ЕУ подготвува триста милијарди евра за да се спротивстави на кинескиот „Пат на свилата” | Економија | DW | 04.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

ЕУ подготвува триста милијарди евра за да се спротивстави на кинескиот „Пат на свилата”

Со серија инвестиции во посиромашни земји Европската комисија сака да стане сериозна конкуренција за Кина. „Глобалниот влез“ на ЕУ е замислен да биде поатрактивен од кинескиот „Нов пат на свилата”.

Европската комисија во следните пет години планира да мобилизира до 300 милиони евра и средствата да ги инвестира во инфраструктурни проекти во светот, пред сѐ во Африка, Азија и Латинска Америка. Иницијативата со име „Глобален влез“ (Global Gateway) е со поголем финансиски волумен отколку што првично се очекуваше по најавата во септември годинава.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, лично е ангажирана околу инвестициската програма. Замислена е како на демократски вредности втемелена алтернатива за познатиот кинески проект „Нов пат на свилата” (Belt and Road Initiative) кој е започнат уште во 2013 година.

„Покажуваме дека го вртиме погледот и нанадвор за да поддржиме инвестиции насекаде во светот”, изјави Фон дер Лајен во Брисел при претставувањето на проектот. „Транспарентноста и доброто владеење се во преден план на проектите“, рече таа.

ЕК со тоа сака да го намали влијанието на Кина, иако во нацртот за „Глобален влез“ тоа не е експлицитно формулирано.

„Со понудата за позитивен развој на светската инфраструктура, проектот сака да инвестира во меѓународната стабилност и соработка. Освен тоа, треба да се покаже дека демократските вредности како безбедност и фер пристап, носат одржливост за партнерите и трајни придобивки за луѓето ширум светот“, се вели во документот кој беше усвоен неделава од ЕК.

„Тоа е јасна алтернатива за постоечките програми", рече претседателката на Комисијата, одговарајќи на новинарско прашање дали иницијативата цели на Кина.

Повеќе: Студија: Кина практикува тајни договори при давањето кредити 

Да се мобилизира приватен капитал

Од 300-те милијарди евра за инвестиции, 135 треба да произлезат до 2027 од гаранции од „Европскиот фонд за одржлив развој“. Тука ЕК сака да привлече и доста приватен капитал благодарение на „нови инструменти за финансирање”. Европската развојна банка со седиште во Луксембург, друштво на ЕК, треба да има носечка улога во процесот.

Дополнителни 150 милијарди евра треба да се одлеат од постоечки програми, финансиски институции на ЕУ, како и инвестициски програми на земјите членки. Во овој дел не станува збор за „нови“ средства, туку за нов метод на пресметување. 18 милијарди евра треба да бидат повлечени како гаранции од буџетот за развојна помош на ЕУ.

DW Doku zur chinesischer Seidenstraße auf dem Balkan

Кинескиот пат на свилата на Балканот: Кинески фирми работат на термоцентралата Тузла 7 во Босна и Херцеговина

Пример - водород

Како пример Европската комисија наведува инвестиции во производството на водород во Африка, каде што ЕУ со 3,5 милијарди евра би требало да осигура приватни инвестиции. За возврат, земјите кои ќе привлечат инвестиции мора да се обврзат дека ќе извезуваат водород без царини и ограничувања. Брисел секако се надева дека европски компании ќе бидат ангажирани за изградбата и управувањето на водородните постројки, велат дипломати кои учествувале во подготовката на документот.

Друг проект би можел да биде поставувањето на подводен кабел за побрз интернет во Црно Море. Во Јордан ЕУ би можела да финансира нов мост до - од Израел окупираните - територии на Западниот брег.

Повеќе:Талибанците ќе бараат спас во Кина и Новиот пат на свилата

ЕУ планира финансиски да помогне и на европски компании со субвенции за извоз за да може на регулирани пазари да се наметнат над домашната конкуренција или државно потпомогнати фирми, на пример од Кина.

Истовремено, ЕУ сака да се обиде преку ангажманот ширум светот да постави стандарди во одредени индустриски сектори, по примерот на Кина со 5Г во мобилната интернет комуникација. Тежиште на проектните инвестиции треба да бидат дигитализација, заштита на климата и алтернативни извори на енергија. Не се работи само за градење улици кои потоа евентуално би воделе до пристаниште управувано од Кина, рече Фон дер Лајен уште пред месеци.

Infografik China's new Silk Road EN

Кинескиот „Нов пат на свилата“ (април, 2019)

Кина е во предност

Кина уште во 2013 започна со својот проект и мобилизираше стотици милијарди долари преку разни фондови и развојни банки. Околу 70 земји веќе се дел од иницијативата, меѓу коу и земји членки на ЕУ и држави од Западен Балкан.

Во Грција и Италија кинески инвеститори управуваат пристаништа. Многу држави во Европа се директно поврзани преку кинески железнички линии со овие пристаништа или со извезувачите во Кина.

Критичарите на кинеското планско производство му префрлаат дека земјите вклучени во нивните проекти ги привлекуваат со евтини кредити кои водат до сѐ поголемо државно задолжување. Еден таков пример летоска беше Црна Гора. Земјата се обрати до ЕУ за помош, бидејќи заглавила со кинескиот кредит за предимензиониран автопат. ЕУ во овој случај одби да даде финансиска помош. Автопатот сега е останат недовршен во планинските предели. Кина понудила еден вид одлагање на кредитот.

Повеќе: ЕУ плаќа, Кина гради - и заработува!

„Глобалниот влез има потенцијал“

Учеството во кинеските проекти не треба да биде критериум кој исклучува свежи инвестиции од Европа. Заинтересираните држави може да се обратат до двете иницијативи. Освен тоа, и САД и Јапонија уште пред 4 години поставија сопствена инвестициска програма како контратежа на кинескиот „Нов пат на свилата”.

Германскиот амбасадор при ЕУ, Михаел Клаус, кој порано бил амбасадор во Пекинг, иницијативата на ЕУ ја смета за добра идеја. „Глобалниот влез има потенцијал да ја претвори ЕУ во ефикасен геополитички играч. За многу партнери понудата за соработка, која се базира на правила и вредности и рамноправност на партнерите, ќе биде добредојдена алтернатива за кинеската иницијатива“, вели Клаус.

China Xi'an Frachtzug Neue Seidenstraße

Директна врска со Кина: Кинески товарен воз на пат за членката на ЕУ, Летонија

Европското здружение на претприемачи „Бизнис Европа” побара од земјите членки во рамки на новата иницијатива подобро да ги координираат и националните инвестициски програми. Освен тоа, како што се вели, има смисла да се поврзат со иницијативата „Build back better“ на Г7. „Проекти финансирани од ЕУ не треба да бидат достапни за компании од земји кои не им го даваат истиот непречен пристап кон нивните пазари на европските компании“, бара здружението на претприемачи во објавениот став.

„Кина нема да замрзне од страв"

Европратеникот од баварската ЦСУ, Маркус Фербер, критички гледа на предлогот на ЕК. ЕУ се држи до прекумерна регулација и премногу барања во распределбата на средствата за проектите. Иако финансискиот волумен е зголемен, гломазниот систематски пристап е непроменет.

„Голем дел од парите доаѓаат од постоечки програми или зависат од приватни инвестиции. Полн погодок изгледа поинаку. Кина нема да замрзне од страв“, рече европратеникот Фербер во Брисел.

Концептот мора да биде одобрен од Советот на Европската унија и и Европскиот парламент пред следната година да може да потечат првите средства.