ЕУ: Единство, но само до изборите | Свет | DW | 15.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ: Единство, но само до изборите

Две недели пред изборите за Европскиот парламент заклучокот од самитот на ЕУ не потресе никого. На ветеното единство ќе му дојде крајот кога ќе почне битката за функции, смета Барбара Везел.

Не е јасно дали специјалната формулација за заклучокот од самитот од Сибиу е чин на иронија на своја сметка. Ветувањето дека „заеднички ќе се помине низ добро и зло“ е често дискутабилно и кога станува збор за брачни другари. А, во случајов има 27, а не два партнера. Во минатото европските земји покажаа дека кавгите меѓу нив се расчистуваат на суров начин, па така сите колнења во пријателство нема да користат многу кога се работи за моќ и интереси - притоа следната голема кавга е веќе програмирана.

Глупаво е решението со врвен кандидат

Премиерите на неколку помали земји не го кријат одбивниот став кон начинот на избор на следниот прв човек на Европската комисија. Францускиот претседател е исто така дел од оние кои пружаат отпор. Неговиот контрааргумент има основа. Транснационални избирачки списоци за партиите во Европа би овозможиле да произлезе победник кој би имал основа да бара да стане прв човек на Комисијата. Зошто грчки конзервативец, кој немал никакво влијание врз изборот на Манфред Веберво неговата пратеничка група во Европскиот парламент, па дури и не го ни познава, да се чувствува соодветно застапуван од него? И тоа подобро застапуван од исто така конзервативниот Французин Мишел Барние кој е можен компромисен кандидат?

Barbara Wesel Studio Brüssel (DW/G. Matthes)

Барбара Везел

Вебер очајно се бори против таквите ерозивни појави кои го ставаат под прашање неговото право врз челната позиција. Сега веќе се добива впечаток дека баварецот предизвикува контраефект. Кој е премногу гласен, лесно може да стане губитник во кавгата за моќта на европските држави да назначат претседател на Комисијата по своја мерка. Покрај тоа, кандидатот има неколку големи слабости. Прво, не е жена. А, нема ни владино искуство. И трето, доаѓа од најголемата земја членка на која и онака често ѝ се префрла дека доминира во ЕУ. Дури и неговата етикета како самопрогласен „градител на мостови“ е слабост. Многумина му префрлаат дека со години не ги урнал мостовите кон Виктор Орбан, кој пред очите на сите мутираше во диктатор.

Празна кампања без преседан

Тоа што Манфред Вебер своето право го извлекува од демократско теоретски размисли, дека парламентот го избира квази-премиерот на ЕУ, е дискутабилна и заради тоа што Европскиот парламент иако во последно време значително го зголеми своето влијание, граѓаните и натаму малку се интересираат за него. Дали некој некогаш видел попразна кампања од оваа? Изгледа дека е составена само од поединечни дебати и осамени плакати на невини дрвја и канделабри во земјите членки. И зошто граѓаните би се загреале за такви кандидати анонимуси кои до денес не докажале дека се важни за секојдневието и иднината на луѓето? Каква ли е тоа евтина и безживотна манифестација во која партиите своите пари и идеи си ги чуваат за националните предизборни кампањи и само од чувство на одговорност маргинално си играат европски избори? Така ништо не правиме со барањето за повеќе демократија во Европа. Тоа има врска и со персоналните решенија. Мандат во Европскиот парламент и натаму се смета за второстепена кариера. Европскиот парламент не ги привлекува најпаметните и најдобрите, а во следниот состав ќе има згора на тоа и популистички противници на ЕУ и ексцентрици. 

Конфликтот зоврива

Јасно е дека пазарот за новите функции ќе се отвори веднаш по изборите. Тогаш на дневен ред доаѓаат пакети со персонални решенија, големи и мали, север против југ и исток против запад. И секако конечно треба да бидат вклучени и неколку жени кога ќе се избираат врвните дипломати за Европската комисија, Парламентот, Европската централна банка и надворешната политика. Најдоцна тогаш ќе му дојде крајот на единството и хармонијата и ветувањето за заедништво од Сибиу. На многу премиери им е јасно колку е фактички важна таа распределба. ЕУ во следните години ќе се бори за својот опстанок и иднина. Слаби кандидати не смее да си дозволи во овој мандат.

DW.COM

Реклама