„Европа е во процес на дезинтеграција“ | Свет | DW | 06.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Европа е во процес на дезинтеграција“

Не постои национално решение за тероризмот или миграциите. Тоа се различни нешта, но заедничко им е едно: за обете е потребно европско решение, вели во интервју за ДВ поранешниот италијански премиер Енрико Лета

ДВ: Велите дека бегалската криза многу влијае на Италија. Истовремено и ЕУ има многу проблеми. Дали во некоја смисла, ЕУ ја остава Италија сама со своите проблеми?

Знаете, проблемот не е тоа што една земја во одреден момент самата се грижи за своите проблеми. Земете ја Германија за пример: зарем Германија, пред неколку месеци кога прими стотици илјади бегалци, а остатокот од Европа не си го заврши својот дел од работата, не се почувствува напуштена од сите. Тука се работи за принципи. Јас во ЕУ не гледам јасен пристап за решавање на бегалската криза. Ние решаваме проблем по проблем, но не развиваме стратегија.
Мораме да развиеме неопходни инструменти за да ја пребродиме бегалската криза, исто како што сторивме за време на кризата на еврото. Тогаш ги сменивме договорите, воведовме Механизам за стабилизација (ЕСМ). Токму таков вид на акција ни е потребен и во бегалската криза. Мораме да направиме неколку измени во договорите, со кои би ги хармонизирале односите кон бегалците, да воспоставиме заедничка крајбрежна стража и гранична заштита. Такви мерки треба да се преземат.

ДВ: Имате ли впечаток дека европската идеја повеќе не е толку омилена како некогаш?

Апсолутно. Луѓето се помалку одушевени со Европа, а последицата е што и политичарите заради добивање гласови веруваат дека и тие треба помалку да бидат одушевени од Европа. Тоа значи дека ќе има се помалку европски интеграции. Знаете, постојат многу области за кои не постои национално решение: проблеми како борбата против тероризмот или односот кон мигрантските движења. Тоа се одвоени теми, но заедничко им е едно: за обете ни е потребно европско решение. Без европски договор ние немаме силен одговор, имаме само политика на неслога. Тоа е причина зошто и популистичките партии денес толку високо котираат. Не постои јасно решение за проблемите на луѓето и граѓаните затоа така реагираат.

ДВ: Дали сте загрижени поради претстојните избори во повеќе европски земји, како на пример во Франција?

Italien Machtkampf Regierung Renzi Letta ARCHIV

Матео Ренци и Енрико Лета

Следната година се одржуваат избори во Германија и Франција, најверојатно и во Шпанија. Доколку на тоа го додадеме и референдумот во Италија, имаме пред себе 12 месеци во текот кои, политичарите на четири големи земји на еврозоната мораат да застанат зад политиката која ја водат. Бидејќи ако и натаму мислиме дека мораме да ги сочекаме националните избори, тогаш постојано ќе мораме нешто да чекаме, а искрено, јас мислам дека европските проблеми не можат да чекаат 12 месеци. Ние сме веќе во процес на дезинтеграција. Доколку чекаме на изборите во Шпанија, Германија и Франција во септември 2017, стравувам дека дотогаш ќе ја нема повеќе Европа.

ДВ: Италијанскиот премиер Матео Ренци спомена дека Брегзит би может да биде шанса за Европа и за стопанството во Европа. Дали и вие така гледате на тоа?

Мислам дека тој со право рече дека сите бевме против Брегзит. Но, како што рече и Тереза Меј: Брегзит значи Брегзит. Обединетото Кралство повеќе не може да остане на бродот и ние мораме повторно да преговараме со Велика Британија. Сето тоа би било шанса кога 27-те членки, а посебно 19 членки на еврозоната, добро би размислиле за ЕУ и би започнале отпочеток. Како што би се рекло на латински: ex malo bonum или секое зло за добро. Брегзит е нешто многу лошо, но ние мораме да го искористиме како шанса за нов почеток.

Енрико Лета беше премиер на Италија од 2013 до 2014 година. Денес е декан на Париската школа за меѓународни односи (PSIA).

Реклама