ЕУ-самит: долг пат до (некаква) согласност | Свет | DW | 29.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ-самит: долг пат до (некаква) согласност

Лидерите на земјите од ЕУ во Брисел на самитот ги договорија основните линии на бегалската политика. Предвидени се кампови за бегалци во ЕУ, прифатни логори во Африка и подобра заштита на надворешните граници.

По дебата од преку осум часа, шефовите на држави или влади ја напуштија рано утрово зградата на Европскиот совет  уморни и не многу расположени за давање изјави. „Имавме преголема работа заради премостување на различните ставови“, ги сумираше германската канцеларка напорите по долгата ноќ. Тоа значи - се воделе жестоки кавги. Дури третиот предлог на заедничката завршна декларација на крајот бил прифатлив за сите.

„Хотспотови“ во Европа, бегалски логори во Африка и Фронтекс

ЕУ-шефовите на држави или влади планираат склучување договор со една или повеќе африкански држави за подигање бегалски логори. Досега неколку африкански земји откажаа, но може да станува прашање за пари. Канцеларката истакна дека притоа намерата е да биде вклучен и УНХЦР и Меѓународната организација за миграција, што би значело почитување на меѓународното право. Двете организаци на ОН веќе поставиле услови во тој поглед - подготвени се да преземат само логори во кои ќе бидат обезбедени основните вредности. Новите бегалски логори ќе бидат наречени „платформи“, очигледно во намера да се избегнат ударни наслови како „ЕУ гради логори во Африка“.

Во рамките на ЕУ-границите треба да бидат организирани повеќе прифатни центри, „хотспотови“, во кои ќе бидат сместувани бегалците стигнати со бродови преку Средоземно Море. Францускиот претседател Емануел Макрон инсистира притоа на терминот „затворени“ центри. Во нив по брза постапка треба да биде констатирано дали некој има потреба од заштита поради политички прогон. Меѓутоа, засега нема доброволци за „домаќини“ на вакви центри, иако францускиот претседател во текот на ноќта го разработуваше овој предлог со италијанскиот премиер Џузепе Конте. Детали ќе следат подоцна. На крајот, италијанскиот премиер се чинеше задоволен и изјави: „Од денес Италија не е веќе сама.“

Освен тоа, решено е Граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, до 2020 година да биде финансиски и персонално зајакната и да прерасне во гранична полиција. Целта е „што е можно помалку мигранти да стигнат до европско копно“, формулираше австрискиот канцелар Себастијан Курц. Одлуката во Брисел се однесува и на спасувачките бродови од невладините организации, кои пред брегот на Либија во никој случај не смеат да ја попречуваат тамошната крајбрежна стража. Што конкретно значи тоа, не е појаснето.  

Belgien EU-Gipfel in Brüssel | Sebastian Kurz (Getty Images/AFP/L. Marin)

Себастијан Курц со јасно предупредување кон Германија

Баварски ултиматум

Дали постигнатото, иако неконкретно, сепак е доволно со оглед на почетните позиции? Ангела Меркел допатува во Брисел со фигуративен пиштол на слепоочницата, кој го држи министерот за внатрешни работи, шефот на баварската Христијанско-социјална унија, Хорс Зехофер. Ултиматумот гласи: ако до викендот нема европско решение, Зехофер на германските граници самоиницијативно ќе започне да ги запира да влезат мигрантите кои се веќе регистрирани во други земји од ЕУ. Дали се баварците задоволни со млакиот договор од Брисел, допрва ќе се види. Ако не се, и ако Зехофер повлече потег без одобрување од својата шефица на владата, коалицијата ќе биде пред распад.

На канцеларката напомош малку ѝ прискокна австрискиот колега Себастијан Курц, кој не криеше дека главна цел на австриското претседавање со ЕУ во втората половина од годинава ќе биде целосно спречување на миграцијата. Курц го предупреди Зехофер дека ќе „дејствува“ ако се затворат германските граници. Во превод, ако Германците не ги пуштаат мигрантите кои стигнуваат преку Австрија, Австријците нема да ги пуштат назад.

За Зехофер тоа дополнително би ја компликувало работата, зашто покрај големи перипетии и високи трошоци би можел само да се обиде да ги префрла мигрантите со авион таму каде прво влегле во ЕУ - Италија, Грција, Бугарија.

Belgien EU-Gipfel in Brüssel | Guiseppe Conte (Reuters/E. Vidal)

На крајот, италијанскиот премиер Конте беше задоволен

Италијанско вето

На друга страна беше италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој синоќа, за време на вечерата, најави вето на завршната декларација на самитот ако не се постигне задоволително решение за проблемот на миграцијата кој ја интересира Италија. Овој вид неформално вето, со можност за торпедирање на договоорт за сите прашања, не е непознат во Брисел. Непишан обичај, меѓутоа, е секој шеф на влада на самитите само еднаш да смее да одигра на таа карта кога некое прашање е посебно важно за неговата земја.

Во некој вид шатл-дипломатија, претставникот на Конте посредуваше меѓу собата во која се водеа преговорите и просторијата во која седеа новинарите, со намера да ги појасни италијанските позиции. „Кој стигнал во Италија, стигнал во ЕУ“, гласи нивната формула. Ако од Либија до италијанскиот брег стигнат 100 мигранти, 90 мораат да се распоредат низ други земји од ЕУ.

Повеќе:

Меркел: Миграцијата може да стане судбинско прашање за ЕУ

Мигрантите и ЕУ: Добрата волја да се поттикне со пари

Иако другите не се пресреќни поради оваа италијанска тактика, дома во Рим „палат“ наслови како „Конте ги диктира случувањата“, како што напиша италијанската новинска агенција. На крајот, посебно по италијанска желба, во соопштението стои еден пасус во кој се вели дека односот кон бегалците мора да биде во дух на солидарноста кон другите членки на ЕУ.

Имаше место и за шеги. Конте во еден момент ги повика колегите да му веруваат како се склучуваат договори, зашто тој има адвокатско искуство. Шведскиот премиер на тоа одговори дека тој порано бил заварувач, а шефот на бугарската влада, Бојко Борисов дека бил пожарникар. Сите се смееја.

Но, на Ангела Меркел на крајот не ѝ беше смешно. Во својот дипломатски стил процеди нешто што звучи како умерен оптимизам: „Добра порака е што на крајот имаме заеднички текст.“ Поголема пофалба од тоа не може ни да се најде.

Меркел добро знае дека сите ќе бараат интерпретации на договорот според она што им одговара. И знае дека ѓаволот се крие во деталите.

 

DW.COM

Реклама