Дипломатски аларм: Приоритет се реформите, а не законот за јазици | Северна Македонија | DW | 09.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Дипломатски аларм: Приоритет се реформите, а не законот за јазици

Треба да се разгледа редоследот на реформските приоритети, а законот за употреба на јазиците не е меѓу нив, порача францускиот амбасадор во Македонија, и повика да се остават настрана партиските интереси

„Македонија има други реформски приоритети,  законот за јазици  не е еден од нив, тој не е дел од европската агенда“, порача францускиот амбасадор преку тв-интервјуа.

„Тоа прашање (закон за употреба на јазиците- н.з) беше покренато за време на изборите и не станува збор да се стави под тепих, дотолку повеќе што ги слушнавме аргументите дека е дел од Охридскиот договор. Доколку постојат корекции и зголемувања на правата, се чини дека двете најголеми македонски партии беа согласни на таа тема во текот на преговорите за составување на Владата. Мислам дека треба да бидеме свесни за тоа. Од друга страна, постои европска агенда која притиска. Тие закони кои се подготвени, и за кои се разговарало и со опозицијата, сега се блокирани. Таа агенда е под закана да не биде спроведена во кратко време. Затоа треба повторно да се разгледа редоследот на приоритетите“, рече Тимоние во интервју за ТВ„24“.

Францускиот амбасадор потенцира дека врз основа на таа реформска агенда ЕУ ќе треба да се импресионира и да се изјасни за евентуална препорака за почеток на преговори.

Mazedonien Parlament in Skopje (Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski)

Реформските закони се во застој

Ни план Б, ни криза во коалицијата

Засега се во застој и реформските закони, и повторното донесување на Законот за употреба на јзиците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира работна група во која ќе бидат вклучени партиски претставници и експерти, односно тие ќе ги повлечат амандманите само ако се повлече и законот и се пристапи кон подготвување нов. ДУИ, пак, повикува партиите да го гласаат законот таков како што е, и каков што го прифатиле кога преговарале за влез во Владата. Амбасадорот Тимоние оценува дека партиските интереси треба да бидат оставени настрана.

„Часовникот отчукува. Ќе треба интересите на албанските партии да бидат тргнати настрана, но и на партиите од опозицијата, затоа што е очигледно дека поднесувањето 35.000 амандмани не е сериозна работа“, изјави амбасадорот.  

Повеќе на темата: 

Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку

Груби: ВМРО-ДПМНЕ е против закон за јазици што самата го прифати

Јазикот на глувите

Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

Пред три дена беше закажана, но не започна седницата на која требаше да се расправа за Законот за употреба на јазиците. Таа се одложи по барање на СДСМ за да му се даде шанса на дијалогот, по што претседателот на Собранието им даде на партиите рок од една недела да постигнат договор. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одби да го коментира рокот даден од Џафери, со став дека не е негово ниво да коментира ултиматуми. До денес не е започнат меѓупариски дијалог на таа тема, а во меѓувреме се зголемија шпекулациите дека поради овој закон се нарушиле односите во владината коалиција. Одговарајќи на новинарско прашање, ваквите гласини вчера ги демантираше Теута Арифи, потпретседателка на ДУИ и градоначалничка на Тетово.

„Немаме криза во коалицијата. А, во однос на меѓупартиските состаноци, ДУИ останува секогаш подготвена да учествува на сите состаноци каде што треба да даде придонес за надминување на сите евентуални разлики“, изјави Арифи.

Запрашан дали има план Б за донесувањето на Законот за употреба на јазиците, дециден беше и претседателот на парламентот, Талат Џафери: „Во врска со ова прашање, претседателот на Собранието нема планови А, Б, Ц, Д… Претседателот на Собранието пред себе има Устав и има Деловник за работа, и таму е регулирано сè. Јас не правам никакви договори, тоа е работа на партиите“, рече Џафери.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi (picture-alliance/AA/B. Ademi)

Талат Џафери: немам планови А, Б, Ц, Д…

Европски закон

Иако формално не спаѓа во сетот закони од т.н. европска агенда, од ДУИ потенцираат дека токму духот на Законот за употреба јазиците е исклучително важен за меѓуетничката кохезија, за демократијата, за европските вредности и европската иднина на земјата. Од партијата потсетуваат дека за донесувањето на Законот е воден дијалог со сите партии. Овој аспект го посочил пратеникот на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, на средбата со Кетрин Барнс, одговорна за Западен Балкан во британското МНР, со британскиот амбасадор Чарлс Гарет и со политичкиот секретар во Британската амбасада во Виена, Џереми Вилмшурст.

„Во однос на Законот за јазиците, Груби рече дека решение на ова прашање е разговарано, преговарано и договорено и претходно со ВМРО-ДПМНЕ и сега со СДСМ, додека јавноста дебатира за ова прашање веќе 16 години. Овој закон е шанса за опозицијата, за Иванов, но и за сите други да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество со заокружен нормативен дел на Охридскиот Договор. Груби коментираше и околу односите во коалицијата, при што истакна дека се одлични и покрај постојаните напори преку лажни вести, пропаганда и непостоечки ситуации да се нарушат односите“, се вели во соопштението од собраниската Комисија.

Но, сега се на тест приоритетите. Амбасадорот Тимоние, се повика на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека за овој закон чекале 150 години и ќе почекаат уште малку.

„Треба да се најде инспирација во неговата мудрост“, изјави за „Макфакс“ францускиот амбасадор, потенцирајќи оти многу поважно е земјата да го убеди Брисел дека македонската демократија е функционална.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

DW.COM

Реклама