1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Телевизорот е аут, смартфонот ин!

Сабине Кинкарц/З. Јордановски3 септември 2015

Смартфони и вмрежување на апаратите годинава се тежиште на ИФА, саемот за електроника за забава во Берлин. Телевизорите како веќе да не се во мода. Надеж за добар бизнис браншата врзува за предбожиќниот период.

https://p.dw.com/p/1GQOP
Фотографија: Fotolia/manaemedia

Тие се нераздвоен дел од ИФА (Меѓународен саем на електроника за забава): огромни телевизиски екрани, секоја година со се’ појасна и пошарена слика, кои во меѓувреме достигнаа големина што веќе не можат да се сместат во нормална дневна соба. И годинава се изложени најнови модели на рамни екрани, но производителите ги мачи неубаво чувство, оти бизнисот не оди добро, токму како и кај камерите или таканареченото домашно кино: „Првото полугодие во 2015. кај класичната електроника за забава беше полошо отколку што прогнозиравме“, вели Ханс-Јоахим Камп, претседател на Надзорниот одбор на „гфу Консјумерс унд Хоум електорникс“, организатор на ИФА. „Знаевме дека нема светско фудбалско првенство, но и покрај тоа не предвидовме минус од 9,3 проценти“.

Наскоро ќе дојде Божик

Бизнисот со рамни телевизори со висока резолуција доживеа пад од 16,5 проценти, прометот изнесува само 1,8 милијарди евра. Телевизорот, навистина, и натаму е најкористен апарат од електрониката за забава, но се’ повеќе го стигнуваат мобилните апарати. Лошо оди и продажбата на стационарни ИТ-производи како деск-компјутери. Помала е и побарувачката на лаптопи и таблети, поради се’ поголемите мобилни телефони - смартфони, наречени „фаблети“.

Севкупно браншата годинава очекува минус од еден процент - и тоа само ако добро оди продажбата спроти Божик. ИФА е саем за нарачки, лани беа договорени испораки во вредност од 4,25 милијарди евра. Колкава е готовноста на Германците да купуват, што сакаат да набават во наредните месеци? Што ќе се најде под божиќната елка? На ИФА годинава се’ се врти околу овие прашања.

„ИФА се одржува во навистина идеален момент“, вели Камп. Секој знае дека главниот бизнис ќе биде направен во последните два квартала од годинава. „Тогаш потрошувачот е порешителен, кога е во прашање купување на висококвалитетни производи“. На ИФА се застапени сите главни играчи. „Кој не е на саемот, ќе го забележи тоа кога ќе види како се движи неговиот удел на пазарот“, нагласува Камп.

Vergleich Samsung Galaxy 6 und Iphone
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dalmau

Мрежното поврзување - битна карактеристика

Годинава учествуваат повеќе од 1.500 излагачи, сите капацитети на саемот се зафатени. Сега во Берлин доаѓаат и производители на компјутери, кои порано побргу се определуваа за саемот за компјутери ЦеБИТ во Хановер. Инаку, ИФА останува ознака на саемот, кој официјално се именува и како „Консјумер електроникс анлимитид“. А безгранично е првенствено мрежното поврзување на домашните апарати - без приклучок на интернет веќе ништо не оди. Сега само уште 18 проценти од сите апарати не можат да комуницираат меѓусебе и со интернет.

Се’ почесто и филмови и музика доаѓаат од интернет, понудувачите на музички стриминг бележат плус од 60 проценти. Но, на ИФА тешко може да се најде нешто навистина ново; многу повеќе се претставуваат трендовите од минатата година во усовршена форма.

Ништо без смартфонот

Смартфонот е клучен апарат - тој е централата која комуницира и управува со другите апарати. Ова се одразува и кај податоците за продажбата - годинава за првпат телекомуникацијата ја надмина класичната електроника за забава. Во првата половина од годинава беа продадени 11 милиони мобилни телефони, до крајот на 2015. бројката треба да достигне 25 милиони.

Смартфонот се надополнува и проширува и со таканаречените веараблс (мали апарати што се носат на себе), во кои спаѓаат паметни часовници и фитнес-гривни. „Тоа не е само за надворешен ефект, туку кој има такво нешто и го користи, тој е и задоволен со него“, објаснува Ханс-Јоахим Камп. „Пред една година го сметавме за речиси неможно, но годинава ќе бидат продадени 1,6 милиони парчиња“.

USA Wirtschaft Fitness Armband Fitbit
Многубројните алки не го мерат само пулсот на срцетоФотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Греење, машина за перење и робот-правосмукалка

Добар дел од саемот е пополнет и со таканаречената бела техника - машини за перење, фрижидери и се’ друго што може да служи за домаќинството. Голема улога игра енергетската ефикасност. Секој трет Германец е подготвен да го замени својот стар апарат за нов, кој троши помалку струја. Се разбира, се’ повеќе апарати за домаќинството се мрежно поврзливи. Умното домаќинство може да се управува со апликации преку смартфон. Умниот робот-правосмукалка може да се погрижи за ред во домот и кога домаќините се отсутни. На Германците сепак грижи им приредува безбедноста на податоците. Тука итно се бараат уверливи решенија.