1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент “за“

15 декември 2004

Европскиот парламент денеска во Стразбур им препорача на шефовите на држави или влади на Европската унија да донесат одлука за почеток на преговори за членство со Турција.

https://p.dw.com/p/AcJ1
Европарламентот во Стразбур
Европарламентот во Стразбур

Парламентарците препораката ја донесоа со големо мнозинство: 407 пратеници гласаа “за“, 262 “против. Сите предлози за алтернативна варијанта исто така со големо мнозинство беа одбиени.

Мислењето на пратениците за шефовите на држави или влади не е обврзувачко. Тие утре и задутре на самитот во Брисел мораат да ги расчистат спорните прашања. Отворено е всушност, кога точно да започнат преговорите. Спорно е исто така, дали во случај на неуспех, на Турција уште сега да и се понуди алтернатива за целосното членство, на пример, фаворизираното од страна на германските демохристијани “привилегирано партнерство“. На самитот, ставот на конзервативците ќе го застапува австрискиот канцелар Волфганг Шисел. За одлуката на самитот е потребна едногласност на шефовите на држави или влади.

Во меѓувреме, денеска од кругови на холандското претседателство на Унијата во Брисел проструи веста дека Европската унија очекува Турција на претстојниот самит де факто да го признае Кипар. Решавачко е Турција да го потпише дополнителниот протокол кон таканаречениот договор од Анкара за асоцијација меѓу Турција и тогашната Европска заедница од 1963 година. Во дополнителниот договор се спомнати сите десет нови членки на ЕУ, меѓу кои е и Кипар кого Турција досега не го признаваше. Владата во Никозија затоа се закани со вето против почетокот на преговорите со Анкара. Холандскиот премиер Јан Петер Балкененде во парламентот на неговата земја изјави дека е многу можно на самитот во Брисел да гласа за почеток на преговорите со Турција.