ЕК предлага преговори во „кластери“ и право на земјите-членки да ги сопрат преговорите | Свет | DW | 04.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕК предлага преговори во „кластери“ и право на земјите-членки да ги сопрат преговорите

Предлогот за нова преговарачката методологија на ЕУ до кој дојде Дојче веле, предвидува поделба на процесот во тематски групи и право на земјите-членки да ги блокираат преговорите со кандидатите.

Belgien Brüssel | EU-Kommission und EU-Parlament zu dem «Green Deal» - Ursula von der Leyen (picture-alliance/dpa/AP/F. Seco)

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Државите кандидати за членство во ЕУ во иднина ќе преговараат за членство преку шест кластери во кои ќе бидат распоредени досегашните 32 поглавја. Ветувајќи покредибилен и подинамичен процес, во верзијата на документот кој сѐ уште не е конечен, Европската комисија најавува дека со новата агенда ќе ја поддржи трансформацијата на земјите од Западниот Балкан во функционални пазарни економии кои ќе можат целосно да се интегрираат во заедничкиот ЕУ-пазар, ќе отвори нови работни места и можности, ќе ги подобри бизнис и инвестициската клима, ќе му даде особено значење на владеењето на правото и ќе го запре одливот на мозоци од регионот.

Конечната верзија на новиот план на Брисел за регионот и генерално за политиката на проширување ќе биде претставена утре.

Впечаток од последната верзија на документот до која дојде Дојче веле е дека тој  во голема мерка им удоволува на француските барања кои беа претставени во нон-пејперот на Париз во ноември минатата година. Двете клучни барања на Франција во тој документ беа заострување на условите и реверзибилност на процесот, и токму на тие прашања е ставен акцентот и во документот на ЕК.

Клучен фокус во идните преговори со ЕУ ќе биде ставен на фундаменталните реформи: владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите. Тоа ќе биде и првиот преговарачки кластер наречен „Фундаменти“, во кој ќе влезат пет досегашни поглавја:

*1. Фундаменти:

(23) Правосудство и основни права;

(24) Правда, Слобода и безбедност; Економски критериуми; Функционирање на демократски институции; Реформа на јавна администрација;

(5) Јавни набавки;

(18) Статистика и

(32) Финансиска контрола

Според ЕК, организацијата на преговорите во кластери ќе овозможи посилен фокус на клучните сектори во политичкиот дијалог и идентификување на најважните и итни реформи во секој сектор. Во основа, во овој дел и нема голема разлика со претходната метологија на ЕУ, затоа што и таа започнуваше и завршуваше со отворање и затворање на Поглавјата 23 и 24.

Дилемата - дали новата методологија ќе се однесува и на Србија и Црна Гора кои веќе преговараат, ЕК ја решава со понуда двете земји да продолжат да преговараат во кластери, но со нивна согласност и со почитување на актуелните поглавја.

Со новата методологија, како што беше најавено, Брисел предлага мерки за наградување, но и казнување на земјите-кандидати во зависност од нивниот напредок во процесот. Доколку земјите добро и брзо ги имплементираат реформите, можат да очекуваат „поблиска интеграција со ЕУ“ и приклучување кон пазари и програми, како и „засилено финансирање и инвестиции“.

Санкциите, односно реверзибилноста на процесот кој го бараше Франција, се дефинира како мерка која во иднина ќе може да ја донесува Европската комисија, но и земјите-членки. Особено ќе се санкционира назадувањето во фундаменталните услови. Доколку такво нешто се утврди, земјите-членки ќе имаат право да одлучат да запрат преговорите или да бидат суспендирани. Меѓу другите мерки кои ќе му стојат на располагање на Брисел ќе бидат суспензија на финансирањето, со исклучок на граѓанското општество, како и губење на бенефитите од поблиската интеграција, на пример, пристапот до програми на ЕУ и унилатералните концесии за пристап до пазари.

Останатите пет кластери кои ги предлага Комисијата ги опфаќаат сите преостанати поглавја по кои досега се преговараше. Тие суштински не се разликуваат многу од францускиот „нон-пејпер“ во кој се зборуваше за преговарачки „фази“. За разлика од Париз, Брисел сака уште во вториот кластер да се регулира слободното движење на луѓе и стоки, но прифаќа за земјоделската политика да се разговара дури на крајот на преговорите.

*2. Внатрешен пазар:

(1) Слободно движење на стоки;

(2) Слобода на движење на работници;

(3) Право на основање и слобода на давање услуги;

(4) Слободно движење на капитал;

(6) Закон за трговски друштва;

(7) Закон за заштита на интелектуална сопственост;

(8) Политика на конкурентност;

(9) Финансиски услуги;

(28) Здравствена заштита и заштита на потрошувачи.

Следниот, трет кластер, опфаќа 8 поглавја и е наречен

*3. Конкурентност и инклузивен раст:

(10) Информатичко општество и медиуми;

(16) Даноци;

(17) Економска и монетарна политика;

(19) Социјална политика и вработување;

(20) Индустриска политика;

(25) Наука и истражување;

(26) Образование и култура;

(29) Царинска унија

*4. Зелена агенда и одржлива поврзаност:

(14) Транспортна политика;

(15) Енергија;

(21) Трансевропска мрежа;

(27) Животна околина и климатски промени

*5. Ресурси, земјоделство и кохезија

(11) Земјоделство и рурален развој;

(12) Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика;

(13) Рибарство;

(22) Регионална политика и координација на структурни инструменти;

(33) Финансиски и буџетски одредби

*6. Надворешни односи

(30) Надворешни односи;

(31) Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

*Предлогот на Европската комисија не е конечен и официјален

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама