Десницата и нацијата | Северна Македонија | DW | 29.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Десницата и нацијата

Македонската нација може да опстои само ако успешно и ненасилно се реферира себеси во однос на широкиот океан на Другите. На ова поле десницата има што да каже, ако сака и умее да го каже тоа. Колумна на Гордан Георгиев.

Десницата ја сфаќа нацијата премногу сериозно. Таа никако не успева да разбере дека светот во меѓувреме стана толку комплициран што романтизмите од 19-тиот век се засекогаш завршени, и неповратни. Глобализацијата која ја форсираше капиталот во рацете на десницата заврши како бумеранг во дворот на нациите толку обожавани од истата десница. Миграциите, социјалните бранувања, големите економски раслојувања, огромниот диспаритет во ГИНИ коефициентот - сето тоа оди на фактурата на десница. Но десницата и тука покажува дека има моќ за ревитализација. Таа редовно се покажува повитална од левицата. Бидејќи кога граѓаните се незадоволни, немаат што да јадат, а носителите на власта се корумпирани, нацијата секогаш им дава удобно прибежиште. Левицата го нема тој луксуз и таа примамлива вредност. Десницата може секогаш да се повика на нацијата, апелирајќи на тоа мистично единство на луѓе, традиција, споделено чувство на припадност, верба и вера во нешто. Во светот, па и во Македонија, таквото повикување на нацијата доаѓа со одредена цена. Високата цена што мора да ја плаќа десницата, а потоа и сите граѓани, е неминонвиот и секогаш примамлив глас на радикално десните сирени и неможноста да се акомодира во мултиетничките општества. Тогаш десницата станува ни риба ни девојка. Не може да опстои на радикално десниот спектар, а да претендира на освојување на власта и остварување на екстремно десната дистопија, а истовремено не успева да мобилизира доволно центар-десно гласови за да победи на избори и да биде во состојба да коалицира со Другиот.

Болшевички десен популизам

На десницата сепак не ѝ треба толку многу нацијата колку што таа мисли дека ѝ треба. Ако десницата сака да ја поистовети нацијата со државата (или државниот апарат), тогаш таа пројавува амбиции да ја „јавне“ државата, и неочекувано оди во болшевизам. Македонската десница на почетокот од независноста негуваше една чисто романтичарска, палео-конзервативна позиција. Секако, националистичкиот наратив беше присутен (Солун е наш, Албанците се потстанари во оваа држава), но од оваа временска дистанца се чини дека тој наратив бил беззаб т.е. само лаел, а не касал. Но, „десницата“ на Груевски долгорочно ја повреди програматската кауза и шансите за приклучување кон современите европски текови. Кога би погледнале подобро, и кога би го разграничиле декларативниот либерален конзервативизам на ВМРО- ДПМНЕ од вистинските практики на оваа владеачка партија од времето на Груевски, ќе дојдеме до една чудна и извитоперена политичка кованица која нѐ носи на трагата дека идеологијата на власта од 2008-2015 година може да се „спакува“ во една формула наречена болшевички десен популизам. Болшевички, бидејќи државата (апаратот) беше опседната со контрола на сите општествени процеси, со силен државен економски интервенционизам од советски тип и нагласена авторитарност и потреба за контрола на животите на граѓаните. Десен, бидејќи во суштина црпеше енергија од теориите на „крв и тло“, бидејќи не поднесуваше ништо што (им) беше туѓо и не-ариевско (странски непријатели, домашни предавници, Албанци, Грци, Бугари, педери и лезбејки и.т.н.), а нереално, механички и вештачки ѝ вбризгуваше лажна вознесеност на својата „раса“. И популизам, бидејќи напросто беше гола маркетинг агенција која имаше многу пари (наши пари) и ги поткупуваше сите главни медиуми во државата.

Други колумни од авторот:

Левицата и нацијата

Со Господ напред до предвремени избори?!

Тука врвниот авторитет најчесто се сосредоточува во лидерот на нацијата, претставен како татко на нацијата, и проектиран преку серија на симболични гестови и личности, уште поголеми „татковци“. Така, на нашата десница Гоце Делчев не ѝ беше доволен, туку ѝ требаше Александар и Филип Македонски. Пелагонија и Полог беа претесни, нам ни требаше Солунско поле. Европската Унија е подла и скржава, нам ни требаат Русија, Кина и Индија на Субрата. Овие класични авторитарни митологии длабоко навлегоа во порите на македонската нација и сите ние колективно ги ожнеавме штетните житарки од ваквата политика. Ваквиот чуден коктел на ослабување на егото и јакнење на нарцисиоидноста е во голема мерка плодна почва за масовни манипулации. Овде постои силна идентификација со лидерот и идеализација на истиот, и од друга страна, силна емпатија помеѓу членовите на групата, безмалку како да се сите едно големо семејство со еден татко. Оттука и доаѓаа силните непријателски импулси и нетрпеливост кон секој оној кој не е дел од големата фамилија.

Македонија на „немачите“ е загрижена за себе

Македонската десница ќе мора да вложи многу труд, знаење и политичка жртва за да може да ги поврати загубените позиции во општеството и да ја врати довербата на гласачите, а истовремено да може да биде во позиција да направи влада. Факт е дека македонската десница има инхерентно недоразбирање со граѓаните во услови на едно комплицирано мултиетничко општество, во коешто вистинското име на играта се нарекува консензуалност и капацитет за коалицирање со Другиот. И тука таа има проблем со нацијата која претендира да ја претставува. Таа е нелагодна во оваа игра и мора или да лаже (да кажува едно кај своите, а друго пред другите), или обилно да ги сервисира коалиционите партнери на клиентелистички и пазарџиски начин (Груевски и ДУИ) или да биде непрактично агресивна со ризик да биде маргинализирана и никогаш да не може да дојде на власт, дури и ако индивидуално освојува најголем број гласови. Судбината на Шешељ во деведесеттите, Златна зора во Грција, АФД во Германија или Ле Пен во Франција се инструктивен пример за македонската десница, која е дополнително обременета со невозможноста да направи влада без албански коалиционен партнер.

Десницата ќе мора да го изоди кривуливиот пат и да се врати кај своите поддржувачи, особено оние кои најмногу полагаа надеж во нејзините, сепак, лажни ветувања. Тоа е онаа Македонија која се раѓаше во пазувите на оние што би ги нарекле the have-nots, или оние коишто немаат, еве да ги крстиме „немачите“. Обесчестени, осиромашени, со одземени „ингеренции“ во културолошки и економски поглед, распослани на периферијата на големиот град и низ малите градови и села ширум државата, гледајќи од малите замандалени прозорчиња на нивните домашни тврдини, овие граѓани развиваа речиси оправдан реакционерен инстинкт, кој нема проблем да заврши во фашизам доколку „некој тоа добро им го објасни“ и доколку лаконски поставената партиска рака редовно го полева. Оваа Македонија на „немачите“ е загрижена за себе, и сопствената загриженост најчесто ја проектира кон Другиот: Албанец, Грк, странец, ЕУ, НАТО, а последниве десетина години таа проекција најчесто се врзуваше со домашните „предавници“.

Нацијата не мора да биде чиста за да биде задоволна

Десницата ќе треба да им објасни на овие луѓе дека со Преспанскиот договор сепак не ја загубивме државата, а за да ја зачуваме нацијата ќе треба да се потрудиме самите. Исто така, ќе треба чесно да им каже дека не постои можност да се повратат стекнатите (или изгубените, кој како милува) позиции со Преспанскиот договор. И дека македонската нација може да опстои само ако успешно и ненасилно се реферира себеси во однос на широкиот океан на Другите, без разлика дали тие други се Албанците дома или пак, на пример, Естонците во рамките на посакуваната Европска Унија. На ова поле десницата навистина има што да каже, доколку сака и умее да го каже тоа.  

Таа треба да се врати на старите позиции и да им покаже на своите гласачи дека помеѓу апстрактниот принцип на држава и конкретната материјализација на индивидуата има и мора да има нешто! Некакви интермедијарни институции и заемни практики. Семејство, тајфа, друштво, црква/џамија, невладина организација, задруга, уметнички ансамбл...нешто што ќе значи блискост и истородност, со целиот ризик таквата истородност секогаш да биде на граница да престапи во плотот на комшијата. Ако помеѓу индивидуата и државата постои бездна тогаш повторно би отишле кон авторитарна власт и тоталитарни изблици, во која државата знае сѐ и целосно го претставува (репрезентира) немоќниот индивидуалец. И дека нацијата не мора да биде чиста за да биде задоволна со себеси.

Дали ова го разбираат во нашата десница, којашто сѐ уште не би требало да си дава право да се нарече десница? Не сум сигурен...

DW.COM

Реклама