Добри бизниси со шарени екрани | Економија | DW | 02.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Добри бизниси со шарени екрани

Божиќните празници се ближат, барем кога е во прашање потрошувачката електроника. Затоа трговците се сјатуваат на саемот на потрошувачка електроника ИФА (2.9-7.9) за да се снабдат за тој најисплатлив период од годината.

Економската ситуација во Германија во моментов е добра, платите пораснаа, но поради ниските (речиси непостоечки) каматни стапки, сѐ помалку пари завршуваат на штедните книшки. Наместо тоа Германците купуваат. „Поранешните светски прваци во штедење одат во шопинг“, се радува Ханс Јоахим Камп, шеф на Здружението за потрошувачка електронија (ГФУ). Неговата стопанска гранка живее од тоа, купувачите страствено да трошат.

Но, дали потрошувачот воопшто сака да поседува толку многу од сето тоа? Во првата половина на 2016 прометот на потрошувачката електроника опадна за 2,3 насто во споредба со истиот период во минатата година. Директорот на саемот ИФА Јенс Хајтекер заклучува дека е дојдено до определено заситување. „Пред неколку години беше забележан голем раст во продажбата на телевизори и пред сѐ смартфони и нашата гранка доживеа вистински бум“.

Кенкање на високо ниво

Во последно време лошо се продаваа персоналните и преносните компјутери, како и таблет-комјутерите. Уште полошо одеше продажбата на дигитални фотоапарати, камери, навигациски уреди и конзоли за видео-игри. Падот на прометот кај нив е дури двоцифрен. Причина за тоа е пред сѐ тоа што денес со секој смартфон може да се фотографира, снима, да се користи навигација и да се играат видео-игри. Производителите значи „кенкаат на високо ниво“. Според проценките на ГФУ во Германија годинава би требало да бидеат потрошени преку 27 милијарди евра за потрошувачка електроника.

Тоа е добар колач, и никој не сака да го пропушти. Затоа на годинешниот саем ИФА има преку 1600 излагачи од околу 50 земји. Навалицата е толку голема што 26 сали на традиционалната саемска локација во Берлин не се доволно. Саемот затоа по првпат се одржува на две локации во Берлин. Така, свој посебен простор ќе добијат технолошките достигнувања од областа на 3Д-печатењето и роботиката. ИФА во минатата година ја посетија околу 240 илјади луѓе, а трговците нарачаа производи во вредност од 4,35 милијарди евра.

Вниманието и оваа година е насочено на смартфоните. Тројца од четворица Германци денес користат мобилен телефон со интернет пристап. Во старосната група од 14 до 29 години се дури 95 насто. Експертите за 2016 година сметаат на нов рекорд од 28 милиони продадени смарфони, откако минатата година беа продадени добри 26 милиони. Прометот би требало да изнесува околу 10 милијарди евра.

Куќни апарати вмрежени преку интернет

Раст на прометот повторно е забележан и кај продажбата на телевизори. Таа во минатите пет години континуирано опаѓаше, но Европското фудбалско првенство и Олимпијадата во Рио се погрижија за раст од околу 4 насто во првата половина од годинава. Покрај тоа, минаа времињата кога само беше важно колку телевизорот е голем и тенок, вели директорот на ИФА, Јенс Хајтекер: „Уште поприродни, уште поинтензивни бои, уште поемоционално - така денес гласи девизата при купување на нов ТВ-уред“.

Вмрежувањето преку интернет на денешните електронски уреди стана стандард- без оглед на тоа дали станува збор за телевизори, преносни компјутери, камери и очила за виртуелна реалност, беспилотни летала, апарати за кафе или за перење алишта - не постои модерен електронски уред кој не би можел да се поврзе со интернет, по правило преку некоја апликација на смартфонот.

А што се однесува до виртуелната реалност: таа важи како „наредната голема работа“ на ИФА. Уредите со чија помош корисникот може да вплови во виртуелни светови се тренд на годинешниот саем. Една нова студија за прогнозата за трендовите годинава предвидува промет од околу 158 милиони евра во Германија на полето на виртуелната реалност. До 202 година тој би можел да достигне и една милијарда. Меѓутоа и кај овие уреди како и кај другите, на купувачот сѐ поважно му е едноставното ракување. Без оглед дали станува збор за стари или млади, речиси никој веќе не сака да троши време на комплицирана техника. Уредите мора да бидат направени така да можат лесно да се ракуваат и конечно - да функционираат што поедноставно.

DW.COM

Реклама