со ЕУ. Второво изгледа речиси невозможно имајќи го предвид противењето не само на македонската влада, туку и на повеќе земји-членки (Германија, Чешка и Словачка во прв ред) на ЕУ.

Извесно е дека утрешната посета на Софија ќе биде само обид да се отвори дијалог и да се подобрат нарушените односи меѓу двете земји. Решението очигледно ќе се бара во оној момент кога во Софија ќе дојде на власт политичка влада со целосни овластувања и функционален парламент. Добрата вест за Скопје е што во потрагата по решение доби и нов, неочекуван партнер - Франција. Париз го презема претседателството со ЕУ на 1 јануари следната година и впечаток е дека претседателот Емануел Макрон по ниту една цена не сака прашањето за почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија да се прелее во неговиот мандат, особено што го очекува и кампања за претседателските избори.

DW.COM