ЕП бара замрзнување на преговорите со Турција | Свет | DW | 24.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕП бара замрзнување на преговорите со Турција

Европскиот Парламент денеска гласаше за замрзнување на преговорите со Турција за приклучување кон ЕУ.

За замрзнување на преговорите гласаа 479 од вкупно 751 европратеници, а 37 беа против. Со тоа Европскиот Парламент реагира на мерките што турската влада ги презема против медиумите и опозицијата во земјата по обидот за пуч во јули годинава. Меѓутоа, резолуцијата на ЕП не е обврзувачка за Европската Комисија и членките на ЕУ. Потпретседателот на ЕП, Ото Граф Ламбсдорф, сепак оцени дека е испратен силен сигнал.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходните денови изјави дека резолуцијата на ЕП за него нема никакво значење.

По обидот за пуч во Турција се отпуштени повеќе од 125.000 државни службеници, а повеќе илјади се уапсени. Меѓу нив има и војници, полицајци и судии. Во визирот на властите се и новинарите и академиците. ЕП во резолуцијата оцени дека ваквите мерки се репресивни и несразмерни. Ердоган го обвинува проповедникот Фетула Ѓулен дека стои зад обидот за пуч и ги гони неговите приврзаници. Ѓулен, кој живее во САД, ги отфрла обвинувањата.

Турција почна преговори за приклучување кон ЕУ во 2005 година, но тие веќе долго се во ќорсокак. Ердоган за наредната година најави референдум околу продолжување на преговорите. ЕУ, пак, се заканува дека ќе ги прекине преговорите доколку Турција повторно ја воведе смртната казна.

Последниот збор околу третманот на Турција го имаат членките на ЕУ. Австрија веќе се изјасни за стопирање на преговорите. Други земји, како Германија и Франција, стравуваат дека ваков чекор ќе има влијание врз договорот со Турција за бегалците, кој ЕУ со многу напор го склучи со Анкара во март годинава.

 

DW.COM

Реклама