Европа здивна со олеснување по изборите во Австрија | Свет | DW | 05.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европа здивна со олеснување по изборите во Австрија

Здив на олеснување во Европа по победата на Александер ван дер Белен на претседателските избори во Австрија. Шефот на германската СПД, Зигмар Габриел, оцени: „На цела Европа ѝ падна камен од срце.“

Врвните политичари во ЕУ ја поздравија победата на Александер ван дер Белен на претседателските избори во Австрија. Успехот на Ван Дер Белен е „тежок пораз на национализмот, ретроградноста и антиевропскиот популизам“, напиша претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц на Твитер.Ван Дер Белен победи со својата јасна проевропска порака, смета Шулц.

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, изјави: „Во времиња на големи предизвици, натамошниот конструктивен придонес на Австрија во потрагата по заеднички европски решенија и зачувувањето на нашето европско единство е од одлучувачко значење.“

Францускиот претседаел Франсоа Оланд му честиташе на Ван Дер Белен на „јасниот и неспорен резултат“. „Австрискиот народ се одлучи за Европа и отвореност“, оцени Оланд. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, пак реагираше вака: „По победата на Трамп и гласањето за Брегзит, австриските избирачи покажаа дека разумот, толеранцијата и човечноста не се непознати зборови на изборите во ЕУ.“

„На Европа ѝ падна камен од срце“

Шефот на германските социјалдемократи Зигмар Габриел на Твитер напиша дека на „цела Европа ѝ падна камен од срце“ и му честиташе на Ван Дер Белен на изборот. Исходот од изборите, според Габриел, е „јасна победа на разумот против десниот популизам“.

И Христијанско-демократската унија реагира со олеснување. Генералниот секретар на ЦДУ Петер Таубер за агенцијата ДПА рече дека Ван Дер Белен сега има задача „да го обедини повторно австриското општество по долгата и остра изборна борба“. Таубер нагласи дека се радува многу на фактот што Ван Дер Белен ги решил изборите јасно во своја полза.

DW.COM

Реклама