Европа во 2022: Подготвени за „отворена битка“ | Европа | DW | 08.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Европа во 2022: Подготвени за „отворена битка“

ЕУ не ја победи пандемијата во 2021 година. Што доаѓа во 2022? Пандемијата, економијата, конфликтите во соседството и миграцијата остануваат најважни теми. Анализа на Бернд Ригерт.

Кога станува збор за Европската унија, погледот наназад во 2021 година и погледот кон 2022 година може да се сумираат во еден збор: пандемија. Борбата против пандемијата на коронавирус беше и ќе остане доминантна тема. Новиот германски министер за здравство Карл Лаутербах, чиј глас ќе биде важен во групата од 27 министри за здравство од земјите-членки на ЕУ, тоа веќе го стави јасно на знаење: „Пандемијата ќе трае подолго отколку што мислевме“, рече Лаутербах на почетокот од декември. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која, како и Карл Лаутербах, е дипломирана лекарка, рече дека самото појавување на четвртиот бран на пандемијата, кој деновиве ја држи Европа цврсто под контрола, е доволно лоша вест. Но, следното искушение би можело да дојде во 2022 година. 

Вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање 

„Се соочуваме со нова закана - наречена омикрон“, рече Фон дер Лајен во Брисел. ЕУ мора да преземе мерки против оваа нова варијанта со интензивирање на процесот на вакцинација. „Научниците веќе ни кажуваат дека вакцинацијата и дополнителната терапија нудат најсилна заштита од Ковид.“ Доколку е потребно, вакцините може да се прилагодат на мутации. ЕУ има склучено соодветни договори со производителите на вакцини.

EU-Kommission zu Corona-Pandemie | Ursula von der Leyen

Фон дер Лајен: Надеж во најдоброто, подготовки за најлошото

Во 2021 година Европската комисија, во име на 27-те земји-членки, набави околу милијарда вакцини за граѓаните на ЕУ. Уште 350 милиони се издвоени за меѓународната кампања за вакцинација Ковакс на ОН. Во новата година ЕУ ќе продолжи да набавува вакцини. Претседателката на Европската комисија вети помош за отворање производствени капацитети, особено во Африка, но и испорака на поголем број вакцини. „Ќе ги засилиме нашите напори за поддршка на Африка, каде стапките на вакцинација се најниски во светот“, вети Урсула фон дер Лајен на крајот на 2021-ва, додавајќи: „Целта во 2022 година е до средината на годината да се осигура дека ќе бидат вакцинирани 70% од светското население.“ 

Квотите во многу земји-членки се прениски 

Во 2021 година официјален Брисел првично бавно и со проблеми набавуваше вакцини, што наиде на жестоки критики во земјите-членки на ЕУ, а потоа процесот беше олеснет и забрзан. По бранот на зараза во текот на пролетта следуваше релативно опуштено лето. Во целата Унија повторно имаше одмор на плажа, ноќен живот, отворени училишта и половична безгрижност. Сепак, просечната квота за вакцинација од 66% од возрасните, којашто беше постигната во ЕУ, не беше доволна за да се спречи нов бран на инфекции есента и делумно да доведе до пренатрупаност на болниците во некои земји-членки.

Стапките на вакцинација во земјите-членки варираат во голема мера и се движат од 26 отсто во Бугарија до 82 отсто во Малта. Земјите-членки се самите надлжени за кампањите за вакцинација и за заштитните мерки, како што се задолжително тестирање или вакцинација на работа, во продавници, ресторани или училишта. ЕУ од Брисел можеше само да ја набљудува безнадежната мешаница од различни мерки и правила. Сепак, со помош на т.н. „Ковид-пасош на ЕУ“, внатрешните граници во Унијата останаа отворени.

Задолжителна вакцинација во ЕУ? 

Австрија и Германија сакаат да воведат општа задолжителна вакцинација. Грција, Италија и други земји тоа го предвидуваат за одредени професии или возрасни групи на населението. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така рече дека дебатата за задолжителна вакцинација е „соодветна и неопходна“. Министрите за здравство на ЕУ треба да имаат разговори што е можно поскоро во 2022 година околу тоа дали има смисла обврска за вакцинација на ниво ЕУ, бидејќи природно се поставува прашањето дали, на пример, Германија со барања за вакцинација во одреден момент ќе може или ќе сака да дозволи невакцинирани граѓани на ЕУ од други земји да влезат во земјата. „Да се ​​надеваме на најдоброто додека се подготвуваме за најлошото“, рече Фон дер Лајен, сумирајќи ја нејзината стратегија за пандемијата за 2022 година.

- повеќеЧетирите најголеми проблеми на ЕУ

Обнова и правна држава 

Економското закрепнување, кое во ЕУ повторно започна во 2021 година, мора да продолжи и да се зацврсти што е можно повеќе во 2022 година. Во одреден момент ќе мора повторно да се средат исцрпените буџети на земјите-членки на ЕУ. Програмата на ЕУ за обнова, тешка 750 милијарди евра, од која веќе се исплаќаат првите транши, помага за опоравување. Од програмата, која за првпат е финансирана со заедничко задолжување, главно профитираат земјите од југот и истокот на Унијата, пред сѐ Италија. 

Полска и Унгарија сѐ уште не добиле пари. Тие ги доставија своите инвестициски програми, но Европската комисија нема да плати додека не се реши спорот околу владеењето на правото во двете земји. 2021 година беше обележана со жесток спор околу правниот и вредносен систем на ЕУ, кои национално-конзервативните влади во Полска и Унгарија отворено ги доведуваа во прашање или отфрлаа.

Центрифугалните сили би можеле да станат уште поголеми во 2022 година. Сега, кога германската канцеларка Ангела Меркел, која водеше политика на помирување, ја напушти европската политичка сцена, може да дојде до „шоудаун“. Така барем најави унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Едно е сигурно. Ерата на нејаснотии, прикривање и одолговлекување заврши со заминувањето на Ангела Меркел. Сега се подготвуваме за отворена битка“, рече Орбан околу промената на власта во Берлин.

EU ringt um Finanzpaket I M. Morawiecki -und V. Orban

Полска и Унгарија сѐ уште не добиле пари од програмата на ЕУ за обнова (фото: полскиот премиер Моравјецки и унгарскиот премиер Орбан во Брисел, 24.09.2020)

Макрон сака да знае 

Во 2022 година сите очи ќе бидат вперени во Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон повторно се кандидира за претседател на изборите во април. Воедно ќе го преземе и претседавањето со Советот на Европската Унија. Во предизборната кампања против десничарскиот фронт, Макрон сака да покаже дека ја променил Европа како што вети. Тој сака да ја претвори ЕУ во стратешки и „суверен“ играч, особено на полето на надворешната политика. На „стратешкиот самит“ во пролетта 2022 година, тој сака да ги убеди преостанатите 26 земји-членки на ЕУ да ги дефинираат надворешнополитичките цели во однос на Кина, САД, Русија и остатокот од светот.

Затоа, надворешната и одбранбената политика на ЕУ треба повторно да бидат повеќе меѓусебно поврзани. Макрон, по прилично неодлучната Ангела Меркел,се надева дека ќе најде сојузник за своите планови во новиот германски канцелар Олаф Шолц. „Суверена“ Европа би можела да се соочи со својот прв тест на почетокот на 2022 година. Рускиот претседател наводно се заканува дека ќе ја нападне Украина кон крајот на јануари. Како треба ЕУ да одговори на тоа, а како НАТО? Балтичките земји и Полска долго време бараат поголема заштита и од страна на Европската унија.

BM Scholz trifft Emmanuel Macron in Paris

Макрон се надева дека ќе најде сојузник за своите планови во новиот германски канцелар Шолц

Драмата по прашањето на миграцијата 

Односот кон миграцијата, бегалците и правото на азил е предмет на постојана дебата во ЕУ, не само кога станува збор за границата со Белорусија, туку и на Ла Манш, Канарските Острови, Италија, Грција и Балканската рута. Во 2021 година ништо не се промени. Дали 2022 година ќе донесе решение? Одбрана, изолација или прием и распределба на бегалци и мигранти? Ова сѐ уште се клучни прашања.

Во меѓувреме, тврдолинијашите во врска со проблемот на миграцијата можат да ја замислат ЕУ и без право на азил. Такво е, на пример, мислењето на Балаш Орбан, заменик-министер во Унгарија. Сегашниот систем не може да ги запре луѓето на граница, се пожали тој. Амнести интернешнел, пак, ја обвинува ЕУ дека на своите граници ги поткопува човековите права и правата на азил и дека ги принудува мигрантите на опасни патувања.