Блокада на проширувањето на ЕУ: Површната пресметка на Макрон | Информации и анализи за Балкан | DW | 06.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Блокада на проширувањето на ЕУ: Површната пресметка на Макрон

Француските граѓани начелно се противат на приемот на С. Македонија и земјите од Западниот Балкан во ЕУ, но, како што покажува една нова анализа, за таа тема знаат малку. Зошто тогаш Елисејската палата ја спушти рампата?

Минаа две години откако бившата француска министерка за Европа Натали Лоазо во Белград изјави дека од проширувањето на ЕУ нема ништо- додека самата ЕУ не се реформира. Таа јасна порака оттогаш се слушна неколку пати и од самиот претседател Емануел Макрон.
Избран како либерална надеж и брана од евроскептичните популисти на Марин Ле Пен, Макрон од влезот во Елисејската палата го стави проширувањето на ЕУ со шесте држави од Западниот Балкан на мраз. Тоа добро го знаат во Скопје и Тирана, затоа што Макрон есента 2019 го блокираше почетокот на преговорите со Брисел, и покрај зеленото светло од Европската комисија.
Секако дека над глава му седи десно-популистичката опозиција која не сака повеќе доселеници во Франција, а и онака е против ЕУ. Но, поради тоа сигурно не треба да се поткопува заедничката политика на ЕУ“, напиша тогаш во коментар, дописникот на ДВ од Брисел, Бернд Ригерт.

Французите не се заинтересирани за Балканот

Од претпоставката дека Макрон го минира проширувањето на ЕУ заради политички поени дома, поаѓа и анализата на Фондација за отворено општество објавена на 2 февруари.
„Администрацијата на Макрон е многу претпазлива“, вели за ДВ, Срѓан Цвијиќ, еден од авторите на истражувањето. „Мислам дека тие суштински не се против проширувањето на Западниот Балкан, но се плашат од последиците доколку постои перцепција дека истото го поддржале“.
На прв поглед делува дека стратезите на Макрон се во право- проширувањето меѓу Французите е непопуларно како ретко каде на континентот. Во истражувањето кое го спровеле Цвијиќ и колегите, дури 59 отсто од Французите изјавиле дека приемот на Западниот Балкан би бил лош потег, додека само 22 отсто велат е добар.
Слично е и кога се во прашање поединечните земји. Додека огромно мнозинство Французи би го поздравиле приемот на Норвешка (81%) или Исланд (75%), за Балканот тоа не е случај: од Црна Гора (27%), Украина (26%), Северна Македонија (25%), Србија (22%), БиХ и Албанија (20%), Косово (15%) и Турција (12%). 


Но, работите се менуваат кога ќе ги прашате Французите колку би влијаело проширувањето на ЕУ на нивните животи. Дури 30% сметаат дека приемот на Турција „многу би влијаел“, додека за Западниот Балкан тоа го велат само 8% од испитаниците.

Интуиција и површни истражувања

Во еден текст на Блумберг од ноември 2019 се сугерира дека сценариото за европските маневри на Макрон- од барањата за реформа на ЕУ, помалата зависноста од НАТО, па до противење на проширувањето- не се создава во Елисејската палата, туку го пишуваат стратези на „Републиката во движење“. Тоа движење на Макрон е во постојана кампања и во потрага по популарни потези за својот шеф.
„Мојата хипотеза е дека Французите никогаш не направиле вистинско истражување на јавното мислење за прашањето за Западниот Балкан, туку дека се потпирале врз интуицијата и површни истражувања каде луѓето само се прашуваат дали се за проширување“, вели Цвијиќ. „Балканот не им е од преголемо стратегиско значење, па одлучиле дека е помалку ризично да ја блокираат таа приказна“. 
Според истражувањето, само 22 отсто од испитаниците имаат цврст негативен став за проширувањето на ЕУ кон земјите од Западниот Балкан. Меѓу нив, мнозинството и онака нема добро мислење за ЕУ.
„Противењето на проширувањето е манифестација на противењето на Французите на ЕУ, онака како што тие ја доживуваат. Значи, нема посебни предрасуди кон земјите од Западниот Балкан“, објаснува Цвијиќ.

Долга историја на скепса кон проширувањето

Макрон не е осамен во туркањето на проширувањето на ЕУ под тепих. Во април 2019, во пресрет на изборите за Европскиот парламент, во ТВ дебата на кандидати за пратеници едно од прашањата гласеше: „Дали Србија треба да влезе во ЕУ до 2025 година?“ Од 12 кандидати, само двајца рекле „да“, еден бил воздржан, а останатите одговориле со „не“. 

Гледај видео 02:44

Лоазо: Проширувањето не треба да им се остави на бирократите во ЕУ


Темата има долга историја во политички Париз. Уште Жак Ширак како претседател ги убеди граѓаните да гласаат за европскиот Устав во 2005 година ветувајќи им промена на францускиот Устав- така што граѓаните на референдум ќе можат да го потврдат приемот на секоја нова членка на ЕУ. Тогаш гласно се говореше дека Турција би можела да стане членка, против што Французите отсекогаш имале отпор.
Уставот подоцна беше сменет, но прагот за прием на нови членки и натаму е висок. Наместо со референдум, одобрувањето се дава со двотретинско мнозинство во дводомниот парламент. Од постојана внимателност пред некои следни избори, Макрон, сепак, не заговара проширување.
„Французите на некој начин ја спуштија рампата. Но, ако се обрне внимание на егзактните податоци, можеби би го ревидирале ставот“, вели Цвијиќ, со прогноза дека тоа би можело да се случи по изборите за Европскиот парламент во 2024 година.
„Да беше Франција на исти позиции со Берлин, да го форсира проширувањето на ЕУ, тогаш се би имало поинаков исход“, вели тој.
Макрон, пак, следната година го чекаат неизвесни избори на кои се бори за втор мандат. Би било изненадување доколку во вториот круг повторно не се соочи со шефицата на Националниот сојуз, Ле Пен. Според анкета на магазинот Политико, во моментов Ле Пен има предност од два проценти во анкетите.

DW.COM