Жестоки критики за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ | Македонија | DW | 27.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Жестоки критики за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ

Пред рефрендумскиот молк кој почнува на полноќ, стигнуваат критики за двосмислените изјави на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ризикува да ги изгуби пријателите во Европската народна партија

Поради двојни стандарди со кои од една страна повикува секој да реши како ќе постапи на референдумот, а од друга го рекламира наводното доминантно расположение за бојкот, ВМРО-ДПМНЕ ризикува да ja изгуби довербата во Европската народна партија (ЕПП). Како што дознава ДВ од извори во ЕПП, „јавните изјави, во кои функционери на ВМРО-ДПМНЕ постојано го потенцираат како 'преовладувачко' расположението за бојкот и имаат разбирање за него, остава впечаток за загрижувачко неразбирање на важноста за историскиот момент пред кој е исправена државата“.

повеќе: Расипувачи на забавата

Џозеф Дол: Избегнете бојкот!

Случајно или не, претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, вчера на Твитер порача граѓаните во Македонија да „избегнат бојкот“ на претстојниот референдум.

„Народот на ПЈРМ ќе има историска шанса да одлучи за иднината на Македонија на референдумот во недела. ЕПП секогаш го поддржувала евроатлантскиот пат на регионот, како и граѓаните да го искористат своето демократско право да изразат мислење и да избегнат бојкот“, напиша Дол на Твитер.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Критики на контроверзните изјави од ВМРО ДПМНЕ

Дека ВМРО-ДПМНЕ ризикува да ги изгуби пријателите во ЕПП, предупреди известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл. Во разговор за „Фактор“, Вајгл ги критикува контраверзните изјави на ВМРО-ДПМНЕ кон референдумот, а изјавата на претседателот Иванов ја смета за „неприфатлива“.

повеќе: Паднаа маските: ВМРО-ДПМНЕ отворено повика на бојкот!

Мицкоски пак потврди дека опозицијата нема лидер

„ВМРО- ДПМНЕ дава контроверзни изјави кои не водат кон ништо. Изјавата на претседателот Ѓорге Иванов за бојкот е потполно неприфатлива, Европската унија ги осудува. Иванов и во минатото правеше чекори кои Брисел ги осуди. Не е наше да го оценуваме, но неговиот став не ѝ помага на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ треба да остане конзистентна на своите рани делувања, кога се трудеше да ја внесе Македонија во НАТО и да отпочне преговори со Европската унија. Опозицијата треба да продолжи со тоа делување и достигнување, а не да го врти грбот. Дури, важно е да се каже дека европските народни партии во најголем дел го поддржуваат референдумот. Ако ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжи со двосмислени изјави може да ги изгуби пријателите во Европската народна партија“, вели Вајгл.

Ништо ново од Иванов

Зачуденост што единствено македонската опозиција не ја разбира важноста на претстојната плебисцитарна одлука, нотираат голем број регионални медиуми. Српски „Блиц“ ја анализира „опскурната индустрија на лажни вести“ во Македонија започната пред изборите во САД, а која денес продолжува со несмалено темпо. Во текстот се наведени македонските портали кои се стожерен трансмитер на пораките што ги шираат застапниците за бојкот и интересите што стојат зад нив. Грчки „Катимерини“ коментира дека успешното финализирање на Договорот (во Македонија и Грција) ќе има стабилизирачки ефект врз традиционално пременливиот Балкански Полуостров, пријателските и соседски врски меѓу двете земји, а ќе го зголеми геополитичкиот и економски статус на Македонија. Во коментар под наслов „ФИРОМ си заминува, доаѓа Северна Македонија“, бугарски „Труд“ како „необјаснива“ је оценува позицијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

повеќе:Кој ќе ги спречи агитациите против референдумот?

„Со големо задоцнување раководството на ВМРО-ДПМНЕ реши да ги остави гласачите по свое убедување и совест да одлучат како ќе постапт во недела. Во исто време, Мицкоски води кампања во која го критикува Договорот со Грција и промената на името, но не ја искажува дефинитивно неговата позиција за гласањето. Знаел само дека на 29-ти му е роденден, а што ќе прави на 30-ти, ќе види...“, се вели во текстот.

Притоа авторот се осврнува и на дезертерското однесување на Иванов. 

„Претседателот Ѓорге Иванов претпочита да дезертира - како од кампањата, така и - веројатно од гласањето. Си ги зеде куферите, сопругата Маја, и отпатува за САД, каде на 27-ми септември  ќе говори на Генералното собрание на ОН. Нешто како проштален збор, нели мандатот му завршува во пролетта идната година. На средба со македонската дијаспора во САД, во Њу Џерси, Иванов изјави дека во недела нема да гласа, и дека е категорично против Договорот со Грција. Е, тоа не е изненадување. Кога ли Иванов бил со своите дома во важните моменти за Македонија?“, реторички прашува авторот.

Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje Ministerpräsident Zoran Zaev (Koalition für ein europäisches Mazedonien)

Премиерот Заев повика на сплотеност за иднината на Македонија

Заев: Ќе избереме европска иднина за сите!

Ваквите гестови се најдоа и во пораките разменети на домашната политичка сцена.  „Не можам да сфатам некој да бојкотира, зашто се бојкотира себе си. Не можам да сфатам како претседателот на државата нема да излезе на референдум. Ама ние ќе ја изгласаме иднината и за него“, порача премиерот на вчерашниот собир во центарот на Прилеп.

Тој ги повика сите да покажат сплотеност за иднината на Македонија.

„Се обраќам до сѐ уште неодлучните, и до опозицијата. Знаете дека подобар Договор не можеше да се постигне и дека се работи за иднината на Македонија, на нашите деца. Имаме пријатели од целиот свет кои поддршката ја потврдија со нивното доаѓање во Македонија. Затоа, ајде да ѝ одржиме лекција на Европа, дека во оваа наша Македонија има граѓани кои веруваат во Европа и преку успешен референдум да покажеме дека успеваат референдумите за иднината на Европа“, повика Заев.

И неговиот коалициски партнер, Али Ахмети од собирот во општина Врапчиште порача дека треба да се соберат сите сили - позиција и опозиција, бидејќи ова е заеднички проект за членство во НАТО и ЕУ.
„Верувам дека референдумот на 30-ти септември ќе биде успешен“, рече Ахмети.

И додека лидерите од власта ја повикуваат опозицијата да гласа за иднината на земјата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, преку интервју за белградска „Политика“ порача дека „мнозинството граѓани се против капитуланскиот договор“, дека „сите се против Заев“ и повторно одби да каже како ќе се изјасни на референдумот.

„Мојата лична одлука граѓаните ќе ја видат на 30-ти септември“, изјави Мицкоски за „Политика“

Денеска е последен ден во кој лидерите и партиите ќе им ги испратат нивните пораки на гласачите. Од полноќ започнува молк.

DW.COM