Заев: Година на историски одлуки | Македонија | DW | 31.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Заев: Година на историски одлуки

На барање на ДВ, премиерот Зоран Заев направи селекција на три позитивни и три негативни настани во 2018 година, и на три најголеми очекувања во 2019.

Премиерот Зоран Заев нема дилема во својата оценка кои се трите најпозитивни остварувања во годината што изминува.

1. Договорот од Преспа;

Историски договор. Решивме спор кој три децении го блокираше остварувањето на нашите консензуални стратегиски интереси. Со Грција се договоривме да иницираме процеси за трајно и стратегиско партнерство. Во 2018 обезбедивме 2/3 мнозинство во Собранието за отворање на Уставот со цел - имплементација на Договорот. За мене, еден спореден, но интересен показател за големината и важноста на овој момент, е фактот што за добивањето на мандатот за премиер добив 6.000 пораки со честитки, а на денот на гласањето во Собранието за почеток на уставните измени таа бројка беше 8.500 пораки.

2. Поканата од НАТО и датумот за преговори со ЕУ;

Добивме покана за членство во НАТО која ќе се ефектуира со ратификацијата на Протоколот за пристапување во текот на 2019 година. Голем е овој настан, зашто го чекавме цели 10 години по самитот во Букурешт. „Воскреснавме“ процес кој од 2005 година, кога го добивме кандидатскиот статус за членство во ЕУ, беше заглавен, блокиран, зашто претходната владеачка гарнитура тотално го изгуби фокусот од тоа што е национален стратешки интерес и интерес на граѓаните. Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Хан, вели дека Република Македонија има реални шанси за првото наредно проширување кое се очекува да се случи во 2025 година.  

3. Раст на странските директни инвестиции, раст на директната поддршка на домашните компании;

Со околу 30 милиони евра, за првпат државата ги поддржа новите инвестиции, отворањето нови работни места, исплатата на повисоки плати и растот на конкурентноста на компаниите по еднакви услови и критериуми за домашните и странските компании. Во 2018 година навремено и неселективно се вршеше поврат на ДДВ кон компаниите во висина од 370.7 милиони евра заклучно со ноември. Просечната плата постојано растеше, со пораст од 6.5% во октомври 2018 во споредба со октомври 2017. Индустриското производство во месец октомври 2018 споредено со октомври 2017 бележи раст од 6.4%. Извозот расте за 16.2% (јануари - декември 2018). Невработеноста се намали на рекордно ниско ниво од 20.8%. Во 2018 имаме 16 нови странски инвестиции, со рекордно највисок влез на странски директни инвестиции од 327 милиони евра во последните три години во првите шест месеци од годината.

Загадување, загуби, бегство...

Во изборот на три негативни настани во 2018, премиерот Заев на прво место ја става загубата на личности кои оставија значајно општествено наследство во Република Македонија. 

1.  Загубата на угледни, значајни личности;

Во годината што измина останавме без наши угледни, влијателни сограѓани, кои оставија силен белег. Голема е загубата на Генерал Тодор Атанасовски, Перо Ивановски Тиквар, Цветан Грозданов, Блаже Ристовски, Иван Катарџиев, Горан Стефановски, Матеја Матевски, Милан Ѓурчинов, Абдулаќим Адеми, Љубиша Георгиевски, Мите Грозданов, Љупка Џундева, Ванчо Петрушевски.., но останува нивното духовно, научно, општествено и културно наследство кое секогаш ќе биде за углед, инспирација и почитување.

2.  Аерозагадувањето;

За жал, аерозагадувањето е еден од најкритичните еколошки предизвици со кои се соочува Република Македонија во последната деценија и подолго. Затоа, за првпат, справувањето со аерозагадувањето Владата го утврди како стратегиски приоритет, и соодветно на тоа, усвои програма за намалување на аерозагадувањето, која стана првенствена определба во врвот на агендата на Владата за наредните години.

3.  Бегството на Груевски;

Одлуката да избега од македонската правда само потврди дека поранешниот премиер Груевски знае дека згрешил, дека го прекршил законот по повеќе основи и во повеќе случаи. Ова бегање од правдата покажува дека ни на старите, ни на новите зборови на Груевски никој не треба да верува. Не смееме да брзаме, ако тоа ѝ наштети на целата истражна постапка. Потребно е да се открие секој детал - потребна е темелност и внимателност истрагата да не се наруши преку јавни изјави - само така ќе откриеме каде е одговорноста. Република Македонија е правна држава во којашто владеат законите. Секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки.

Интеграциски и економски исчекор

На крајот, премиерот ги посочува и неговите три најголеми очекувања во 2019 година.

1.  Заокружување и имплементацијата на уставните измени (ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, активирање на Протоколот за пристапување во НАТО и за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ);

Целиот процес за уставни измени во Собранието и низ јавната расправа, го организиравме максимално отворено и инклузивно. Убеден сум дека и низ јавната расправа ќе можеме да аргументираме дека ова е најдобра и фер шанса за нашата иднина. Очекувам да преовладаат аргументите и дека ќе се демонстрира мнозинство во Собранието за да се донесат уставните измени, кои ќе стапат на сила кога Република Грција ќе ја ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО. Лекциите се научени - не само од наша страна, туку и од страна на ЕУ и НАТО. Недвосмислено е јасна нивната определба нашата земја да ја видат како членка на овие сојузи, и од таа страна очекувам поддршката да продолжи.

2.  Година на економски раст (за продолжување на трендот на намалување на невработеноста, раст на платите и раст на БДП);

Очекувам дека 2019-та година ќе биде година на растечка економија, година во која ќе има повеќе пари за потребите на граѓаните, година на социјална праведност и подобра живејачка. Заокружувањето на започнатите политички процеси преку целосна имплементација на Договорот од Преспа ни ги отвора ширум вратите на НАТО и ЕУ, за стабилна основа и амбиент за понатамошен раст и развој на економијата кој ќе се темели на реалната моќ на стопанството. Верувам дека трендовите на растечка економија, политиките за социјалната праведност, подобрата живеачка и јасната перспектива за членство во ЕУ И НАТО, ќе бидат новата реалност за граѓаните и за компаниите во Република Македонија во 2019. Убеден сум и знам дека сме подготвени за големи предизвици и за промените што тие ги носат.

3. Избор на Претседател на РМ кој ќе ги застапува интересите на сите граѓани на државата;

Очекувам граѓаните да имаат избор за личности за претседател на државата со идентични стратегиски интереси на мнозинството на граѓаните на нашата земја. На Македонија и е потребен претседател кој со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе работи на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседател кој е консензуален за граѓаните, а не само за политичарите. Претседател кој е противник на поделби и изолациии, кој ќе ќе ја промовира Македонија како глобална и праведна земја.

Реклама