Дали е Македонија „држава заробена од корупцијата“? | Македонија | DW | 10.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Дали е Македонија „држава заробена од корупцијата“?

Бројот на администрацијата достигнува бројка од околу 130 илјади лица. Неколку анализи укажуваат дека меѓу неа се повеќе виреат разновидни облици на корупција, а експертите посочуваат на повисоките раководни нивоа.

„Не остана институција каде што не упатив претставки, жалби и други поднесоци. Ги информирав Министерството за правда, Комората на извршители, Републичкиот судски совет и секоја друга институција, која што која сметав дека треба, но сите тие ги успоруваат процесите” - ова го изјави граѓанин што имал претходно пријавено, според сопствено тврдење, случај на корупција. Тој граѓанин учествувал во разговорите во три „фокус - групи“ за потребите на истражувањето на „Транспаренси Интернешенел - Македонија“, реализирано во мај, јуни и септември годинава вкупно со 15 лица од Скопје, Охрид, Велес, Гостивар, Битола, Тетово, Куманово и Штип. „Транспаренси Интернешенел - Македонија“ ги изнесе резултатите од истражувањето пред неколку дена во Скопје. „Граѓаните што биле жртви на измами и манипулации пројавуваат голема недоверба кон институциите на државата, поради непостапувањето во однос на пријавите како и споровите кои се водат во судовите. Главна причина за неуспешното решавање на случаите, која учесниците ја посочуваа во текот на дискусиите, е незаинтересираноста од страна на институциите, но и непостапувањето од нивна страна. Постојат и такви кои пријавиле корупција и други незаконити и недозволиви дејства во надлежните институции, а поради тоа претрпеле одредени последици,“ се наведува во завршните согледувања на споменатото истражување.

Напоредно со истражувањето на „Транспаренси Интернешенел - Македонија“, претставена е и анализата на Институтот за демократија од Скопје за ефикасноста на системите за пријавување на корупција во оваа држава. Во таа анализа, индикативно насловена „Замислете дека сте слабо платен службеник...“, нејзиниот автор Миша Поповиќ - истражувач и проектен координатор во Институтот за демократија вели: „Постои високо ниво на корупција во јавниот сектор, постојат докази за злоупотреба во вршење на јавните набавки, изборно лажирање и проневера. Прилично се неефективни механизмите за пријавување случаи на корупција. Македонија се става во улога на ’заробена држава’ начин на управување кој и победничката и губитничката страна го прифаќаат како средство за завршување на работите. Нужно е јавните институции да покажат политичка волја да се справат со високото ниво на корупција и државна контрола. целосна контрола врз државата - врз главните гранки на власта (вклучувајќи го и судството), како и економијата.“

Дојче Веле ги праша Државната антикорупциска комисија и Министерството за информатичко општество и администрација: колкави се реалните можности за појавување корупција меѓу службениците во јавната и државната администрација на локално и централно ниво и дали имало пријавени и потврдени случаи не само на финансиска корупција - барање и добивање финансиски поткуп, туку и други видови непарични коруптивни однесувања? На прашањата доставени преку електронска пошта од Антикорупциската комисија не беа доставени одговори, а споменатото министерство во своите одговори укажува: „Како министерство согласно со своите законски утврдени надлежности не располагаме со информации за такви коруптивни однесувања. Ние и во 2015 година го реализиравме циклусот на повеќе еднодневни обуки на тема 'Антикорупциски мерки и етика во администрацијата', со цел да се опфатат колку е можно поголем број службеници. Третирани се примената на ’Законот за спречување на корупцијата’, ’Законот за судир на интереси’, ’Кодексот за административните службеници’, примената и на меѓународните антикорупциски конвенции, стратегиските документи и акциски планови за превенција на корупцијата и судирот на интереси, националните и меѓународните стандарди за етика во администрацијата, како и работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата. Учесници во обуките се административни службеници од сите категории и нивоа. Министерството за информатичко општество и администрација останува посветено на унапредувањето на културата на пријавување коруптивни однесувања меѓу администрацијата.“

Околу димензиите на корупцијата во Македонија Миша Поповиќ изнесува фрапантни податоци и проценки во својата спомената анализа. „Корупцијата е сеприсутна појава во Македонија. Резултатите од анализата покажуват дека повеќе од милион возрасни граѓани во Македонија (целокупната возрасна популација се проценува на околу 1,6 милиони) се подложни на корупција. Овие граѓани попрво би се приспособиле на дадена корумпирана ситуација отколку да ја пријават, а само помалку од една третина од возрасната популација во земјата би поднела претставка. Проценките укажуваат дека речиси секој втор граѓанин, кој имал некаква интеракција со јавните институции, морал да се послужи со поткуп, во форма на подарок, готовина или услуга за услуга. Јавните институции добиваат претставки за коруптивни случаи, кои се бројат само во стотици. Ако се разгледуваат предметите за кои се покренува постапка од јавниот обвинител и ако се споредуваат со бројот на проценети предмети за ситна корупција, тогаш ќе се согледа дека со кривично гонење завршуваат само околу 0,4 отсто од трансакциите, кои вклучуваат поткуп.“

Граѓаните имаат можност да пријавуваат случаи на корупција и во канцеларијата на „Транспаренси Интернешенел - Македонија“. Во врска со тие пријави д-р Слаѓана Тасева, претседателката на оваа невладина организација посочува за ДВ: „Врз основа на пријавите кои се поднесени од граѓаните во нашата канцеларија можеме да ги издвоиме следниве облици: поткуп, односно, ситна корупција, потоа слоупотреба на службената должност и овластувања, непотизмот (роднинството) и неефикасноста на аdминистративните службеници. Платите на администрацијата често се наведуваат како причина за корупција, но, не се основниот мотив за тоа. Постојат многубројни мoтиви, а кон корупцијата придонесува и недостигот на механизми за превенција и контрола, како и неефикасноста на институциите за прогон.“

Д-р Драган Гоцевски, експерт за јавна администрација од државниот Правен факултет во Скопје: „Корупцијата во државната администрација сфатена како злоупотреба на службени овластувања за здобивање материјална, или финансиска корист за себе или за блиски, можеме да ја бараме во неколку аспекти од работата на администрацијата. На прво место е т.н. политизација, односно во самиот процес на селекција на административни службеници. Од извештаите за состојбата на Македонија, кои ги објавува Европската Комисија, неколку години наназад добиваме критики дека се бележи поголемо влијание на политичките партии (на власт) врз вработувањето на административни служеници. ’Политичките’, ’партиски’ вработувања се особено штетни за администрацијата. Не само што го заобиколуваат начелото на меритократија, туку и лицата вработени под партиска патронажа остануваат во ’постојан долг’ кон политичката партија, која влијаела токму тие да бидат вработени. Противуслугите може да се однесуваат не само на обврската за гласање, односно, приврзаност и лојалност кон политичката партија и врз однесувањето на службениците во службата и надвор од неа заради обезбедување сигурна егзистенција.”

Професор Гоцевски дополнува: „Повеќето административни службеници, особено од пониските звања немаат голема самостојност во својата работа, односно самостојно не носат одлуки. Решенијата ги потпишуваат функционери, или лица овластени од функционер (министри, директори, државни секретари, раководители, или други службеници, кои со решение на министер се овластени да постапуваат по одредени прашања и постапки). Ако има потешки облици на корупција јас би ги лоцирал во највисоките ешалони на службата и во политичките именувани функционери. Референт во архива не може сам да одлучува за широк круг на прашања без знаењето на претпоставен.“

Во врска со претстојниот период на интензивна предизборна кампања, Тасева укажува: „Во наредните месеци се очекува засилување на политичката корупција преку најразлични форми на влијанија и доделување погодности со цел да се добијат гласачи. Заканата над вработените во администрацијата можеби нема да се спроведува со барање списоци, но, сепак е латентно присутна, како и поткупот кој се случува со одлуки за субвенции и различни бенефиции ред изборите.“

Во својата „Програма за работа во периодот 2014–2018 година“, Владата уште на самиот почеток на овој документ има посочено дека „останува на утврдениот курс за остварување на стратегиските приоритети на Република Македонија“, меѓу кои е спомената и „бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот, како и и ефикасно спроведување на правото“. Граѓаните на оваа држава, нејзиниот невладин сектор, но и меѓународните фактори, а во прв ред и европските институции, се повеќе ги искажуваат своите очекувања да и‘ се застане на патот на корупцијата како појава која ги поткопува демократијата и владеењето на правото, ги нарушува човековите права, ги прави пазарите нефункционални и го уништува квалитетот на животот.

Реклама