Денот кога Трамп прозвуче како претседател | Свет | DW | 06.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Денот кога Трамп прозвуче како претседател

Со повикувањето на единство и компромис, претседателот Трамп ги погоди вистинските ноти во својот говор за Состојбата на нацијата. За жал, рокот на траење на она што го кажа веројатно ќе биде кус, смета Михаел Книге

Како и во претходните две обраќања пред заедничката сесија на двата дома на Конгресот, претседателот Трамп одбра да се држи до напишаниот текст. И како резултат на тоа, може да се каже дека Трамп одржа речиси традиционален говор по повод Состојбата на нацијата, наместо типичниот претседателски излив на ставови кои вообичаено ги карактеризираат неговите говори.

За време на своето прво обраќање до поделениот Конгрес, Трамп не навреди ниту исмеа никого, не се закани дека ќе уништи некоја странска држава, па дури не се закани со прогласување на вонредна состојба за да го изгради својот посакуван ѕид на границата со Мексико. Всушност, тој не ги  ни спомена слоганите од кампањата „Да ја направиме Америка повторно голема“ и „Америка на прво место“, ниту еднаш.

Наместо тоа, говорот на Трамп беше еден надежен обид- прекинуван од сеење страв од илегалната миграција, напади врз Иран, критики кон сојузниците во НАТО- да се надминат партиските поделби во полза на новото национално единство.

Крај на блокадата

Трамп го повика Конгресот да и стави крај на „политичката блокада“, да ги „надмине старите поделби“, да ги „залечи старите рани“ и да „усвои дух на компромис и соработка“. Само сплотена, порача Трамп пред Конгресот, Америка ќе може да ги надмине длабоките поделби кои ја раскинуваат.
Најважно од сѐ, Трамп е во право. Во право е дека само со соработка и компромис можат да се надминат политичките поделби во земјата. Во право е дека трајно решение за американските проблеми како распаднатата инфраструктура, непристапната здравствена заштита, имиграцискиот систем и многу други, можат да се најдат само со надпартиска акција и компромис.

Проблемот е што Трамп, како што покажува неговото досие, е последната личност која е заинтересирана и способна за постигнување вистински компромис. Доколку светот нешто научи од неговото двегодишно владеење, тоа е дека вистинскиот компромис и надпартизмот се анатема за Трамп. Всушност, тој повеќе ја подели земјата од било кој од неговите претходници.
Само пред неколку недели, во обид да ги принуди Демократите да го финансираат неговиот „голем, прекрасен ѕид“, Трамп ја предизвика најголемата блокада на американската влада во историјата која имаше сериозни последици за милиони Американци.

Трамп отсекогаш го имал тој „или по мое, или никако“ пристап- за време на кариерата како бизнисмен и сега како претседател. Трамп во повеќе наврати изјавуваше дека за него најважно е да се победува по секоја цена.

Мирниот Трамп нема да трае

Секако, зборовите на Трамп за време на обраќањето делуваа надпартиски, и во правец на единство и компромис. Мора да се честита таму каде што треба, а оние кои му го пишувале говорот на Трамп изградиле неколку мудри и потресни пасажи, на пример, во делот во кој Трамп подвлече дека во Конгресот никогаш досега немало толку жени. Како резултат на тоа, некои набљудувачи веројатно ќе заклучат дека Трамп конечно звучеше претседателски и дека можеби овој говор ќе претставува пресвртница во неговото владеење.
Надежта никогаш не умира. Но да не се занесуваме по еден формален говор. Според сето она што го научивме од Трамп досега, искажаните зборови не го откриваат вистинскиот Трамп. Вистинскиот Трамп се открива секојдневно на Твитер и со своите дела, а не еднаш годишно кога чита говор од телепромптер. Оттука, неговите повици за надпартизам и компромис би можеле да траат до следниот негов твит.

DW.COM

Реклама