1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ердоган им се заканува на САД со затворање воени бази

ЖА / агенции
16 декември 2019

Поради најновите тензии во односите со САД, претседателот на Турција се закани со затворање на две воени бази кои ги користат американските војници. Пентагон одговори- базата Инџирлик е симбол на партнерството со Турција

https://p.dw.com/p/3UtCs
Türkei l Präsident Recep Tayyip Erdogan spricht vor seiner Abreise zu den NATO-Führungskräften
Фотографија: picture alliance/AA/M. Aktas

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со оглед на  затегнатоста во односите меѓу Анкара и Вашингтон,  смета дека е можно две бази да бидат затворени за САД.

„Ако се покаже за потребно, можно е затворање на воената воздухопловна база Инџирлик и на американската радарска станица Куреџик во провинцијата Малатаја“, изјави Ердоган синоќа во интервју за ТВ Ал Хабер. Посебно, доколку против Турција стапат во сила „мерки како санкции“, ќе биде даден соодветен одговор, најави Ердоган.

Минатата недела турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу веќе навести дека Турција, во случај на почеток на американски санкции, може на САД да им го забрани пристапот кон Инџирлик и Куреџик. Американските сенатори побараа воведување санкции против Турција поради тоа што земјата летоска го купи рускиот одбранбен ракетен систем С-400.  Американската влада стравува меѓудругото од можноста Русија, преку сензитивните радари на системот, може да стигне до податоци поврзани со споспобностите на американските борбени авиони Ф-35. Анкара учествуваше во производството на борбените авиони и имаше намера да купи поголем број од нив. Поради оружениот дил со Москва, САД ја исклучија Турција од програмата Ф-35, но досега изостанаа поостри санкции.

Türkei US Airforce F-15 Incirlik Air Base
Пентагон - базата Инџирлик е симбол на партнерството со ТурцијаФотографија: picture-alliance/AP Photo

„Статустот на нашата војска во Турција од наш аспект претставува симбол за нашиот повеќедецениски ангажман за соработка со нашиот НАТО-сојузник и стратешки партнер Турција и нејзина одбрана“, изјави портпарол на Пентагон за германската новинска агенција ДПА во Вашингтон. „Министерството прави напори за одржување на овие врски и истовремено за охрабрување на Турција во водењето поконструктивна политика, не само во поглед на системот за ракетна одбрана С-400, туку и во однос на Сирија и други области во кои постојат разлики на мислењата“, истакна поррпаролот.

Односите меѓупартнерите во НАТО - САД и Турција  се затегнаа дополнително со Декларацијата, која по  Претставничкиот дом, ја усвои и Сенатот на САД, а со која масакрот врз Ерменците во Османското Царство е признат за геноцид. Турција остро протестираше против одлуката. Турскиот претседател Ердоган вчера изјави дека станува збор за политичка одлука, која е сосема неприфатлива.

За време на Првата светска војна, Ерменците биле систематски прогонувани и меѓудругото испраќани на т.н. маршеви на смртта во сириската пустина. Историчарите зборуваат за стотици илјади до 1,5 милиони жртви. Турција, како наследник на Османската империја, признава смрт на 300.000 до 500.000 Ерменци за време на Првата светска војна и изразува жалење за масакрот, но решително отфрла негово квалификување за геноцид.