ЕК: Условите исполнети- преговорите можат да започнат | Северна Македонија | DW | 02.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕК: Условите исполнети- преговорите можат да започнат

Европската комисија во меѓу-извештајот уште еднаш потврди дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Се поздравува напредокот во реформите.

Северна Македонија постигна „значителен напредок“ и ги исполни условите кои и беа наметнати од Советот на ЕУ за почеток на преговорите, наведува Европската комисија во ажурираниот извештај за напредокот кој се уште не е официјално објавен. Зеленото светло од Брисел сега треба да биде охрабрување за лидерите на земјите-членки на ЕУ, на самитот овој месец конечно да ги отворат вратите за почеток на преговорите.
На самитот во октомври минатата година, Франција го блокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија барајќи најпрво да се изврши реформа на методологијата. Европската комисија во меѓувреме излезе со реформирана стратегија која ги задоволува барањата на Париз.

Генералната оценка на Европската комисија е дека „Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“.

Како такви се наведуваат судските реформи, случаите на висока корупција, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација. Брисел оценува дека се преземени „значајни законодавни чекори за зајакнување на независноста на судството“. Во тој контекст се поздравува „зајаканата улога на Судскиот совет“ и разрешувањето на шест судии, меѓу нив и на претседателот на Врховниот суд. Поздравено е и изгласувањето на новиот Закон за јавното обвинителство, на самиот крај на мандатот на досегашниот пратенички состав во Собранието.

Во делот на истражувањето, прогонот и пресудите за случаи на висока корупција, ЕК констатира дека „е продолжен позитивниот тренд од 2018 година“.

„Добар напредок“ се бележи и во реформата на безбедносните служби, додека во делот на јавната администрација се констатира дека е забележан „продолжен напредок“.
Поздравувајќи го засилениот ангажман на Антикорупциската комисија, Европската комисија ги повикува владата и антикорупционерите да преземаат мерки за случаите на непотизам.

 

DW.COM