Европските лидери го тешат Заев: Не се откажувајте | Северна Македонија | DW | 18.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Европските лидери го тешат Заев: Не се откажувајте

Германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шведска и Словенија и многу други европски лидери денеска разговарале телефонски со македонскиот премиер Заев. Туск и Јункер зборуваат за „историска грешка“.

Блокадата на европските интеграции на самитот на ЕУ во Брисел во македонската влада предизвика разочарување кое во текот на денот се обидуваат да го санираат бројни европски лидери.

Германската и австриската канцеларка Ангела Меркел и Бригите Бирлајн на одвоени прес-конференции во Брисел веќе потврдија дека телефонски разговарале со Заев и му дале охрабрување да продолжи со работата.

„Ќе се обидеме преку блиски контакти со овие земји да ги сведеме последиците на најмало можно ниво. Но, ќе има, се разбира, разочарување. Денеска разговарав со Зоран Заев во Северна Македонија. Сакаме да се навратиме на темата“, рече Меркел попладнево.

Утеха понудија и претседателот на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер, оценувајќи дека ЕУ направила голема грешка. 

„Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, затоа што вие го завршивте вашиот дел, а ние не. Апсолутно немам сомнеж дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ“, рече Туск во Брисел.

Јункер го критикуваше недонесувањето на одлуката како „историска грешка“ и оцени дека „доколку ЕУ сака да биде почитувана низ светот, мора да ги одржува своите ветувања“. 

Од Владата ги потврдија телефонските разговори со европските лидери, но засега нема информации за ставот на премиерот по блокадата во Брисел.

„Од сите европски лидери стигна јасна порака со поддршка државата да продолжи по патот по кој тргна, да продолжи со реформите и интеграциите. Сите оддадоа јасно признание за сите чекори кои ги презеде Северна Македонија и дека ние сме целосно подготвени, но дека неколку земји на ЕУ не се подготвени“, брифираат од кабинетот на Заев. 

Според владини извори, Заев во текот на денот одржува консултации на различни нивоа за следните чекори. 

DW.COM

Реклама